Која наша банка може годинава да направи 60 милиони евра профит? Веројатноста е голема, пола работа е завршена!
Објавено во: Економија 26 Јули, 2024
Не треба да зачудува тоа што НЛБ Банка има добивка од речиси 30 милиони евра (пред оданочување) за шест месеци. За стимулација за своите вработени за овој период исплатила над 10 милиони евра односно 723.000 евра повеќе од истиот период лани. На државата платила 3 милиони евра данок од добивка. Да имаме повеќе вакви фирми кај ќе ни е крајот...
НЛБ Банка има одличен финансиски резултат во првото полугодие годинава. Откако беа објавени финансиските извештаи за првите шест месеци годинава многу е појасно зошто цената на нејзината акција надмина рекордни 44.000 денари.
За првите шест месеци годинава оваа банка има добивка пред оданочување од речиси 30 милиони евра. За првите шест месеци годинава оваа банка на државата и плати данок од 3 милиони евра. Многумина токму ова го ценат како извонреден патриотизам. Затоа што парите се наменети за македонската армија, полиција, школство, здравство па и неизбежната државна администрација без која нели не се може.
За првите шест месеци годинава банката од својата основна дејност , приходите од камати на нето основа, наплатила 37,8 милиони евра. Или 6,86 милиони евра повеќе од истиот период лани.
Од втората најважа приходна ставка – провизии и надоместоци наплатила уште 12,32 милиони евра. Односно 1,7 милиони евра повеќе од истиот период минатата година.
Значи од двете најголеми приходни ставки НЛБ Банка остварила приход од 50 милиони евра за шест месеци!
Тука вреди да се спомене дека од курсни разлики банката во првото полугодие остварила 2,7 милиони евра што е за нијанса послаб резултат од истиот лани.
И кога се споредуваат приходите единствено потфрлање ако така може да се каже се останатите приходи од дејсноста. Тие се 1,7 милиони евра, а лани за истиот период биле речиси 3 милиони евра. Но со оглед дека во значајна мерка тие приходи зависат од продажба на запленет имот може да значи и дека едноставно немала потреба да плени и продава имот затоа што во најголем број коминтентите навреме ги подминуваат обврските.
Најголем трошок на банката се вработените, но без задоволни вработени и нема добар бизнис. За нив за првите шест месеци НЛБ Банка платила 10,1 милиони евра и во нивната мотивација вложила 8 отсто повеќе од истиот период лани.
За резервации банката издвоила над 3 милиони евра во првите шест месеци и тој износ е за речиси 4,5 пати повисок од резервациите издвоени во првото полугодие минатата година.
Нето добивката за првите шест месеци изнесува 26,7 милиони евра или за 3,1 милиони евра подобро од истиот период во 2023 година.
Вреди да се истакне дека во првите шест месеци годинава НЛБ Банка издала 32,5 милиони евра нови кредити и на крајот на јуни годинава нејзиното кредитно портфолио изнесува 1,24 милијарди евра.
На крајот на јуни нивото на заштеди и депозити на коминтенти (освен банки) изнесува 1,5 милијарди евра.
Р.Ф.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.