Николоски: Поднесена иницијатива за гласање недоверба на Владата, во четврток ќе имаме 61 глас
Објавено во: Македонија 08 Ноември, 2021
Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, денеска во Собранието објави дека е поднесена иницијатива за гласање на недоверба на Владата, откако премиерот Зоран Заев не ја поднесе оставката.
Николовски тврди дека иницијативата има потписи од 61 пратеник. Претходно пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи - Зејди, рече дека не сака да учествува во заедничка иницијатива со „Левица“. Николовски додаде дека пратеникот Реџепи декларативно се обврзал дека ќе гласа за недоверба на Владата, но не беше дециден дека неговиот потпис е на иницијативата.
„Владата предводена од Зоран Заев ги изневери граѓаните, што се виде и според резултатите од локалните избори. Останувањето на оваа Влада без кредибилитет и без план за напластените проблеми, ќе значи само продлабочување на кризата.
Сведоци сме сите на криминалот и корупцијата на власта, не постои функционален систем за владеењето на правото и правната држава. Треба да се предложат решенија и ѕидовите во општеството да се срушат. Не се грижат ниту за народот ниту за доближување на државата до Европската Унија“, рече Николоски.
Тој го повика претседателот на Собранието, Талат Џафери, што е можно побргу да ја свика пленарната седница.
„Во четврток очекувам да има 61 плус гласови бидејќи има интензивни разговори и со уште неколку пратеници од македонското Собрание“, додаде пратеникот.
За Реџепи наведе дека се надева дека ќе остане на својот збор кога ќе дојде време да се гласа во Собранието.
„Се работи за чесен човек, за наш пријател, неговата изјава беше јасна, а тоа е дека ќе поддржи гласање за недоверба на Владата“, истакна Николоски.
Според функционерот на ВМРО-ДПМНЕ, доколку партиските програми на Алтернатива, Левица, Беса, Алијанса за Албанците и коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ се усогласат, можно е да се изгласа нова Влада во рамки на тековниот мандат на пратеничкиот состав.