Кој е македонски текстилен гигант? Прилепска конфекција со приход од 25 милиони евра
Објавено во: Економија, Анализа 05 Ноември, 2019
Истражувањето на „Фактор“ покажа дека највисоко и ретко постигнато достигнување во нашата текстилна индустрија е профитна маргина која надминува 5 отсто и ја има само една од девет рангирани компании во истражувањето на „Фактор“. Убедливо најголем меѓу текстилците е прилепски „Комфи Ангел“ компанија што лани имала вкупни приходи од 24,9 милиони евра, а од нив 4,4 отсто се профит. Има ли магична формула со која може да се зголемат платите на вработените, а притоа профитната маргина да остане макар и ваква „тенка“
Конфекционерството е една од клучните гранки на македонската трудоинтензивна економија. Во последно време оваа индустрија која апсорбира голем дел од расположливите работнички ресурси е во жижата на македонската јавност заради „боксирањето“ меѓу Владата и стопанствениците околу ризиците и предностите кои ги носи зголемувањето на минималната плата.
Газдите на текстилните компании т.е. производители на конфекција и трикотажа високо го кренаа штитот против предлозите за зголемување на минималната плата. Очекувано дека ќе бидат против предлозите и намерите на Владата, но никој не очекуваше предлози од типот на зголемување на работното време во текстилната индустрија и намалување на бројот на државни празници за работниците во оваа трудоинтензивна дејност. Нивните предлози ги осуди широката јавност, а инфлуенсери на социјалните мрежи ги дочекаа со цинизам и мајтап нивните предлози.
Кои се големите текстилни компании и колку пари заработиле лани? Колку луѓе ангажираат и колкави се нивните приходи од продажба лани?
Преку овие одговорите на овие прашања ќе направиме обид на јавноста да ги приближиме состојбите во текстилната индустрија преку фактите за работењето на девет компании од дејноста. Да не заборавиме, оваа индустрија лани ангажирала околу 35.000 вработени.
Газдите текстилци бараат подолго работно време: Работниците ги плаќаме за осум часа, а работат седум ипол
Девет текстилни компании (четири штипски и по една од Скопје, Делчево, Кочани, Ресен и Прилеп) лани направиле приходи од продажба во вкупен износ од 42,6 милиони евра. Овој приход го направиле вредните раце на 2.607 вработени. Профитот на овие девет компании надминува 1,5 милиони евра.
„Ѕвер“ помеѓу текстилните компании е прилепската конфекција „Комфи Ангел“. Лани нејзините 870 вработени направиле производи од кои компанијата приходувала 24,9 милиони евра. Нејзиниот профит лани е 1,1 милиони евра. „Комфи Ангел“ е убедливо најголемата компанија помеѓ деветте конфенции чии податоци ги обезбедивме преку базата на Централниот регистер на Македонија (ЦРМ). Профитот на прилепскиот гигант е 4,4 отсто од приходот од продажба.
Догогодишниот бренд меѓу конфекционерите „Окитекс“ од Скопје е втор на нашата ранг листа според остварени приходи од продажба. Неговите 483 вработени лани произвеле 5,14 милиони евра и од тоа како профит останале скромни 74.500 евра. Тоа е само 2,3 отсто од остварените приходи.
Штипската конфекција „Албатрос“ е трета на листата. Нејзините приходи лани биле 3,9 милиони евра, ангажирала 388 вработени, а профитот е само 78.000 евра. Добивката е само 2 отсто до вкупниот приход.
Во конфекциите кои имаат годишен приход што надминува милион евра се уште кочанската фирма „Алма“ и штипските конфекции „Линеа“ и „Грандтекс“. „Алма“ лани ангажирала 112 вработени кои имаат вкупен приход од 3,13 милиони евра. Компанијата остварила профит од 170.000 евра. Нејзината профитна маргина е 5,4 отсто. „Линеа“ има приход од 1,83 милиони евра, а профитот изнесувал само 1 отсто. Оваа компанија лани ангажирала 290 вработени. „Грандтекс“ од Штип лани инкасирал 1,46 милиони евра. Од тоа профит останале 70.250 евра или 4,8 отсто од приходите од продажба. Оваа компанија лани ангажирала 210 вработени.
„Хатекс“ од Ресен е единствена текстилна компанија што работела со загуба. Загубата е 59.000 евра, приходите биле 932.000 евра, а компанијата ангажирала 189 вработени лица . Штипски „Астибо Бејзик“ е компанија што со своите 30 вработени лани остварил приход од 750.000 евра и добивка од 25.000 евра што е 3,3 отсто од приходите.
Р.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.