02 Декември, 2024
0.0363

Кој нè штити од храната што ја јадеме?

Објавено во: Агробизнис 19 Февруари, 2013

Добивај вести на Viber

Последната афера со токсичното млеко која го затресе целиот регион, повторно покрена неколку прашања за квалитетот на храната која што ја јадеме. Насигурноста кај потрошувачите ја намали довербата и кај институциите одговорни за безбедноста на храната и кај целиот синџир на производство и продажба на прехранбени производи. Несомнено се отворија прашањата за тоа како се контролира безбедноста на храната што ја јадеме, на кој начин се контролирааат увезените прехранбени производи, дали и кои се механизмите да се заштитат потрошувачите? Едно е јасно. Овој скандал покажа прозирност на институциите за контрола на храната во целиот регион. Иако во Македонија, за разлика од другите земји во регинот, токсичното млеко со зголемено присуство афлатоксинот М1, беше веднаш откриено и не беше пуштено во промет, сепак информацијата дека вакво млеко влегло во државата ја зголеми несигурноста кај потрошувачите. Иако од Агенцијата за храна и ветеринарство реагираа веднаш по информацијата за токсичното млеко која експресно се прошири во регионот, неизбежен е сомнежот, дали во други прехранбени производи можно е да има поголема количина на токсини и колку всушност е здрава храната која што ја јадеме. Нема дополнителни контроли за присуство на афлатоксин Според експертите кои што ги консултираше Фактор, секаде во светот постојат проипси кои го гарантираат квалитетот на храната, а тоа е контролирано од страна на сертифицираните лабаратории во секоја држава. Во Македонија за тоа е задолжена Агенцијата за храна и ветеринарство и сертифицираните лабаратории, за производи кои се произведуваат во земјата. „Што се однесува прехранбените производи кои што се увезуваат, тие имаат сертификат за безбедност и се контролирани во акредитирани лабаратории од земјите каде што се произведуваат.При увоз македонските институции на граница не вршат дополнителни анализи и не земаат мостри од производите бидејќи тие веќе имаат сертификат“ вели универзитетскиот професор Борис Анакиев. Според професорот, така е и во последниот случај со увезеното млеко од Хрватска. „Тој производ кој има веќе сертификат од признаена лабараторија во Хрватска не се контролира дополнително во Македонија, освен ако инспекторот не одлучи да земе дополнителни мостри на испитување“ потенцира професорот, и додава дека присуство на афлатоксин М1, воопшто не се ни испитува при контрола на квалитетот на производите во македонските лабаратории. „Во Македонија има механизми, институции и лабаратории кои што се задолжени за безбедноста на храната, има инспектори на граница кои што земаат мостри од производите, но бидејќи досега никогаш не се јавило присуство на овој токсин, немало потреба дополнително да се испитува“ објаснува професорот. И покрај тоа што во Македонија навремено беше откриено токсичното млеко, сепак неможе да се побегне од впечатокот дека целата приказна со афлатоксинот е предимензионирана и медиумски дополнително напумпана без да се влезе во суштината на овој проблем. Не само поради тоа што експертите велат дека треба да се испие многу млеко во кое има присуство на овој токсин, па да го загрози здравјето, туку затоа што никој не го отвори прашањето за тоа какво месо дава кравата која дава такво млеко и каде завршува тоа месо. Можеме само да се потсетиме на примерот со увезеното брашно од Србија пред неколку месеци во кое што исто така беше откриена со поголема количина на афлатоксин. Пример кој се чини дека многу брзо се заборави. Рунтевски:Ќе се засилат испекциските контроли при увоз на млеко Од Агенцијата за храна и ветеринарство откако потврдија зголемено присуство на афлатоксинот М1 во млекото „Лагано јутро" на хрватскиот производител „Дукат" велат дека ќе ги засилат инспекциски контроли на домашниот пазар, а во наредниот период ќе се воведе задолжително испитување на афлатоксини при увоз на млеко и производи од млеко „Беа анализирани мостри од 360 литри трајно млеко од овој бренд, кои се наоѓаат под надзор во магацините на увозникот, односно кои не се пуштени во промет. Овие количини, со наредба на Агенцијата ќе бидат уништени и ниту едно литро од ова млеко нема да заврши на македонскиот пазар“, вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски. Според него, не значи дека ако во млекото има зголемено количество на афлатоксин, млекото е канцерогено. Имено, присуството на афлатоксинот М1 во млекото од 0,05 микрограми на литар е дозволиво и не е штетно по здравјето на луѓето. Во Хрватска токсиколозите пресметале дека треба 20 години да се пијат по 20 литри млеко на ден за да дојде до оштетување на организмот. Извор на канцерогениот токсин, според хрватскиот ветеринарен институт била сточната храна која ја користеле фармите за хранење на кравите чие млеко го откупувале млекарите. Европа се соочува со скандал за употреба на коњско месо Во исто време Европа го доживува можеби најголем потрошувачки пораз во последните неколку години, со откривање на скандалот за присуство на коњско месо во илјадници тони лажни говедски хамбургери и замрзнати лазањи. Завладеа криза на квалитетот на храната во светски размери, со кои што моментално расположливите системи за заштита на пазарите не можат или не сакаат да се носат. Аферата избувна минатиот месец во Ирска, кога тамошните инспектори открија коњско месо во говедските бургери што ги продаваа британските хипермаркети, но и кај продавниците кои се снабдуваат со мелено месо во Ирска. Подоцна коњско месо беше најдено во мешавината од мелено месо што се употребува за правање на замрзнатите готови производи од лазања и шпагети болоњезе. Вкупно 16 земји на ЕУ се вклучени во оваа афера. На последниот состанок на европските министри за земјоделство,беше истакнато дека во истрагата за пронаоѓање на виновникот ќе се вклучи и полицијата која ќе треба да ја испита кривичната одговорност во аферата, со подметнување на коњско месо во производите со говедско месо. Она што сегашната истрага треба да открие е дали станува збор за грешка во синџирот на снабдување со месни производи, или сето тоа е изведено намерно. Некои лондонски весници објаснуваат дека аферата е само последица на трката за евтина храна, за поевтинувањето на исхраната, но и за задржување на профиот на компаниите од месната и прехранбената индустрија.Коњското месо не е штетно, но потрошувачите се измамени, а фирмите имаат поголем профит, ако наместо говедско, користат коњско месо. Александра Спасевска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.