КОЈА ПРИЛЕПСКА ФАБРИКА ПЛАНИРА ГОДИНАВА ДА ПРОДАДЕ ХРАНА ЗА 80 МИЛИОНИ ЕВРА - имаат и чоколади и кекси, ама и кечап и мајонез, а еве што ќе изменат
Објавено во: Економија 14 Јануари, 2025
Ќе продадат чоколади и кекси, ама и грицки и зејтин, но и кечап и мајонез, и од сите тие продажби планираат да наплатат дури 80 милиони евра. Повеќе дома, а помалку во странство, но сепак големи надежи имаат и во двата вида на пазари. Планираат и инвестиции, од фотоволтаици со кои би штеделе енергија, па се до нова линија за мафини и тортици.
Вакви деловни намери има прилепска „Витаминка“, а својот бизнис план вчера го направи достапен за инвеститорите и воопшто за пошироката јавност, презентирајќи го преку Македонската берза за долгорочни хартии од вредност.
Инаку, во својот бизнис план од „Витаминка“ даваат краток опис на своето работење, нагласувајќи дека се компанија која во сегментот производството на храна на овие простори опстојува околу 70 години.
„Денес нашето портфолио брои над 400 различни типови пакувања во различни категории - чоколади, кекси, кремови, мајонез, кечап, грицки, масло, зачини, намази, сосови со кои излегуваме во пресрет на различните вкусови и барања на пазарот“, потенцираат од прилепската фабрика.
Оттаму велат дека работат на постојаност и зајакнување на позициите на актуелните пазари, како и соодветно проширување на нови. Како планираат да ги заработат главните пари во компанијата?
Имено, очекуваат продажбите да им донесат дури 80 милиони евра, или за дури 30 проценти повеќе во однос на очекуваните за претходната 2024 година.
„Се очекува 47 милиони евра од продажби да бидат остварени на домашниот пазар, додека, пак, 33 милиони евра од извоз“, се вели во документот пласиран преку Берзата.
Како вложува компанијата? Лани се инвестирало во опрема во две автоматски линии за пакување на флипс, почната во 2023 година, што ќе придонесе да се зголеми продуктивноста. Нејзината вредност е 650.000 евра. Се инвестирало и во фотоволтаици, кои донеле значителни заштеди во делот на трошоците за електрична енергија.
Се планира и нова линија за мафини и тортици. Имено, она на што сега се работи се развојни зафати, доминантно во делот на пуштањето нови производи на постоечките машини, односно линии, а со цел Витаминка да го засили присуството на пазарите со нови производи, особено во делот на чоколадниот програм и новата линија за мафини и тортици.
Истражувањата кои се прават, пак, се со цел компанијата да го задржи високото ниво квалитет на производите, со поголем акцент на здрави состојки во нив.
„Посебен акцент ќе се стави за развој на производи и иновации, како и пакување, кои се насочени кон зголемување на достапноста на производите на Витаминка, и нивно прилагодување на потребите и навиките на различни групи потрошувачи. Идниот раст ќе се заснова на категории производи со поголем нутритивно избалансиран потенцијал“, се вели во бизнис плановите на компанијата.
Оттаму велат дека планираат и да се посветат на заштита на животната средина.
„Витаминка има за цел да ја интегрира одржливоста во сите свои деловни процеси, односно да ги исполни сите законски барања во врска со животната средина, и во Македонија и на сите пазари каде што е присутна компанијата“, се најавува во документот од ова акционерско друштво.
Додаваат и дека се грижат за создавање обновливи извори на енергија, па како голем потрошувач, континуирано работат на зголемување на нивната енергетска ефикасност.
„Витаминка“, која во моментов има околу 700 вработени, за годинава очекува нови вработувања во Прилеп, Скопје и Штип. Просечната возраст на вработените е 43,7 години по вработен, и тоа 42,2 години е просечна возраст на мажи, а 45,2 години на вработени лица од женски пол.
Акциите на Витаминка котираат на официјалниот пазар на Македонската берза, а цената лани се движеше од 10.000 до 11.000 денари по акција.
„Менаџментот на компанијата ќе продолжи и натаму со досегашната дивидендна политика соодветно на остварените резултати“, се вели во бизнис-планот на компанијата за 2025 година, кој го донел Одборот на директори.
Н.Н.Ф.