Кој го гуши граѓанскиот активизам?
Објавено во: Македонија 02 Ноември, 2016
Не стивнуваат реакциите на дел од младинските организации по
изборот на Бојана Наумоска за претставник
во Регионалната кацеларија за младинска соработка. Велат таа неможе и
несмее да ги застапува младите кога од
2013-та година работи како надворешен соработник во Собранието за владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ. На овој начин според невладините се прави директен конфликт на интереси. Спорен е велат
целиот изборен процес за младински претставник, кој според нив станува честа
пракса да се заокружи преку закани и притисоци.
“Додека во Европа младите одлучуваат рамо до рамо со министри и пратеници, кај нас нивниот глас се потиснува и игнорира. Студентите ги претставуваат квази претседатели од самоименувани „Студентски парламенти“, изгласани на криминални избори со крадени кутии и полициска бруталност врз нивните колеги. Средношколците кога се самоорганизираа во пленум не ги ислушаа, попрво седна на маса со неактивна Средношколска унија која се појави од никаде. Националниот младински совет попрво стана членка во Европскиот младински совет и беше признаен на ниво на Европа отколку што ќе го призна Агенцијата за млади и спорт во Македонија. Повеќе од очигледно е дека институциите имаат отпор кон вистински самоорганизираните млади, но од друга страна нивниот игнорантски однос е тоа што прави младите да се посвесни, покритички и самостојни “ –вели за Фактор, Дона Костуранова, извршен директор на Младинскиот образовен форум.
Изборот за младински претставник во Регионалната кацеларија за младинска соработка според неа покажал дека се назначува лице кое е посоодветно да ги претставува институциите, а самата постапката покажала дека институциите се борат целосно да ги контролираат и да не им дозволат никаква слобода на младите.
“Кандидатката Наумоска од 2013-та година работи како надворешен соработник во Собранието за владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Од Агенцијата изјавија дека таа може да се кандидира, и дека од ова немало да има никаква финансиска корист и немало да е конфликт на интерес. Можеби кандидатката лично и нема да има, ама институциите ќе имаат корист затоа што човек од институции и владеачка партија ќе одлучува и за распределба на пари на местото на младите. Јасно е – државава требаше да назначи еден човек за институции и еден за млади. Тие назначија двајца кои работат во институции и се обидоа да не искористат за да им го легитимираме лицето што сакаат да не претставува”- вели Костуранова.
За состојбата во која се наоѓаат младинските организации и целиот изборен процес за младински претставник во РИКО ги известиле сите релевантни амбасади во земјава. Младинските организации очекуваат поддршка и осуда на ваквото однесување кон младите и да целосна ревизија која ќе ги расчисти дилемите околу изборот.
Последните избори за претставник на младите вели Костуранова не биле и единствени, туку претходно имало уште едни избори кои пропаднале поради сериозни притисоци.
“На тие избори стана очигледно дека АМС ќе преземе се за да има контрола врз избраниот претставник. Тогаш на младите не им беше дозволено да зборуваат на средбата, туку само да гласаат. Претставничка на Националниот младински совет која вршеше мониторинг се обиде да достави документи важни за гласањето кои и беа насилно одземени и беше вербално нападната од вработени во канцеларијата. И покрај многу посветено време и конструктивност во процесов, наидовме на понижувачки однос од институциите и видовме дека немаат намера да ни дозволат да избереме независен квалитетен млад човек, туку да назначат уште еден човек кој е под институционална закрила. Дотаму полошо, Наумоска нема ни поддршка од организацијата која тврдеше дека ја номинирала, затоа што тие се оградија од тоа. Да се случеше ова пред изборот, таа немаше ни да има право да се кандидира”- потенцира директорката на МОФ.
РИКО е меѓународна канцеларија која треба нa илјадници млади да им овозможи да патуваат во регионот и да учат од странските искуства. Директна корист треба да имаат многу млади од Македонија со учество на размени, учење на полугодија или семестри во странство, волонтерски и други размени. Улогата на претставникот на младите од Македонија е да биде еден од 12 членови на одбор кој ќе носи одлуки за работата на РИКО, финансирањето и ќе доделува средства. Институциите имаа загарантирано едно место во овој одбор со свој претставник, а со овој избор ќе имаат двајца претставници кои доаѓаат од институции и ниту еден независен млад претставник. Така Македонија, според Костуранова ризикува да не се штитат интересите на младите, туку на институциите кога ќе се носат одлуките.
“Повикот за делегати што го отвори АМС беше по инсистирање на младинските организации. Сакавме да биде процесот отворен за сите организации да можат да пријават свој кандидат, и секако да гласаат. Затоа и се поставија услови да мора да покажеш дека си активна организација која работи. Првиот проблем го насетивме кога АМС одбегнуваше да ни ја даде листата на органиции кои се примени и ќе имаат право на глас, и бараше да се обратиме писмено. Ја побаравме и листата на организации и документите – три пати преку пристап до информации од јавен карактер – и пак не ни ги дадоа документите. Со проверка во централен регистар за дел од оргнаизациите кои тие ги примиле, дознавме дека се неактивни, и дека ние треба да гласаме заедно со „фантомски“ организации. Оттаму беше очигледно дека процесот е манипулиран и иако на повеќе пати коректно баравме да се променат овие работи, АМС не’ избегнуваше. Пред последното гласање, директорот на Агенцијата за млади и спорт одби да се сретне со младите затоа што бил многу зафатен, иако тоа би требало да му е работа”- нагласува Дона Костуранова.
Националниот младински совет подготвил извештај во сенка за целиот процес и повеќе писма на кои не им било одговорено со кои може како што велат да потврдат како течеле работите. Игнорантскиот однос на Агенцијата за спорт и млади велат отишол дотаму што сите што коментирале на нивната објава ги блокирале од својата страница.
“Како младински организации реагираме со месеци. Дадовме обид да бидеме дел од работна група и да работиме заедно со Агенцијата која ја изигра нашата доверба. Се обраќавме и со институционални алатки што беа злоупотребени. Одевме на меѓународни настани да се информираме и учествуваме за да не остане Македонија без никаков претставник. Организиравме домашни настани за да ги информираме младите за оваа канцеларија, иако институциите требаше да го прават тоа.Во моментов, креваме раце од тоа дека АМС ќе постапи професионално, демократски и со интегритет. Нивната одлука беше конечна – ќе номинираат претставник. Ние таа претставничка не ја признаваме, таа може да биде уште еден претставник на институциите, на партијата од која доаѓа, но не и на младите”- објаснува директорката на МОФ.
Ваквите состојби според неа допринесуваат за сериозен интелектуален егзодус. Младинското иселување вели е горлив проблем кој не се решава ниту лесно, ниту брзо. Државата и институциите, потенцира Костуранова мора сериозно да ги испитаат факторите кои водат до иселување, податоците за иселените лица и причините поради кои тоа го направиле, наместо овие информации да се кријат. И откако стручно ќе се идентификуваат проблемите и факторите кои придонесуваат кон нив, вели мора да се направи долгорочна стратегија за подобрување на перспективноста на младите во земјата кон која државата сериозно ќе се посвети.
С.Б.