17 Ноември, 2018
0.3477
    ALK 8249.89    0.17%     GRNT 825.39    -2.89%     KMB 5288.28    -1.52%     MPT 49428.57    1.91%     MTUR 5000    0%     OHB 6750    -1.07%     OKTA 4850    -3%     RMDEN17 96.5    0%     RZLE 16    -20%     STB 1286.19    -0.24%     STBP 1254    -2.15%     STIL 131    -2.67%     TETE 2498    -0.08%     TTK 1253.13    -2.17%

Кој сака да биде поголема „УЧК“ од ДУИ?

Објавено во: Анализа 27 Октомври, 2017

Трката во албанскиот етнички блок во вториот круг од локалните избори се покажа како многу повозбудлива за следење отколку самата битка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ каде неизвесноста е помала. Сепак, тоа што малкумина го очекуваа е дека кај дел од албанските партии и нивни поддржувачи повторно ќе се врати национализмот како главно гориво за собирање на политички поени и надеж дека гласачите ќе се свртат кон такви теми на локални избори на кои е многу поважно да се говори за проекти за решавање на конкретните проблеми на граѓаните.

Овој пат, главен проблем е тоа што на изборен собир во Тетово на коалицијата СДСМ и ДУИ се појавил Љубе Бошкоски, поранешниот министер за внатрешни работи кога траеше воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Критичарите на Али Ахмети се прашуваат како е можно Бошкоски, човекот кој според нив бил мозокот на операцијата во Љуботен која доведе до масакр на цивили албанци сега да биде дел од кампањата на ДУИ. Наводно ДУИ ги напуштила принципите на УЧК и нејзините вредности со тоа што соработува со Бошкоски, а претходно се крена голема „џева“ затоа што заменик министерот за внатрешни Агим Нухиу го посети музејот на специјалната единица „Тигри“ во чест на паднатите борци.

Ова навраќање на албанскиот национализам во кулуминацијата на изборната кампања не носи добро никому, особено што има извртување на тези бидејќи Бошкоски беше ослободен од Хашкиот трибунал за воени злосторства и единствено Јохан Тарчуловски одговараше за злоделата во Љуботен. 

Зачудува и тоа што ДУИ самата партија која се формираше од политичкото крило на УЧК и во своите редови имаше поранешни учесници во воениот конфликт, меѓу кои и команданти, сега полека ги надминува тие националистички митови и говори за сосема нови теми како меѓусебна и искрена соработка, а некој друг сака да биде поголема „УЧК“ од нив.

Претумбациите во албанскиот блок се должат пред се од незадоволството кон Али Ахмети кој е предолго во политиката, како и кон кадрите на ДУИ кои беа во владата на Груевски, па затоа реформа на оваа партија е неопходна и секако мора да се отворат и случаи за потенцијална корупција од претходните влади и општински раководства, но тоа не е тема за пробудување на националистичките духови туку на правната држава.

Автор: Христијан Станоевиќ