05 Декември, 2025
0.0342

Колку чини електричната енергија добиена од грчкиот јаглен и каде тоа нé води? Професорот Трајковски детално пресмета, еве што заклучи

Објавено во: Економија 29 Септември, 2025 07:10

Добивај вести на Viber

Професорот од Техничкиот факултет-Битола, Дејан Трајковски, по објавата на најновите податоци за цените и набавените количини на јаглен од Грција за потребите на РЕК Битола, направи анализа на истите и тврди дека има нелогичности во бројките.
Колку чини електричната енергија добиена од грчкиот јаглен и каде тоа нé води?

Деновиве беа објавени најновите податоци за цените и набавените количини на јаглен од Грција за потребите на РЕК Битола. Ќе направиме кратка анализа на цените и ќе видиме дека има нелогичносто во бројките. Ќе ја пресметаме и производствената цена на електричната енергија и загубата што ја генерира таквото производство.

Од медиумите ги дознаваме основните податоци https://faktor.mk/ad-esm-kupuva-nad-milion-toni-jaglen... :

- Купени се 100.000 t преку приватната фирма Рес Инженеринг по цена од 54,9 евра/тон. Познато е во чија сопственост е оваа фирма и кому државниот ЕСМ му прави добар бизнис.

- Од друга страна кажуваат дека цената е 448 ден./GJ (гигаџул).

Цените се дадени за еден тон, односно за еден гигаџул, па оттука ќе ја пресметаме топлинската вредност на јагленот. Ги користиме следните конверзиони фактори за енергијата:

1 MWh = 3,6 GJ

1 GJ = 0,278 MWh

Ја трансформираме цената на топлинската енергија од јагленот:

448 ден./GJ = 7,26 евра/GJ = 7,26/0,278 = 26,11 евра/MWh(t)

Оттука ја наоѓаме долната топлинска вредност на јагленот:

Hd = 54,9 евра/t / 26,11 евра/MWh(t) = 2,1 MWh(t)/t = 7,56 GJ/t

Ова одговара на 7,56 MJ/kg, односно 1.807 kcal/kg изразено во старите единици.

Во рудниците на РЕК Битола дури и во најдобрите денови не достигнале топлинска вредност од 1.800 kcal/kg, туку истата се движела од 1.500-1.700 kcal/kg (6,3-7,1 MJ/kg), а денеска, при содржина на пепел од 40%, изнесува околу 1.300 kcal/kg (5,4 MJ/kg). Бидејќи истата подземна „жила“ на јаглен се протега од нашиот рудник Суводол, преку Брод-Гнеотино и Живојно до грчките рудници, оваа висока топлинска вредност е сомнителна. Или од дадената маса нема да се постигне бараното количество енергија (за кое што е платено) или за да се постигне истата енергија ќе треба да се купат повеќе тони јаглен.

Да ја пресметаме сега цената на електричната енергија од грчкиот јаглен, сметајќи дури и со оваа прилично висока топлинска вредност. При коефициент на корисно дејство ККД=33% (друг пат ќе видиме дека со нашиот неквалитетен јаглен, преполн со пепел, ККД веројатно не надминува 22%), количеството на електрична енергија од еден тон грчки јаглен изнесува:

0,33*2,1 = 0,694 MWh(e)/t, односно за еден мегаватчас електрична енергија се потребни 1/0,694 = 1,44 t/MWh(e). За споредба, со нашиот неквалитетен јаглен се потребни најмалку 2 t/MWh(e).

Цената на горивото за електричната енергија добиена од грчкиот јаглен изнесува во најдобар случај:

54,9 евра/t / 0,694 MWh(e)/t = 79,1 евра/MWh(e)

Кон цената на горивото ги додаваме оперативните трошоци од најмалку 25 евра/MWh(e), така што конечната производствена цена на електричната енергија од грчкиот јаглен достигнува најмалку:

79+25 = 104 евра/MWh(e).

Тука уште еднаш треба да подвлечеме дека е пресметувано со нереално високата калорична вредност на грчкиот јаглен. Реално, доколку истата е пониска, цената би била уште повисока, во секој случај најмалку колку берзанската цена.

Но, тоа не би било воопшто страшно доколку РЕК Битола би успеал да ја продаде електричната енергија барем по 104 евра/MWh(e). Проблемот е што тие самите - по наредба на власта - си ги врзале и рацете и нозете со продажна цена од 62 евра/MWh(e), односно на секој 1 MWh произведена електрична енергија генерираат загуба од најмалку 104-62 = 42 евра/MWh(e).

При просечно дневно производство во РЕК Битола од 6.720 MWh (со два блока), се генерира загуба од 6720*42 = 282.240 евра/ден, односно 103 милиони евра/год! За споредба, минатата година беше генерирана загуба од 123 милиони евра.

Инаку, дури ни цената на јагленот добиен од рудниците на РЕК Битола не е пониска, туку напротив. Моментално ископувањето го вршат приватни компании, што во секој случај е поскапо отколку сопственото ископување од државните рудници. Ова ни го ветуваа сегашните власти пред доаѓањето на власт, но никогаш не го остварија, туку продолжија по старо. При просечна цена на ископот од 20 евра/t јаглен, 12 евра/t јаловина, сооднос на јаловината спрема јагленот од 8:1, цената на јагленот достигнува 20+8*12 = 117 евра/t, што е дури двојно поскапо од цената на грчкиот јаглен од 55 евра/t, кој поминал дури и низ рацете на приватните увозници. Ете што прави корупцијата, односно мешањето на приватници во државното производство на јаглен и електрична енергија. Затоа електричната енергија од РЕК Битола, со 70% домашен јаглен е повисока од претходно преметаната цена со грчки јаглен и изнесува околу 130 евра/MWh.

Ова свесно упропастување на РЕК Битола и ЕСМ го прави власта со тоа што ги тера да ја продаваат електричната енергија по цена значително пониска од производствената, при што не им ги покриваат загубите, туку ги тераат да се задолжуваат кај комерцјалните банки. Како што гледаме, дури и со наводното „домаќинско“ работење, загубите ќе продолжат да се трупаат односно ЕСМ нема да може да ги врати заемите, кои во меѓувреме дури и се зголемуваат заради каматите.

Со ова темпо за помалку од 5 години целокупниот капитал на ЕСМ, којшто моментално изнесува околу 500 милиони евра (и тоа заедно со хидроцентралите) ќе биде доведен до нула, односно ЕСМ ќе кора да прогласи стечај и да влезе во процес на ликвидација. Во стварност, банките можат да побараат стечај и многу побргу, доколку проценат дека со продажба на имотот нема да можат да го намират долгот.

Тука не се работи само за заемите за купување на јаглен, туку и за стотиците милиони евра заем фрлени за модернизација на блоковите за наводно зголемување на моќноста, што никогаш не беше постигнато, а освен тоа се знаеше дека поради недостиг на јаглен инвестицијата нема да се исплати. Да се потсетиме, ова економско злосторство беше направено за време на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, за што никогаш никој не одговарал.

Можеме да шпекулираме зошто се прави сето ова, но најверојатното објаснување е дека власта (не само оваа!) сака да го ликвидира ЕСМ за да може непречено да тргува со електрична енергија од приватни производители и од увоз преку компании во сопственост на луѓе блиски до власта (секако не само оваа).

Поради тоа, во сите предизборни кампањи новинарите би требало јасно и гласно, со големи црвени букви да го истакнуваат учеството на партиските кандидатите во бизнисот со струја, бидејќи тоа претставува многу очигледен конфликт на интереси, што е неспоив со функцијата што ќе ја извршуваат. Јасно е дека некој што остварува голем профит од производство и трговија со електрична енергија нема да има намера да го стабилизира државното производство на евтина електрична енергија, туку напротив - ќе сака да го зголеми личниот профит. Ако пак на граѓаните, во име на верноста кон партијата, не им пречи што утре ќе плаќаат двојно поскапа електрична енергија и што енормно ќе ги збогатуваат тие што довеле до тоа, тогаш нека продолжат да гласаат за нив и нека им кажат „благодариме“., напиша тој.


* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Димитриеска-Кочоска: Немам информација дека доцни породилното

Димитриеска-Кочоска: Немам информација дека доцни породилното

Угостител од Чаир стана директор на „Номагас“

Угостител од Чаир стана директор на „Номагас“

ПРЕДНОВОГОДИШНО РИПНАЛЕ ЦЕНИТЕ НА УГОСТИТЕЛСКИТЕ УСЛУГИ: Еве што покажува статистиката

ПРЕДНОВОГОДИШНО РИПНАЛЕ ЦЕНИТЕ НА УГОСТИТЕЛСКИТЕ УСЛУГИ: Еве што покажува статистиката

ОД 11 ДЕКЕМВРИ НЕМА ПОВЕЌЕ ВОЗ НА ДЕЛНИЦАТА СКОПЈЕ-ЗЕЛЕНИКОВО: Почнува реконструкцијата на пругата

ОД 11 ДЕКЕМВРИ НЕМА ПОВЕЌЕ ВОЗ НА ДЕЛНИЦАТА СКОПЈЕ-ЗЕЛЕНИКОВО: Почнува реконструкцијата на пругата

РКЕ го намали надоместокот за мрежарина за електрична енергија

РКЕ го намали надоместокот за мрежарина за електрична енергија

ДОЦНА НАВЕЧЕР СЕ ПОТПИШУВАА РЕШЕНИЈА: Субвенции за набавка на клима уреди во Скопје

ДОЦНА НАВЕЧЕР СЕ ПОТПИШУВАА РЕШЕНИЈА: Субвенции за набавка на клима уреди во Скопје

КУПИЛ ДВЕ НАПУШТЕНИ ШТИПСКИ СЕЛА: Косовски бизнисмен бара од Владата да ја гради најголемата фотоцентрала

КУПИЛ ДВЕ НАПУШТЕНИ ШТИПСКИ СЕЛА: Косовски бизнисмен бара од Владата да ја гради најголемата фотоцентрала

АЛЕКСАНДАР МАНЕВ ВО „БИЗНИС-КЛУБ“: „Кадарот го создава духот на компанијата“

АЛЕКСАНДАР МАНЕВ ВО „БИЗНИС-КЛУБ“: „Кадарот го создава духот на компанијата“

Венецуела го зголеми дневниот извоз на нафта во ноември

Венецуела го зголеми дневниот извоз на нафта во ноември