КОЈА ТЕТОВСКА КОМПАНИЈА УСПЕА МИНУСОТ ДА ГО ПРЕТВОРИ ВО ПЛУС - од загуба од 360 илјади евра, до добивка од 180 илјади
Објавено во: Економија 26 Февруари, 2025 08:20
Чиста добивка од 180 илјади евра можеби и не е некој резултат за голема пофалба, но ако се има предвид дека претходната 2023 година била завршена со загуба од 360 илјади евра, ланскиот профит на „Жито полог“ најмалку барем треба да се поздрави од деловната заедница во земјава.
Компанијата која е лоцирана во Тетово и чија основна дејност е производство на мелнички и пекарски производи, тестенини и јајца, а поседува и сместувачки капацитети за житни култури, сопствена малопродажна мрежа и специјализиран погон за добиточна храна, ги објави своите биланси за минатата година.
Билансот на успех говори дека тоа акционерско друштво во 2024 година имало приходи од 4,8 милиони евра, што е одличен резултат, односно раст за 25 отсто во однос на истиот период од минатата година.
Но, не пораснале клучните приходи, а тоа се приходите од продажбата, туку најголем раст има кај останатите оперативни приходи.
Да одиме со ред.
Вкупните приходи од продажбата лани изнесувале 3,7 милиони евра, што е само незначително и минимално намалување за еден отсто во однос на истиот период од претходната година.
Од продажбите на домашниот пазар компанијата инкасирала 3,25 милиони евра, што е извесно потфрлање, односно намалување за 12 отсто во однос на 2023 година.
Затоа, пак, драматично натфрлање има кај приходите од продажба на странскиот пазар, кои инаку се мали како учество, односно во 2024 година од нив се оствариле приливи од 451 илјади евра, но затоа растот во однос на претходната година е огромен и изнесува дури 617 проценти.
Но, уште подраматичен раст има кај останатите приходи од дејноста, кои всушност го прават целиот добар скор на приходната страна, и покрај благото затајување кај приходите од продажбата. Имено, останатите приходи од дејноста и донеле на компанијата дури 1,1 милиони евра ланската година, што во однос на претходната е пораст за 1.415 проценти.
Да ја погледнеме расходната страна.
Оперативните расходи се на ниво од 4,45 милиони евра или тоа е раст за 14 проценти.
Набавната вредност на трговските стоки е расходна ставка од 870 илјади евра, но кај неа е забележано ненормално зголемување за дури 2.561 процент, што е повеќе од драматичен пораст.
Затоа, пак, се намалиле трошењата кај една друга расходна ставка, која е многу поголема, а тоа се трошоците за суровини и други материјали, за кои се поарчиле безмалку два милиони евра, но тоа е намалување за 20 отсто во однос на истиот период од претходната година.
Кај останатите трошоци од работењето расходот е 381 илјади евра и тие се зголемени за 56 проценти.
А, за своите вработени, односно за плати и други надоместоци, „Жито полог“ издвоил 901 илјади евра, што е раст за 9 проценти во однос на претходната 2023 година.
Па така, на крајот оперативната добивка на компанијата била на ниво од 211 илјади евра, но поради повисоките финансиски расходи од приходи и после плаќањето на корпоративниот данок од 10 отсто, нето добивката изнесува 179 илјади евра, што се смета за солиден резултат, ако се има предвид загубата од претходната година од 357 илјади евра.
Во своето образложение од финансиските резултати уште од компанијата нагласуваат дека во 2024 година не била исплатена дивиденда, како и дека вкупните инвестиции во основни средства изнесуваат околу 35 илјади евра.
Вкупните единечни обрски по кредити изнесуваат 1,12 милиони евра, што претставува намалување од 12 отсто во однос на претходната година.
За наредниот период, друштвото, како што велат во своето образложение, прави напори за подобрување на финасиските резултати и одржување на ликвидноста. „Во наредниот период ќе бидат преземени активност со цел изнаоѓање на нови пазари, подобрување на квалитетот и асортиманот на производите“, велат од раководството на Жито полог.
Н.Н.Ф.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
ПО ИНЦИДЕНТОТ СО ТУРЦИ ВО ПОДГОРИЦА: Во ноември, секој ден се затвораше по една турска компанија
Цената на кафето расте, но луѓето не се откажуваат од својот омилен напиток
Како да се одреди вистинската плата за новoто работно место?
Германија тоне во најлошата криза од 1945 година, индустријата се соочува со проблеми
Цени во најсеверната продавница во светот, поевтино е од САД
Хрвати се иселиле во Полска, тврдат дека земјата е драстично подобра од Хрватска
Обидот за увоз на берачи од Бангладеш и Пакистан не успеа во соседството
БДП СЕ ЗГОЛЕМИ ЗА 3.8 ОТСТО: Кои сектори се со најголем раст?





