Која е тајната формула за успех на „Фруктал Мак“ и како ја зголеми добивката за 2,5 пати?
Објавено во: Економија 20 Јули, 2022 07:25
Голем успех е во острата конкуренција на пазарите во Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина да продадеш македонски овошни сокови вредни 2,35 милиони евра за половина година, а вкупната продажба да ја зголемиш за 16 отсто до 4,34 милиони евра. „Фруктал Мак“ за половина година направи добивка што е безмалку двојно поголема од профитот за целата 2021 година
Одлично полугодие за големиот македонски производител на овошни сокови и нектари, кој работи под брендот на најпознатиот производител на овие пијалоци во поранешна СФРЈ. Скопската компанија „Фруктал Мак“ за половина година успеа да извезе овошни сокови во вредност од 2,35 милиони евра со што постигна резултат подобар за 23 отсто во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците од финанските извештаи на „Фруктал Мак“ достапни на веб страницата на Македонската берза за хартии од вредност.
Вкупната продажба на сокови за првите шест месеци од „Фруктал Мак“ порасна за 16 отсто во однос на лани и достигна 4,34 милиони евра. На домашниот пазар „Фруктал Мак“ продаде сокови во вредност од 2 милиони евра што е за 9 отсто подобар резултат во острата домашна конкуренција со производителите на сокови, пред се, од соседна Србија.
Вреди да се напомене дека залихата на крај на јуни годинава изнесува 650.000 евра.
Во овој период за да го постигне овој резултат „Фруктал Мак“ остварил оперативни расходи во износ од 3,66 милиони евра што е за 12 отсто повеќе од истиот период во 2021 година.
Во нивната структура убедливо најголема ставка се суровините и другите материјали кои учествуваат со 2,49 милиони евра и во однос на лани се зголемени за 16 отсто. За вработените годинава компанијата го намалила трошокот за 7 отсто и за нив платила 288.000 евра. Втора најголема, но збирна ставка, се останатите расходи на кои „Фруктал Мак“ платил 322.000 евра.
Нето добивката за првото полугодие изнесува 677.000 евра, а оперативната добивка била 689.000 евра и таа е за 2,4 пати повисока во однос на истиот период лани.
Во билансот на состојба вреди да се истакне дека кај тековните средства на компанијата доминираат две ставки. Најголема е побарувањата од купувачи која во однос на првото полугодие лани пораснала за 13 отсто и достигнала 2,2 милиони евра. Втора најголема ставка со убедливо најголем раст се парите и нивните еквиваленти кои на 30 јуни изнесуваат 1,3 милиони евра и се за 5 пати поголеми во споредба со истиот период лани.
На страната на обврските убедливо најголемо учество во структурата имаат обврските кон добавувачите со 4,6 милиони евра од вкупните обврски кои изнесуваат 5,6 милиони евра. Кредитната изложеност на компанијата е ниска и (краткорочните и долгорочните) изнесуваат 627.000 евра.
„Фруктал Мак“ е акционерско друштво до доминантна сопственост на словенечкиот гигант „Фруктал“ од Ајдовшчина кој поседува 96 отсто од акциите на македонската компанија. Уште 226 домашни физички лица поседуваат 4 отсто од акциите.
Р.Ф.фото МИА
Можеби ќе ве интересира
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии
ЕБОР: Рекордно ниско ниво на лоши кредити во Централна, Источна и Југоисточна Европа
На бензинските пумпи се појави нов вид гориво: Ќе се испорачуваат со „розови пиштоли“, а ќе може да се користи во сите автомобили
Планирате патување на одмор? Овие аеродроми во Европа ќе штрајкуваат до крајот на годината
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина




