Добивај вести на Viber
Денеска Еврокомесарот за проширување Штефан Филе ќе го објави новиот извештај за напредокот на Македонија, при што се очекува земјата да ја задржи препораката за почеток на преговори со унијата, што се разбира не мора ништо да значи, со оглед на политичките бариери пред кои е исправена Македонија во евроатлантските интеграции.
Во однос на економските критериуми се очекува дека ќе биде констатиран извесен напредок, но и ќе се побара дополнителен напор во одредени сфери.
Можно е да се нотира натамошен прогрес кон создавање функционална пазарна економија и намалување на трговските бариери, но речиси сигурно комисијата ќе нотира дека се потребни дополнителни напори со цел подобрување на судството за поефикасно постапување со економските предмети и по економските спорови.
Монетарната политика е стабилна, фискалната исправена пред предизвици. Како воопшто да се затвори годината, во услови кога земјата должи кон домашните субјекти големи суми за поврат на ДДВ, и за завршени работи? Оваа година ќе се нотира дека балансираноста на надворешно трговската размена е нарушена оти во првите 8 месеци од годинава пад имаа и увозот и извозот на стоки, но извозот паѓаше со поголема стапка од увозот.
Наспроти финансиската криза од пред неколку години кога, поради малата изложеност на македонските банки на штетните влијанија од меѓународните финансиски движења, земјава излезе прилично неоштетена во финансискиот сегмент, сега ќе се нотира дека должничката криза во Европа лошо се одразува на македонската економија која влезе во рецесија по падот на економијата две тромесечја по ред. Сето тоа се одрази и на нискиот прилив на странски капитал.
Во извештајот, меѓу другото, ќе се констатира висока стапка на невработеност, особено меѓу младите и лицата со пониско образование.
Во однос на функционирањето на јавната администрација се очекува да се посочи дека се потребни натамошни напори за да се обезбеди транспарентност, професионализам и независност на услугите кон граѓаните, како и подобрување на правилата за вработување според мерливи критериуми. Извештајот веројатно ќе нотира и дека трансформација на големиот број привремени вработувања во постојани, што стана пракса во последно време, во голем дел од случаите не бил согласно бараните критериуми.
Како и секоја година, овој извештај нема да биде позитивен или негативен, туку ќе биде објективен, а во зависност од начинот на кој го читаат политичките субјекти ќе добива вакви или онакви етикети. Минатата година премиерот Груевски остро ги нападна евробирократите, велејќи дека негативните елементи во извештајот намерно се потенцираат, за Брисел да си создаде алиби што Македонија веќе седма година откако е земја кандидат не може да ги почне преговорите.
Р.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.