КОЈ ГО ИМА „ЏОКЕРОТ“ ВО ПОЛИТИЧКАТА ПАРТИЈА КАРТИ - уште 48 часа за власта и опозицијта да „стокмат“ до 61 пратеник
Објавено во: Македонија 09 Ноември, 2021
Ниту вчерашниот навистина долг политички ден завршување не донесе многу „светлина“ и извесност за тоа што ќе се случува во четврток, кога ќе се гласа за доверба на оваа Влада.
И двете страни тврдат дека работите се одвиваат во нивна корист, односно едните дека го имат обезбедено новото парламентарно мнозинство, додека другите, пак, дека ќе го задржат, но што навистина ќе се случува во четврток, никој не може да биде сигурен, ако се има предвид морето од контрадикторни изјави што вчера се даваа на јавна сцена.
Ако работите стануваа појасни кога Скендер Реџепи од Алтернатива го повтори својот став дека нема даде својот потпис доколку тој е во исти кош со Левица која е антинато и антиалбанска партија, тогаш многу забуна на крајот од денот внесе „информативната“ средба меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со првиот човек на ДУИ Али Ахмети. Од двете партии имаше различни информации, па додека од ДУИ велеа дека станувало збор за информативна средба, од ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека средбата била на барање на Мицкоски и се разговарало за гласањето доверба на Владата.
А вчера пратеникот Скендер Реџепи - Зејди, гостувајќи во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21, рече дека лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села му кажал дека не доаѓа во предвид Левица да биде дел од ова мнозинство.
„Зијадин Села ми рече дека не доаѓа во предвид Левица да биде дел од ова мнозинство. Јас мислев дека во тоа мнозинство ќе бидат БЕСА и ЛДП, бев прелажан. Народот кој ме гласал не ми дал мандат да седнам на иста маса со Левица која е антиалбанска партија, анти НАТО и анти ЕУ“, порача Реџепи.
Тој беше дециден дека доколку Алтернатива одлучи да ја урне Владата заедно со Левица, тој ќе ја напушти партијата, а најверојатно ќе го напушти и пратеничкиот мандат.
„Во моментот кога политичкиот субјект на кој припаѓам (Алтернатива) утре или задутре, одлучи да го прифати потписот заедно со Левица на списокот, тогаш мојата одлука ќе биде сигурно напуштање на партијата, можам дури и да го вратам пратеничкиот мандат“, рече Реџепи за ТВ21.
Директорот на ТИРЗ и член на СДСМ, Јово Деспотовски, пак, во гостување на 24 Анализа рече дека таа гарнитура покажала оти има капацитет со предизвиците. Тој нема, како што рече, никаква дилема, ниту граѓаните треба да имаат, што ќе се случи после четврток. Според него, доколку иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ не успее, политичкиот курс на државата ќе се задржи и продолжува понатаму.
„Човек кога има некоја мака се обидува да најде не основани причини и реално лаги. Никој не е дете, секој знае дека листата е потпишана за да се урне Владата“, рече Села.
Ова следуваше откако во текот на денот пратеникот Скендер Реџепи одржа пресконференција на која кажа дека според информациите со кои располагал, знаел дека пратениците на ЛДП ќе го дадат нивниот потпис за ново мнозинство.
Но, лидерот на ЛДП, Горан Милевски потенцира дека за уривање на Владата немало и нема да има нивни потписи.
„Нема потписи на ЛДП во листата и нема да има. Јас не можам да коментирам се што се зборува“, нагласи Горан Милевски.
А гласањето во четврток ќе може да го комплицира и фактот што координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и пратеничката Ангелинка Петкова, се во изолација поради коронвирусот, Но, се очекува во четврток да дојдат во Собрание на седницата по поднесената Иницијативата за изгласување недоверба на Владата. Мицевски изјавил дека тој и Петкова ќе присуствуваат на седницата согласно Протоколот донесен од Комисијата за заразни болести и беше применет во Собранието во април годинава. Тој порача дека ако треба би дошле и би гласале дури и во скафандери.
Вчера вечерта, пак, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, им порача на пратениците од Алијанса, Алтернатива и Беса дека имаат историска шанса да ја стават ДУИ во опозиција.
„Ако пратениците на Алијанса, Алтернатива и Беса не ја искористат историската шанса во четврток да го стават ДУИ во опозиција, тогаш на наредни избори (кога и да бидат) ќе бидат прегазени токму од ДУИ како шлепер жаба и никогаш нема да се повратат. ДУИ, од позиција на власт, ќе освои 18 пратеника, а они - максимум 9. Затоа, памет у глава - емоции на страна и се гледаме на седница. Оти, политика е шах“, напиша Апасиев на својот фејбук профил.
Со соопштение се јавија од СДСМ, од каде рекоа дека до „до вчера Христијан Мицкоски се силел дека има ново парламентарно мнозинство, а денеска го пушти Александар Николовски да се бламира со иницијативата за која не се знае дали има мнозинство или веќе тоа му испарило“.
„Деновите пред нас ќе покажат дали Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат доволно пратеници за излгасување недовреба за Владата или не. СДСМ продолжува да разговара и да иницира соработка со сите прогресивни и демократски сили, со цел да ја обезбедиме стабилната иднина на нашата држава и целиот наш народ“, нагласија од СДСМ.
Пред СДСМ, пак, се огласи и премиерот во оставка Зоран Заев, по осум дена откако најави дека повеќе нема да извршува државни и партиски функции. Тој порача дека граѓаните нема да дозволат државата да ја водат, како што вели тој, Христијан Мицкоски, Димитар Апасиев и Никола Груевски.
Заев сепак не напиша експлицитно дека се предомислил и дека ќе остане премиер.
„За пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда. Овие денови сведочиме загрозување на Договорот од Преспа, на Договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите.
Но, има оваа држава свој народ, и граѓани, и демократи, и борци, и политичари и партии кои нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и упропастат државата одново. Знам дека позади таа кауза како бедем гордо стојат мнозинство од нашите граѓани и мнозинство од нашите пратеници“, напиша Заев.
Ова следуваше откако Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во Собранието објави дека е поднесена иницијатива за гласање на недоверба на Владата, откако премиерот Зоран Заев не ја поднесе оставката.
Николовски тврдеше дека иницијативата има потписи од 61 пратеник. Николовски додаде дека пратеникот Реџепи декларативно се обврзал дека ќе гласа за недоверба на Владата, но не беше дециден дека неговиот потпис е на иницијативата.
„Владата предводена од Зоран Заев ги изневери граѓаните, што се виде и според резултатите од локалните избори. Останувањето на оваа Влада без кредибилитет и без план за напластените проблеми, ќе значи само продлабочување на кризата.
Сведоци сме сите на криминалот и корупцијата на власта, не постои функционален систем за владеењето на правото и правната држава. Треба да се предложат решенија и ѕидовите во општеството да се срушат. Не се грижат ниту за народот ниту за доближување на државата до Европската Унија“, рече Николоски.
Тој го повика претседателот на Собранието, Талат Џафери, што е можно побргу да ја свика пленарната седница, што и се случи, откако барањето за гласање доверба на Владата, стигна во Собранието.
За Реџепи наведе дека се надева дека ќе остане на својот збор кога ќе дојде време да се гласа во Собранието.
„Се работи за чесен човек, за наш пријател, неговата изјава беше јасна, а тоа е дека ќе поддржи гласање за недоверба на Владата“, истакна Николоски.
Според функционерот на ВМРО-ДПМНЕ, доколку партиските програми на Алтернатива, Левица, Беса, Алијанса за Албанците и коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ се усогласат, можно е да се изгласа нова Влада во рамки на тековниот мандат на пратеничкиот состав.
А, иницијалната каписла за новонастанатиот политички трилер кај нас - општина Желино, од каде потекна „бесот“ на Беса по кој решија да се придружат на „новото парламентарно мнозинство“, излезе дека таа партија тму го задржува градоначалникот, односно нема да се прегласува во Желино, бидејќи Управниот суд ја поништи одлуката за прегласување донесена од Државната изборна Комисија.БЕСА на одлуката за прегласување поднесе тужба која е прифатена, а приговорот на ДУИ е отфрлен, и е поништена одлуката за прегласување. Со тоа останува конечниот резултат од вториот изборен круг во општина Желино, односно за градоначалник е избран кандидатот на движењето БЕСА.
Нина Нинеска-Фиданоска