КОЈ ЌЕ ВЛОЖИ 100 МИЛИОНИ ЕВРА И ПОВЕЌЕ - власта ќе лови стратешки инвеститори
Објавено во: Економија 28 Ноември, 2019 06:50
Владата на својата последна седница утврдила предлог-закон за стратешки инвестиции за проекти од јавен интерес.
За него не беа дадени многу информации, освен дека целта му е да привлече стратешки инвестиции, а оние што ќе сакат да добијат статус на стратешки инвеститори ќе мора да вложат минимум 100 милиони евра на територија на земјава, а помали суми во општините. Од Владата наведоа и дека овој закон е во согласност со регулативата на ЕУ за вакви инвестиции.
„Целта на овој закон е поттикнување, привлекување и создавање услови за спроведување на стратешките инвестиции во земјава, зголемување на економски пораст, вработување и примена на нови технологии и иновации, зголемување на конкурентските економски можности, зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит...“, се вели во соопштението.
За стратешки инвестициски проекти ќе се сметаат оние со кои ќе се реализира инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на земјава, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, Градот Скопје и скопските општини, и најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село.
„Предложените стратешки инвестиции, кои на предлог на Владата ќе ги усвојува Собранието, мора да бидат усогласени со стандардите за животна средина, и тоа за проекти за енергетиката со инфраструктурата, транспорт и телекомуникации, туризам, преработувачка индустрија, земјоделство, прехранбена индустрија, здравство, индустриски и технолошки паркови, управување со отпадни води и отпад, информатичко-технолошки зони, спорт, наука и образование, како и за градење на големи мултифункционални градежни комплекси на градежни објекти кои имаат во својот состав повеќе од една од наведените области“, се вели во соопштението.
Фактор постави повеќе прашања до Владата за тоа кои се мотивите да се носи ваков закон. Какви се тие инвестиции што треба да се поттикнат, и дали ова е своевидно признание од власта дека досега инвестициите биле слаби? Потоа, дали на овој начин се подготвува терен на одредени компании да им се даде некој повластен статус или одредени бенефиции, и од каков карактер би биле тие, доколку се оцени дека тие се крупни играчи што би можеле да „загризат“? И конечно, има ли во најава или на повидок такви реални инвеститори, кои би биле подготвени да вложат толку голема сума пари?
Предлог законскиот текст не може да се најде на платформата ЕНЕР, каде власта вообичаено ги става првичните верзии на законите, врз основа на кои во одреден период чека забелешки, па потоа го крои финалното решение. Не добивме ниту официјален одговор од Владата.
Владини извори единствено брифираат дека во игра да го добијат статусот стратешки инвеститори ќе бидат и приватни компании, и тоа и домашни и странски, но и јавно-приватни партнерства, што значи дека одредени државни органи ќе можат да влегуваат во партнерства со приватни инвеститори, за да се соберат доволно средства за тие стратешки проекти. Како стратешки инвестиции ќе се сметаат и проекти кои се предложени и финансирани од државни органи.
Владата ќе објавува јавни повици, на кои ќе се поднесуваат барања за добивање статус на стратешка инвестиција. Според сознанијата, ќе се формира специјална владина Комисија, која ќе цени колку се исполнети условите од тие што конкурирале, односно кој ќе добие статус на стратешки инвеститор. Но, конечниот збор ќе го кажат народните избраници, бидејќи на крај Собранието ќе ги усвојува владините предлог одлуки за стратешки инвестиции.
Засега нема информации како ќе се мотивира приватниот бизнис, односно дали домашните и странските фирми би добле одредени поволности или екстра субвенции за да влезат во такви инвестиции.
Инаку, овој предложен законски текст произлегол од Генералниот секретаријат на Владата, што значи дека таа ќе биде предлагач на законските новини.
( Н.Н.Ф.)
Можеби ќе ве интересира
НОВИ БИЗНИС ИНВЕСТИЦИИ: Познато е кој ќе ги гради најголемите складишта за електрична енергија?
„Визер“ со нова линија од аеродромот во Скопје - од сега ќе се патува и за Прага
Мицкоски: Мерките на Владата даваат резултати, зголемени бројки на туристи и ноќевања во првите 10 месеци
Меѓународниот аеродром Скопје станува апослутен лидер во регионот по раст и по број на нови понудени места
КЛУЧ НА ДРЖАВНАТА КАСА ИЛИ МИЦКОСКИ ПРОГЛАСИ КАПИТУЛАЦИЈА НА ЕКОНОМИЈАТА! Чупеска за затворањето на трезорот на 15 декември
Кинеската економија во 2025 година и предвидувања за 2026 година
Тактики, а не паника, ја создаваат моменталната вредност на криптовалутите
Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети




