29 Март, 2024
0.0242

Кој му зеде мерка на Боби Фишер

Објавено во: Колумни 08 Февруари, 2020

Добивај вести на Viber

Одомашениот рефрен што го лансира своевремено, сега веќе европската рок-група "Леб и сол": "Скопје има микро клима, изгор лето кочан зима......." неправедно го стекна правото да биде заштитен знак на нашиот главен град. Песничката е без замерка, навистина, а градот има, или ако сакате, имаше добар избор други знаменити случки и атракции од најразличен вид што требаше да му го одредат местото меѓу градовите со атрактивни заштитни знаци.

Роден скопјанец, своевремено на мои помлади колеги, кои бараа пригодни места од каде што би се јавиле во првото новогодишно утро на програмата на националното радио, им ги предлагав новогодишното оро пред "Идадија" и празничното играње "фанта" под "Железен мост". По малку бев разочаран -пречекот на плоштадот беше во зародиш, значи далеку од оние фасцинантни сцени од светските метрополи, каде што инаков пречек и не познаваат, орото доби политички предзнак-знаме, а машкиот шовинизам беше уништен -се замешаа и претставнички на понежниот пол, кој с повеќе се стреми, барем на овие простори, да не биде тоа. Кај фантаџиите се собраа успешни наши сограѓани од светот на пилјарскиот и на друг надалеку прочуен "купи-продај" бизнис и зашушкаа со неизбежните марки, долари, неповратно уништувајќи го шмекот на "две-све" филозофијата и на секогаш добредојдените скопски "прескокалици". Едноставно, нивните скапи автомобили и златните синџири околу вратот и рацете не се вклопуваат во амбиентот.

Да минам на тезата -едноставно не сме живи, ако "не ја упрскаме", со нашата исконска желба да покажеме и да докажеме дека едноставно и животот на Земјата започнал од нас и точка. Се друго што се здобило со некаква традиција и патина треба да се уништи.

Нема лабаво!

Следуваат, за носталгија, неколку "светли примери":

"Средбите на солидарноста" уште во почетокот се здобија со несподелена репутација и популарност. Без пари или за ситно, пред скопјани продефилира вистинска плејада познати светски имиња-"Голден гејт", Милва, Жилбер Беко, Шарл Азнавур, Леонид Коган, Зубин Мехта, Мат Колинс, играорци од сите балкански простори и од цела Европа. Или со еден збор -за да се одбележи годиш-нината од Земјотресот тогашните организатори -не жалеа ниту време, ниту нерви, ниту беа луѓе со лажна гордост, што ја ставаат врз олтарот на чистиот волонтерски труд својата политичка тежина. Луѓето од светот ја сфатија топлината на широко подадената рака на солидарност со градот кој буквално изникна од пепелта и ја покажа својата виталност на бесмртен град. Му дадоа дел од својот гениј, како неопходна инфузија. Сфатија дека тоа е нивна човечка должност, но белки, и тие фантазирале дека, можеби, со време тоа ќе стане светска манифестација на која ќе учествуваат само најсреќните што ќе бидат поканети.

Тоа, по се изгледа, не го сфативме само ние. Како што минуваа годините, Средбите си згаснуваа. Прво се подзагубија во водите на просечноста, а потоа тотално замреа.

Не знам колку ум требаша да се сфати дека традицијата се одгледува со упорност и со трошка љубов спрема сопствената историја и иднината на оние што допрва треба да се родат и да живеат, за кога ќе дојде времето, да ја продолжат. Вака заедно со нас и нашата носталгија дека некогаш сме биле живи сведоци и учесници на Средба што беше и повеќе од обична манифастација на солидарност да згасне и сеќавањето дека некогаш постоело и нешти такво, "некаде на ридестиот Балкан, во некоја земја на селани ..."

Одиме натаму: Скопје имаше и шаховски турнир од "тешка категорија". Очајно страшната екипа светски велемајстори ја предводеше Боби Фишер, па доаѓаа Тигран Петросјан, Михаил Таљ, Борис Спаски, Лајош Портиш, Мигуел Најдорф, Олафсон, Керес, Глигориќ, Матановиќ... Софревски. Глава боли! Малку некое место на земјината топка можеше да се пофали со таква елита шахисти -во исто време и на ист мегдан. Скопје во време на турнирите не слегуваше од шаховските рубрики на светските новински агенции и весници. Еден скопски шнајдер и ден-денес се фали дека "му зел мерка" на еден таков гениј, на таква медиумска личност, каков што беше Фишер.


И што беше во прашање не знам, но резултатот е очекуван. Скопје си остана во длабока заднина и шаховска, меѓу другото. А, имаше реална шанса да излезе од тоталната сенка, да не напишам некој потежок збор. Колку турнири имаше, не знам, но им дојде крајот и неславно завршија. Прашање е дали сме кадарни да ги задржиме нејзината традиционалност и светскиот глас. Штета за тие што ги снема. Ги држиме палците за Свет-ската галерија на карикатури, но и за Охридското лето и за Струшките вечери на поезијата.

Само да не останеме на орото пред "Идадија" и на новогодишната "фанта", кои никогаш не ќе ги надминат рамките на локалниот фолклор.

01.06. ’95


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?