Кој е сопственик на оваа земја?
Објавено во: Балкан 28 Мај, 2013
Не толку одамна, Леонидас Хамодракас, адвокат од Атина, одлучил да обрне посебно внимание на имотот кој го поседува неговото семејство - малку земја, неколку згради и огромна камена кула - во Мани, во руралниот регион во јужна Грција.
Но сопственичкиот однос во Грција често не е чист. Така Хамодракас ставил катанец на портата и чекал да види што ќе се случи. Набрзо, му се јавиле соседите. Тројца од нив тврделе дека и тие исто така поседувале дел од неговиот имот.
Во ова доба на сателитски снимања, дигитални записи и инстант размена на информации, поголемиот дел од документите за трансакции на имоти во Грција се уште се на рака запишани во тефтери, наведени според презимето. Не според бројот на парцелите. Без јасно нацртани граници и околчувања. Без очигледен доказ да се каже дали двајца или десетмина имаат документирана сопственост на истиот имот.
Додека Грција се обидува да се извлече на патот од економската криза која е со историски димензии, кога 60 проценти од младите луѓе се без работа, мнозина експерти го наведуваат недостигот од документи за земјиштето како една од најголемите пречки за прогрес. Тоа ги одвраќа странските инвеститори; отежнува државата да го приватизира државниот имот, затоа што тоа го вети во размена за добивање на пакети финансиска помош; а тоа прави просто невозможно да се соберат даноци на имот.
Грција се настрои кон собирање даноци според сметките за електрична енергија, како начин да се натераат сопствениците да платат даноци. Се разбира, тоа значи дека празните имоти и земјоделското земјиште допрва треба да бидат оданочени.
Хамодракас е далеку од решавање на спорот со неговите соседи. Судовите во Грција се преполни со слични случаи. „За нивно решавање се потребни години“, рече тој, „можеби и цела деценија“.
Овој внатредржавен проблем е посебно комплициран затоа што Грција во изминатите две децении потроши стотици милиони долари на овој проблем, но има малку резултати. Во еден момент, на почетокот од 90-ите, Грција зема повеќе од 100 милиони долари од Европската Унија за да го среди својот катастар. Но откако виде што беше направено, Европската Унија си ги побара парите назад.
Оттогаш, Грција се обидуваше и повторно се обидуваше. Но сепак, само помалку од седум проценти од земјата беше соодветно документирана, велат службени лица. Експертите велат дека дури и балканските држави, кои се опоравуваат од децениите комунистичко владеење и од граѓанските војни, се далеку пред Грција кога станува збор за документирање на земјиштето на зонските мапи - пристап кој го развиле римјаните и кој се уште нашироко се користи во развиениот свет уште од почетокот на 19-иот век.
Но не и во Грција. Тука размерот на земјишни спорови е огромен, велат експертите.
„Ако го пресметате сиот имот кој е документиран“, вели Димитрис Калудиотис, инженер кој минатиот месец застана како претседател на националната Дирекција за регистрација на земјиштето, „земјата би била двојно поголема отколку што е сега“.
Некои експерти велат дека се сомневаат дека постои политичка воља за решавање на проблемот. Армија адвокати, инженери и архитекти, живеат од постојаните натегања околу сопственоста на имоти, и за тоа каков вид на развој е потребен на тие земјишта. А недостигот од зонски мапи за некои се покажа како профитабилен. На пример, истражувачите открија дека огромни потези на заштитени шуми во последниве години биле развиени, откако големите пожари го расчистиле земјиштето.
Спирос Скурас, економист на атинскиот Унивезритет за економија и бизнис, кој открил дека бројот на пожарите нагло се зголемил за време на изборните години, вели дека решавањето на проблемот со земјиштето, еднаш и засекогаш, е токму политички отежнато. „Секоја влада која ќе дојде некого ќе разочара, а ниту една влада не сака да преземе одговорност“.
Споровите околу земјиштата се помалку болни во урбаните центри, каде тротоарите, улиците и ѕидовите на зградите помагаат да се расчисти сопственоста. Но во селата, имотите покажуваат друга слика. Граници можат да бидат „три маслинови дрва во близина на бунар“, или точката каде „можете да слушнете како магарето минува по патот“.
„Има луѓе кои никогаш не оделе на училиште - кои имаат сто овци - и тие би фрлиле камен и онаму каде каменот ќе падне, ќе речат `Во ред, до тука е мое`“, вели Хамодракас, кој во прилог на неговиот проблем посредувал во решавање на многу сопственички спорови за клиенти. „На документите можеби ќе стои `од дрвото до потокот`. Многу е тешко да се знае за што станува збор“.
Тој вели дека неговиот спор доаѓа од јазикот кој е поврзан со продажбата која одамна се случила. „Во докуменотот стои дека мојот пра-прадедо купил пасиште со детелина и земјиштето околу него. Но дали тоа значи 20 метри околу детелината, или пак 2000 метри?“
Експертите велат дека Грците се неверојатно опуштени со висок степен на нерегуларност кога станува збор за продажба на недвижен имот. Стелос Пацумас, архитект во Атина, вели дека повеќето куќи се без регуларни документи. Законите за згради се толку заплеткани, контрадикторни и застарени што е практично невозможно да се гради без да се прекрши некој од законите. На пример, неодамна од него било побарано да изгради летен камп за деца. Според законот, тоалетите мора да бидат направни на 50 метри од шаторите, што е оставштина од деновите на куќи со тоалети во дворовите.
Повеќето луѓе кои се вклучени во бизнисите со недвижности велат дека овој внатредржавен проблем влече корени од заплетканата историја на земјата. Грција доживеала долга серија на окупации и војни, како и бранови емигранти кои дошле од селата во градовите. Ова значи дека земјиштата биле воглавно напуштани, барем за некое време. Еден од проблемите е да се одреди кој што поседува, е тоа што во многу случаи користењето на земјиштето во период од 20 години автоматски ве насловува како негов сопственик.
Кредиторите на Грција - Европската Комисија, ММФ и Европската централна банка - ставија до знаење дека сакаат да видат прогрес во документирањето на земјиштето и зонското мапирање, наречено катастар, и тој процес да се забрза. Меѓународни експерти ја посетија Грција во изминатата година и нудеа совети.
Тие заклучиле дека неодамнешните назадувања произлегуваат од лошиот процес на спроведување тендери, што резултира со скапи и неефикасни договори. Џулиус Ернст, еден од експертите од Австрија кој учествувал во мисијата на докажување на сопстевеноста, вели дека владата не е доволно јасна во дефинирањето што всушност сака да стори и како. „Беа потрошени многу пари, а никој не знае каде тие отишле“, вели Ернст.
Сега целта е ова да се заврши до 2020, иако грчките власти велат дека е тоа премногу оптимистички. Тие велат дека на крајот, Грција ќе потроши најверојатно 1,5 милијарди долари во расчистувањето на овој проблем.
Единствениот дел од Грција кој има регистрирано земјиште и катастар се Додеканеските острови, затоа што биле окупирани од Италијанците од 1912 до крајот на Втората светска војна. Земјиштето на островите, меѓу кои се и Родос и Кос, се уште се раководат според италијански закон.
Но и таму има проблеми. Катастарските мапи никогаш не биле апдејтувани. Записите ги вклучуваат и брегот кој одамна е еродиран, и патиштата кои некогаш биле користени за магариња и кои исто така одамна ги нема. И покрај ова, жителите таму велат дека се благодарни за документирањето, кое се уште стои во огромни зелени книги кои Италијанците ги користеле за да ги впишуваат имотите.
„Мора да сфатите дека е ова огромен напредок во однос на останатиот дел од Грција“, рече Афродити Билири, адвокатка која работи на Кос и решава многу спорови со сопственоста на земјиштето.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.