28 Септември, 2024
0.0260

Колку се моќни светските брендови?

Објавено во: Анализа 11 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Sony и Adidas се приклучија на корпоративните спонзори кои инсистираат FIFA да направи целосна истрага за последните тврдења дека Катар го освоил правото да биде домаќин на Светското фудбалско првенство во 2022 година, користејќи незаконски средства.

"Негативните јавни дебати околу FIFA во овој момент не се добри ниту за фудбалот, ниту за FIFA и нејзините партнери", изјавија од Adidas вчера. Од своја страна Sony коментира дека очекува организацијата "да се држи до своите принципи".

Visa и Coca-Cola, два од најголемите партнери на FIFA, исто така, изразија загриженост откако втора недела Sunday Times објавуваат материјали во кои зборува за освојување на домаќинството од страна Катар.

Британскиот весник тврди дека има документи и пораки, откриени од страна на непознат висок функционер на FIFA, кои покажуваат дека поранешниот потпретседател на Меѓународната фудбалска федерација Мохамед бин Амам, платил милиони долари на вработени од целиот свет, за да ја обезбеди поддршката на Катар, за да биде домаќин на настанот во 2022 година. Катар сепак ги негира обвинувањата.

"Како партнер на FIFA, ние очекуваме овие обвинувања да бидат испитани на соодветен начин", изјави портпаролот на Sony Џорџ Бојд. "Продолжуваме да очекуваме FIFA да се придржува кон своите принципи за интегритет, етика и фер игра во сите аспекти на нивната работа".

FIFA е во контакт со своите трговски партнери, вклучувајќи ги и Adidas, Sony и Visa, изјави маркетинг директорот на организацијата Тиери Уеил.

"Тие имаат 100% доверба во истрагата, што се одржува во моментов од независната Комисија за етика на FIFA", прецизира Уеил. Според него спонзорите не побарале ништо што не е предмет на тековната истрага.

По изборот на Катар во 2010 година, кога ги победи конкуренти како САД, Австралија, Јужна Кореја и Јапонија, беа упатени обвинувања кон арапската држава и неколку функционери.

Мајкл Гарсија, поранешен американски федерален обвинител, кој ги истражува тврдењата повеќе од една година, минатата недела изјави дека следниот месец ќе испрати извештај до германскиот судија Ханс-Јоаким Екер кој ќе одлучи дали навистина има некаков проблем. Екер е претседател на судскиот орган при Комитетот за етика на FIFA.

"Очекуваме FIFA да преземе соодветни дејства како одговор на извештајот и неговите препораки", изјави Мелиса Касар, портпарол на Visa. Таа откри дека компанијата ќе продолжи да ги следи домашните истраги.

"Се што противречи на мисијата и идеалите на Светското фудбалско првенство, ни пречи, но сме убедени дека FIFA ги прифаќа овие обвинувања многу сериозно и ги истражува темелно", објави Алисон Брубеикер, портпарол на Coca-Cola.

Anheuser-Busch inBev исто ја разгледува ситуацијата, откри Лаура Валис, портпарол на белгиската компанија. "Очекуваме FIFA да го направи неопходното за решавање на проблемот", додаде таа.

Гарсија ќе се обрати на членовите на FIFA за време на годишната средба, која ќе се одржи во Сао Паоло оваа недела. Светското фудбалско првенство започнува во Бразил на 12-ти јуни, само ден по завршувањето на средбата.

Бин Амам минатата недела изјави дека не сака да ги коментира тврдењата на Sunday Times. "Искрено нема што да кажам за ова. Оставете ме да уживам во животот ", порача тој.

К.К.