Добивај вести на Viber
Судската администрација од утре стапува во тридневен штрајк. Од Синдикатот на управата и правосудните органи (УПОЗ), и здруженијата на граѓани и на судска администрација (ЗСА)велат дека ваквата одлука ја донесле откако неупеале да се договорат со Владата. Штрајкот ќе три дена, а во петок ќе заврши со протестен марш. Едно од барањата на УПОЗ и ЗСА е зголемување на платите.
-Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација (ЗСА) на одржаниот предупредувачки штрајк одржан на 03.12.2016 година, истакнаа едно единствено барање, а тоа беше измена на Законот за судска служба. Овој пат покрај ова истакнато барање се бара и зголемување на платите на вработените во судската администрација, исплаќање на зголемувањето од 5% на јавната администрација и враќање на работното време од 07:30 до 15:30, вели за Фактор Трпе Деаноски, генерален секретар на Синдикатот на УПОЗ.
Од УПОЗ велат дека по предупредувачкиот штрајк кон крајот на минатата година имале средба со министерот и заменикот министер за правда како и со претседателот и заменик претседателот на Судскиот совет и беше ветена соработка, на која се расправало за нивните барања. Тогаш било договорено да се формира работна група составена од претставници на Синдикатот на УПОЗ, ЗСА и Судскиот совет.
-Работната група подготви нов предлог текст на Законот за судска служба во кој беа опфатени сите предлози и забелешки на Синдикатот и ЗСА. Подготвениот предлог текст на Законот беше предаден во Министерството за правда и беше побарано итно разгледување на истиот, прифаќање на предлозите и отпочнување постапка за усвојување нов текст на Законот за судска служба. Но, оттогаш до денес, Министерството за правда ги проби сите рокови и не се произнесе по предлозите. Синдикатот на УПОЗ и ЗСА беа трпеливи и во неколку наврати ги пролонгираа роковите дадените до надлежните органи со надеж дека ќе бидат прифатени. За жал наидовме на незаинтересираност за изнаоѓање заедничко решение и бевме приморани да продолжиме со понатамошни активности за исполнување на нашите барања, вели Деноски.
За време на штрајкот судовите ќе работат со скратено време
Утре и во четврток штрајкот ќе се одржува во судовите во рамки на полното работно време, а од 10 до 11 часот штрајкувачите ќе излегуваат надвор пред зградите. Од УПОЗ и од ЗСА велат дека за време на штрајкот судовите ќе работат со мимимум капацитет.
-Согласно предвиденото со Закон, вработените за време на штрајкот ќе ги преземат оние активности со кои ќе обезбедат минимум непречено извршување на функциите на судот. Сите рочишта ќе бидат одложени освен оние кои се итни (времени мерки, кривични дела со притвор, постапки со странски елемент и обезбедување докази и тестамент). Останатите закажани рочишта и претреси нема да се одржуваат. За време на одржување на штрајкот, вработените во судовите нема да бидат на своите работни места, а штрајкот ќе се спроведува во холот или друга заедничка просторија на судот. Дел од штрајкот во траење од 1 час дневно, во периодот од 10,00 до 11,00 часот, ќе се помине пред зградата на судот, вели Деаноски.
Во декември лани вработените во судската администрација имаа предупредувачки штрајк и два часа не работеа. Тогаш освен барањата за зголемување на платите, измени на законските регулативи, обвинија дека се нереално оценувани за успешноста во работата и дека партиската книшка е клучна за напредок и вработување во судкста администрација. И лани и сега синдикалците велат дека ќе има поголем притисок врз вработените да не штрајкуваат.
Т.С