30 Април, 2024
0.2487

“Кој крши – ќе купи”

Објавено во: Анализа 01 Јули, 2015

Добивај вести на Viber

"Кој крши – ќе купи". Така во општи линии поранешниот државен секретар на САД Колин Пауел го предупреди претходниот претседател Џорџ Буш помладиот пред инвазијата во Ирак, пишува интернет изданието EurActiv.com. Изразот е валиден и за ситуацијата во Грција, ако имаше кој да ја предупреди канцеларката на Германија Ангела Меркел. Колку е фер сепак да се обвинува Меркел за "кршење" на Грција? Нема како сепак канцеларката на Германија да го избегне грчкиот проблем и одлуката за тоа дали Атина ќе ја напушти еврозоната ќе остави белег врз нејзиното наследство, наведува весникот. Веќе со месеци претпазливата Меркел се прашува дали да ризикува со излегување на Грција од европскиот монетарен блок и да прифати финансиска, економска и геополитичка непријателска реакција, која сигурно ќе се ослободи. За разлика од германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, кој испрати доволно сигнали во последниве месеци, дека може да прифати еврозона, која не ја вклучува Грција, Меркел е цврсто решена да избегне сличен развој на настаните, барем според најблиските нејзини советници. Чија е одговорноста? Ако Грција излезе од еврозоната, вината ќе падне главно на лево ориентираната влада на премиерот Алексис Ципрас од СИРИЗА, која дојде на власт во јануари и ги налути партнерите со конфронтирачката позиција во преговорите за долгот. Само неколку денови пред парите на Грција да завршат, Ципрас свика референдум на кој Грците ќе треба да дадат свое мислење за последните предлози на доверителите. Тоа е сосема доволно да се прелее чашата на трпението на Меркел и таа да престане да тапка засекогаш, посочува весникот. Токму Меркел сепак повеќе од било кој друг европски лидер ќе носи одговорност пред урнатините на еврозоната зошто оваа катастрофа не беше спречена. Излегувањето на Грција од девизниот блок може да предизвика хуманитарна криза во Европскиот југ, која ќе се пренесе и во земјите кои штотуку се извлекоа од рецесијата. Ситуацијата повторно ги покрена и дебатите за поддржаните од Германија политики на штедење и односот на Меркел кон кризата. Ако дозволи на Грција да се откаже од еврото, тоа ќе е најсмелите потег што канцеларката на Германија го преземала откако дојде на власт пред околу една деценија. Тој ќе е и најризичен потег - повеќе ризичен дури од одлуката од 2011 година Германија да се откаже од нуклеарната енергија. Отсуството на стратегија и внатрешната криза во Европа Во многу разговори Ангела Меркел коментираше дека најголемиот нејзин страв е Германија да не биде обвинета за "уривање на Европа" по трет пат во рамките на едно столетие. На позадината на претстојниот референдум во Велика Британија за членството на земјата во ЕУ, војната во источна Украина, миграциската криза и растечката закана поради исламските екстремисти, хаосот во Грција би испратил многу лош сигнал за ситуацијата во Европа. "Внатрешната криза во Европа се разигрува во опасна, нестабилна геополитичка средина", коментира поранешниот министер за надворешни работи на Германија, Јошка Фишер во статија за онлајн изданието Project Syndicate. Според него превенцијата на распаѓање на ЕУ бара прво и основно наоѓање на стратешко решение на грчката криза. Критичарите на Меркел ја обвинуваа токму поради недостатокот на стратегија во однос на "големата слика", кога кризата во Грција почна пред повеќе од пет години. Канцеларката на Германија се придржува кон пристапот "чекор по чекор", според кој финансиската помош се доделува во замена за ангажмани за економски реформи и штедење. Некои економисти, како и грчката влада, тврдат дека токму тоа ја распадна земјата и ја одложија обновата, наместо да ја промовира. Во последните недели Меркел си ги навлече критиките и поради тоа што дозволила на Шојбле да игра водечка улога во преговорите со Грција, иако тој е познат по скептицизмот. Уште во 2012 година, тој тврдеше дека еврозоната ќе е подобра без Грција. Во своите мемоари од 2014 година "Стрес тест" поранешниот министер за финансии на САД Тимоти Гајтнер ја опишува позицијата на Шојбле, изложена за време на состанокот меѓу двајцата на остров Силт, како "застрашувачки". А сепак - чија е вината? Тешко е да биде обвинувана Ангела Меркел, зашто не е настојувала повеќе за постигнување договор. Во март, кога Ципрас беше во прва посета во Берлин како премиер, таа помина пет часа со него на вечера, а по нивниот состанок извори коментираа дека таа е обврзана да го поддржи секој остварлив план кој грчката влада ќе го предложи. Барем засега изгледа дека чувството дека таа направила се што е возможно за постигнување на договор и раширеното чувство дека грчката влада се однесувала неодговорно за време на преговорите, најверојатно ќе и обезбеди поддршка дома. Во последните денови политичарите со различни бои и убедувања се изредија да го осудуваат Ципрас и да ја поддржуваат Меркел. Највлијателните конзервативни медиуми во Германија исто застанаа зад неа, иако во последниве неколку месеци го поставија прашањето дали таа не омекнала во финалето на преговорите. Колку долго ќе трае овој германски консензус, не е јасно. Коалициските партнери на Меркел - социјалдемократите (SPD), ќе реагираат доволно брзо во зависност од тоа колку трошоците околу евентуалното излегување на Грција од еврозоната ќе се покажат како товар. Истовремено сојузниците на Меркел во Европа и не само таму исто така, почнуваат да се прашуваат за односот нејзин кон кризата. САД пример гласно изразуваат загриженост од геополитичките последици од излегувањето на Грција од еврозоната и вршат притисок на Берлин да се обиде да ја задржи Атина по секоја цена. Франција досега ја поддржуваше германската линија. За време на преговорите во последните денови, сепак земјата го поддржа предлогот за привремено продолжување на спасувачката програма за Грција до референдумот. Обработка: К.К. Извор: EurActiv.com