Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?
Објавено во: Колумни 25 Март, 2024
Во Русија вчера беше ден на жалост за 137-те загинати во терористичкиот акт во петокот вечерта во „Крокус-центарот “ во Красногорск, во Подмосковјето. Во него има над 180 ранети. Комуналните служби ги расчистуваат урнатините, а задолжените за идентификација ги утврдуваат личностите на загинатите. Вчера пред судија беа изведени четворицата терористи. Тие ја признаа вината и им е определен двомесечен притвор. Во Москва и во светот се’ повеќе се зборува за организаторот на терористичкиот акт и кој стои зад него. Дали групата „Вилает Хорасан“, која се самопрогласи за организатор? Но не сите се убедени во тоа.
Терористите кои ги уапсија и на кои вчера им определија притвор, а ги фатија во околината на Брјанск „на пат кон Украина“, се истите оние кои убиваа и кои се гледаат на видеата објавени од „Вилает Хорасан“ и други, во Телеграм –канали и од руските служби. Сите четворица живееле некогаш, а некои се’ уште живеат во Русија. Некои работеле во фабрики, други во берберници. Едни го разбираат или го зборуваат рускиот јазик, а други не. Истрагата сега треба да утврди што се’ се случувало и како дошло до тоа тие да бидат извршители на терористичкиот акт. Факт е , исто така, дека најголем дел од земјите во светот го осудија тој чин и му дадоа поддршка на рускиот народ, а некои и на руското раководство.
Прашањето кое сега се поставува е: Кој е организатор на сето она што се случи во „Крокус центарот?“ Исто така се отвора и прашањето за миграцијата во Русија и нејзиното влијание, преку ваквите злосторства, врз единството во Русија. За организаторот на терористичкиот акт уште првиот ден се јавија неколку верзии. Прво Исламската држава, сама или со поддршка од Западот, потоа Украина, сама или со поддршка од Западот или Русија! На прв поглед најреална е онаа која зборува за Исламската држава. Наводно Русија и стапнала на нога во Сирија и во Авганистан, каде што ги поддржува Талибанците. Па сега кога светот е загледан и зафатен со војната во Украина и на Блискиот Исток, ИД сака да покаже дека е консолидирана по ударите што ги добиваше од Западот и од Русија и го возвраќа ударот.
Ова верзија ја поддржува целиот Запад уште од првиот ден на терористичкиот акт во Красногорск. На самиот ден на нападот од терористите, западни медиуми пишуваа дека зад него стои ИД. Во прилог на ова одат и изјавите дека американската амбасада и амбасадите на други земји ги предупредиле своите државјани во Русија да одбегнуваат да посетуваат масовни собири. Со повик, ако можат да ја напуштат Русија. Од причина што е можен терористички напад. За ова по дипломатски пат биле известени и Русите. Тоа беше направено на 7 март, десетина дена пред изборите за претседател во Русија, кои се одржаа на 17 март. Претходно руските служби известија дека ликвидирале терористичка група во еден град во внатрешноста, која сакала да нападне синагога. Коментарот на рускиот претседател, Владимир Путин, на овој повик, беше:„ уцена, провокација и обид за дестабилизација“. Но терористичкиот напад се случи.
ЗАКАНА И ЗА САД
Верзијата дека зад Исламската држава стои Западот, поточно САД, се јавува во Русија. Официјалниот претставник на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во колумна во „Комсомољскаја правда“ напиша дека САД, сакале-несакале, потпомогнале во создавањето на терористиката група Исламска држава. А сега врз неа ја ставаат одговорноста на терористичкиот акт во „Крокус-центарот“. Според Захарова, последниве години ИД „ги корегирала најзините планови“ и сега главно напаѓа непријатели и противници на САД. Па ги набројува Талибанците во Авганистан, Иранците, законската власт во Сирија и Русија. Во исто време, таа го нарече овој факт „чудно совпаѓање на околностите“. Според Захарова, американските политинженери „ сами се втурнале во замка“, раскажувајќи за тоа дека терористичкоот акт е дело на ИД. Околу ова се јави и рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, кој повика да не се брза со заклучоците. Захарова ги спомна и Германците кои брзаат со разни верзии за терористичкиот акт, но не брзаат со верзии за експлозиите на „Северниот поток“.
Во руски медиуми беше пренесена и една изјава од сенаторот Марко Рубио, заменик претседател на сенатскиот комитет за разузнавање. Според него терористичкиот напад во Подмосковјето станал можен, меѓу другото и поради повлекувањето на САД од Авганистан и дека може да се повтори на американска територија. „При администрацијата на Доналд Трамп, ИД фактички излезе од бизнисот. Тие имаа помалку од илјада борци.., а сега се обновија. Делумно и поради тоа што заминувајќи од Авганистан, ние се најдовме во состојба да не нанесуваме редовно удари врз нив“, рекол Рубио во интервју за телевизискиот канал ABC. Рубио додал дека „сега на ИД и е полесно да влезе во Иран, во Русија, но нивниот стремеж е одење надвор од тие предели...Тие би сакале да го направат во САД, она што го направија во Москва“. Таа закана, според Рубио, е реална со оглед на масовниот поток нелегални мигранти, кои влегуваат во САД од југот и се раселуваат низ земјата. Ако можеа такво нешто да направат во Москва, тие нема да се размислуваат, да го направат тоа и во САД, предупредил Рубио. Овде Рубио свири на внатрешно политичка жица, околу мигрантите, но сепак заканата може да стане реална.
Не треба да се заборави дека ИД се формираше по американската инвазија во Ирак, кога многумина припадници на ирачката армија и Ирачани, кои останаа без работа, се организираа и почнаа да војуваат на Блискиот Исток, во Авганистан, а нивно присуство имаше и во Пакистан и Иран и во некои држави од Централна Азија. Опасноста од ИД е голема и за голем број други држави, особено сега после нејзината консолидација.
Од Русија, секако не директно, доаѓа и верзијата дека зад терористичкиот напад стои Украина. Украина беше спомната веднаш по апсењето на терористите. Тие биле фатени во Брјанската област „каде што имале намера да ја поминат границата меѓу Русија и Украина“. Ова го кажа и Путин во обраќањето до нацијата, дека четворицата терористи биле фатени на пат кон Украина. И тука почнува лавината од обвинувања. Поранешниот руски претседател Димитриј Медведев вели:„ Ако се утврди дека тоа се терористи на киевскиот режим, нема подруг однос кон нив и кон нивните идејни инспиратори. Тие треба да бидат најдени и безжалосно уништени како терористи. Вклучувајќи ги и официјалните лица на државата која што го направила тоа дејство“. Руската Федерална служба за безбедност тврди дека „терористите имале соодветни контакти на украинска територија“. Веќе спомнатата Захрова во колумната пишува дека:„ По терористичкиот напад во „Крокус“, САД ја оправдуваат Украина, обидувајќи се да се покријат себеси и режимот на Владимир Зеленски, со спомнување на терористичката група ИД. „Оттука и секојдневното „оправдување“ на Вашингтон на неговите штитеници во Киев и обидот да се покријат, заедно со режимот Зеленски, создаден од нив, со плашилото – ИД. нагласи дипломатот.
ПОВТОРУВАЧКИ ШАБЛОНИ ШТО МНОГУ ЗБОРУВААТ
И навистина, Американците во официјалните изјави велеа дека Украина нема ништо со терористичкиот акт. Претставникот на Белиот дом, Џон Кирби, веднаш по терористичкиот напад изјави.„Ние сме сигурни дека тоа не е Украина“. Некои новинари во САД за ваквата изјава велат дека ги потсетува на случајот при експлозијата на гасоводот „Северен поток“, кога луѓето на претседателт Џо Бајден изјавиле дека:„ Ние не знаеме кој беше, но точно знаеме дека тоа не е Украина“. Никој не знае дали Украина е виновна или не е, но ваквите повторувачки шаблони од изјави многу зборуваат, велат новинарите.
Во Киев изјавија дека терористичкиот акт е организиран од Кремљ за да ја оправда ескалацијата на војната во Украина. Главната управа за разузнавање соопшти дека „терористичкиот акт во Москва е планирана и свесна провокација на руските специјални служби по наредба на Путин“. Целта е да се оправдаат се пожестоките удари врз Украина и тоталната мобилизација во Русија. Терористичкиот акт треба да се сфати како закана на Путин со уште поголема ескалација и проширување на војната. Во Управата сметаат дека „движењето без пречки на групи борци со автомати низ центарот на Москва, како и маса други беспоговорни докази, сведочат за тоа дека пукањето во „Крокус“, било организиран од руските специјални служби“. Исто така ГУР претпоставува дека „Кремљ може да ја обвини Украина за организирање на терористичкиот акт и да го искористи убиството на своите државјани како повод за уште пожестоки удари врз граѓанската структура и убиство на украински цивили“. И за ова во Киев немаат доволно докази. Дури напротив, Путин не би се осмелил да ги нарече предупредувањата од Американците „уцена, провокација и обид за дестабилизација“, ако тој го подготвувал терористичкиот акт. Американците ќе го искористеа тоа во своето предупредување, а уште повеќе за напад врз Путин пред изборите. Дури и јавноста на Запад не се сомнева дека терористи биле припадници на ИД. И сите медиуми известуваат за тоа.
Верзиите кои се спомнаа сигурно ќе станат дел од пропагандната војна која ќе следува во наредниот период. Британија веќе реагираше. Неименуван висок извор од британската влада за The Telegraph, изјави дека „очајниот стремеж на Путин вината за се’ да ја префрли на Украина(дека е поврзана со терористиите) не зачудува, бидејќи тој се обидува уште повеќе да го излаже рускиот народ, преправајќи се дека во Русија нема друго мислење“. „Тој, не треба да ја користи таа измислена врска како какво било оправдување за интензивирање на својата незаконска војна во Украина“, рекол соговорникот на весникот. Во Британија укажале и на лажни видео снимки со украински чиновници, во обид да се обвини Украина...„Нема никакви признаци на каква било врска на терористичкиот акт со Украина, а ниту никакви точни претпоставки за да се претпостави учество“. На Британија не и останува ништо друго. Само да предупредува и да ја брани Украина.
ПРАВИЧНА И НЕИЗБЕЖНА КАЗНА
Што покажа терористичкиот акт?Ја откри најголемата закана за Русија. Нарушување на единството во земјата. Рускиот претседател Путин трепери врз него. Нема излагање во кое не ја спомнува потребата од единство во голема држава во која живеат стотина разни народи, држава во која ги има сите вери. Во потребата тоа да се негува за да опстои државата. Западот тоа мошне добро го знае. И сега ќе оди да игра на таа карта. Не помогнаа санкциите, не помага оружјето, за да се протера Русија од Украина, и да се растури како држава, што јавно го посакуваат некои членки на НАТО и ЕУ. Има во Русија, своевремено наречен „црвен појас“ на југот на земјата, поради тоа што таму комунистите добиваа најмногу гласови. Но тој „црвен појас“ е и збир од републики почнувајќи од Кавказот, па се до границата со Казахстан, во кои доминира муслиманско население. И нормално постои можност од радикализација, од терористички напади, како што имаше поединечно, а и ќе има.
Рускиот претседател ја знае таа опасност. Не случајно тој во своето обраќање во саботата се закани дека:„Сите сторители, организатори и нарачатели на ова дело ќе добијат правична и неизбежна казна. Кои и да се, кој и да ги води. Повторувам: ќе ги идентификуваме и казниме сите што стојат зад терористите, кои го подготвија ова злосторство, овој напад врз Русија, врз нашиот народ“. Тој знае за што зборува. Не е тука само Украина. Па затоа додава :„Терористите, убијците, нелуѓето, кои немаат и не можат да имаат националност се соочуваат со една незавидна судбина - одмазда и заборав. Тие немаат иднина. Нашата заедничка должност сега, на нашите соборци на фронтот, на сите граѓани на државата е да бидеме заедно во еден фронт. Верувам дека ќе биде така, бидејќи никој и ништо не може да го разниша нашето единство и волја, нашата решителност и храброст, силата на обединетиот народ на Русија. Никој нема да може да сее отровно семе на раздор, паника и раздор во нашето мултиетничко општество. Русија постојано минуваше низ тешки, понекогаш неподносливи искушенија, но стана уште посилна. Така ќе биде и сега“.
Сега може да се каже само едно. Русија ќе се обиде да извлече максимум од терористичкиот акт. Се виде тоа по бројните сочуства, осуди на терористичкиот акт, телефонските разговори на Путин со државни лидери, изјави за поддршка на рускиот народ од стотина земји во светот. А и од Западот. Не само поддршка на Путин или власта, туку на Русија и нејзиниот народ. Сега не е времето како што беше во 2001 година, кога Путин, меѓу првите крена телефон и му понуди помош на американскиот претседател, Џорџ Буш помладиот, по терористичките напади врз кулите близначки во Њујорк, при што загинаа над 3.000 луѓе. Тогаш почнаа да се затоплуваат односите меѓу двете земји. Русија отвори коридори за САД на патот кон Авганистан. Но, за жал Западот не ја прифати до крај намера на Путин да се интегрира со него. Па дојде 2007 година – Минхен, па 2008 година Грузија, па 2014 година Украина, па 2022 година повторно Украина. Сето тоа Путин го користеше да им каже на Русите дека Западот е тој кој не ја сака Русија. Така е и сега. Американскиот претседател Џо Бајден, не даде никаква изјава. Ни директна, ни индиректна. Обично после вакви настани се изразува сочуство, или пак се даваат официјални изјави со кои се осудува терористичкиот акт. Бајден не го направи, ни едното ни другото. А со тоа само губи. Тоа ќе биде добредојдено за Путин. Да го мобилизира општеството против Западот. Опозициониот Левада центар во една неодамнешна анкета покажа дека Путин има доверба од над 80 проценти од испитаниците.
Мирче Адамчевски