КОЈА ХРАНА ЈА ИМАМЕ НА ЛАГЕР, А СО КОЈА КУБУРИМЕ - надлежните децидни, размената нема да прекине
Објавено во: Економија 19 Март, 2020
Владата веќе донесе одлука за забрана на извоз на брашно и пченица од земјава, како дел од мерките поврзани со коронавирусот и заштита на граѓаните.
Покрај ова, таа ги задолжи Царината, во соработка со Министерството за земјоделство, во наредниот период да го следат трендот на извоз на рафинирано сончогледово масло за јадење, ориз, кондиторски и пекарски производи, односно тестенини, бисквити и слично. Тоа значи дека ќе се внимава и на извозот на овие производи.
Во вакви тешки мигови не само за нашата, туку и за сите нации, сосема легитимно е кај граѓаните да се постави прашањето колку и со каква храна располагаме, за доколку недај боже, дојде до најстрашното сценарио кое никој не го посакува, а тоа е да се стопира и движењето на стоките, и државите да бидат препуштени сами на себе.
Упатени кругови со кои контактираше Фактор велат дека до прекин во испораката на стоки сигурно нема да дојде. Ова од причина што државите договорија дека транспортот на стока нема да прекине, односно тој ќе продолжи, со тоа што ќе се почитуваат специјалните протоколи за заштита.
„Токму затоа деновиве Владата, а и Стопанската комора на Македонија, преговараа на сите можни нивоа, со цел да не биде стопиран транспортот на стоки и суровини. Значи, не зборуваме за туристички патувања, туку за транспортот на прехранбените производи кои се неопходни. Така што, што и да се случи, транспортот на прехранбени добра нема да се стопира, тој ќе продолжи да функционира, односно ќе се врши и увоз и извоз на овие артикли“, објаснува Васко Ристовски, советник во делот на прехранбената индустрија и земјоделство во Стопанската комора на Македонија.
Според него, овој проблем државите го решиле на тој начин што взаемно ќе биде признаен здравствениот сертификат за возачите на камиони, со тоа што за нив ќе се испочитуваат сите протоколи за заштита, како што е редовно дезинфицирање, и сите други мерки што се неопходни за заштита.
Сепак, иако сите се надеваме дека до стопирање на транспортот на стока нема да дојде, да видиме што како држава имаме најмногу на лагер.
Во поглед на потребите од пченица, земјава покрива половина од своите потреби, а половина увезува. Најголем дел од тој увоз, односно 95 проценти, доаѓа од соседна Србија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ завчера изјави дека таа наша соседна држава има доволно храна, пред се пченица, а подготвена е да им помогне и на соседите доколку за тоа има барање.
„Секако дека ќе и помогнеме на Република Српска. Барање за пченица ни пристигна и од Северна Македонија, и сигурно дека ќе и помогнеме и на оваа наша соседна држава“, рече Вучиќ.
МОРА ДА СЕ ЗАШТИТИМЕ - ЗБРАНЕТ ИЗВОЗОТ НА БРАШНО И ПЧЕНИЦА
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера потенцираше дека во насока на заштита на граѓаните од зголемување на цените на храната, Министерството за економија предложи забрана за извоз на брашно од пченица кон сите земји, на неограничено време.
„Северна Македонија е увозно зависна земја, особено во делот на пченицата. Оваа мерка ја донесовме со цел да ги заштитиме домашните производители на брашно, но и да не дојде до покачување на цената на лебот доколку оваа ситуација со коронавирусот се пролонгира“, рече Бектеши.
Министерот уште еднаш им порача на граѓаните дека храна има доволно и дека не треба да се создава паника.
Инаку, земјава нема производство на шеќер и тој доаѓа од увоз, додека потребите за масло за јадење, согласно пподатоците од домашните производители, целосно може да се задоволат од домашни потреби.
„Имаме одлична кондиторска индустрија, во добра кондиција, но таа не може да работи без суровини, како што се брашно, шеќер и масло за јадење“, објаснува Ристовски.
Нашата држава увезува и млеко, иако имаме и доволно производство, но и смрзнато месо, како суровина за месната индустрија.
„Ние произведуваме месни преработки, нашата индустрија во најголем процент ги задоволува домашните потреби, но месната индустрија не би можела да функционира без увозот на суровината, односно смрзнато месо“, објаснува Ристовски.
Како и да е, надлежните уште еднаш повторуваат дека до прекин на размената нема да дојде.
„Ниту една држава не произведува баш се што и е потребно за да ги задоволи своите прехранбени потреби. Затоа и сите држави беа заинтересирани да не дојде до прекин на транспортот на стоките“, нагласува Ристовски.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.