Добивај вести на Viber
Султанот од Брунеи, Хасанал Болкијах, важи за еден од најбогатите луѓе на светот. Неговото лично богатство се проценува на 20 милијарди американски долари, но како апсолутен монарх на Брунеи тој ужива во богатството на својата земја, позната по залихите на нафта и природен гас.
Ултра-богатиот султан, кој го обожава животот на „висока нога“ и луксузот, е прилично контроверзна личност, особено откако одлучи во својата земја да го воведе строгото шеријатско право, код вклучува каменување за прељубниците и хомосексуалците.
Западните медиуми го нарекуваат „султанот-хомофоб“, а организациите за заштита на човековите права и холивудските ѕвезди ги бојкотираат неговите хотели во знак на протест за овој негов потег. Веста дека тој има намера да ги купи њујоршките хотели „Плаза“ и „Дрим хотел“, како и лондонскиот „Гросвенор хаус“ од индискиот бизнисмен Субрата Рој за 2,2 милијарди долари, предизвика револт кај овие здруженија.
Деталите од зделката прочитајте ги
ТУКА.
Особено ги погоди информацијата за купувањето на хотелот „Плаза“, една од знаметостите на Њујорк, каде што тие често организираат добротоворни настани. „Не можеме да продолжиме да соработуваме со некој што има такви уверувања и кој ги криминализира акциите на индивидуите врз основа на нивната сексуална ориентација“, вели Елси МекКабе Томпсон, претседател на Мисионерското друштво на Градот Њујорк, кое секоја година во овој хотел организира добротворни вечери за помош на социјално загрозените деца и семејства.
Освен трите хотели, што има намера да ги купи од Субрата Рој, Болкијах го поседува Беверли Хилс хотелот, кој го бојкотираат повеќето холивудски ѕвезди и неколкупати беше излепен со плакати „Овој хотел го поседуваат хомофоби“.
"Одлуката да се воведе шеријатското право на Брунеи не е од забава, туку тоа е почитување на волјата на Алах запишана во Куранот“, се брани Болкијах од ваквите напади.
Според договорот постигнат за трите луксузни хотели со Субрата Рој, Султанот од Брунеи нема да раководи со секојдневните операции, туку ќе биде „заднински играч“ со уште двајца други инвеститори.
Богатството на Султанот од Брунеи му овозможува луксузен живот, па дури и потстрижување за неверојатни 21.000 американски долари. Во неговиот султанат граѓаните не мораат да плаќаат никакви даноци и давачки. Хасанал Болкијах е познат по неговата страст за екстремно скапи и луксузни автомобили, па во својата гаража ги има веројатно највредните модели кои се појавиле на светскиот пазар. Според проценките колекцијата од преку 7.000 автомобили е вредна над пет милијарди американски долари.
Во негова сопственост се и најлуксузните приватни авиони во светот, прилагодени според негов вкус. 68-годишниот султан со Брунеи владее од 1967 година. Во текот на 80-тите години беше најбогат човек на светот, но подоцна го загуби првото место на листата. Неговото богатство во иднина се проценува дека многу повеќе ќе зависи од инвестициите во различни бизниси, затоа што резервите на нафта и гас на Брунеи полека се исцрпуваат.