05 Мај, 2024
0.0235

Колку сме далеку од доброто корпоративно управување со банките?

Објавено во: Анализа 08 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Довербата во работењето на една банка е основен предуслов таа банка да ги задржи постојните клиенти и да добие нови клиенти. Може да се каже и поинаку, една банка ќе земе поголем дел од банкарскиот колач доколку во јавноста на подобар начин ги промовира своите производи и услуги, транспарентно работи и во континуитет покажува сигурно и стабилно работење.

Кога во 70-те години на 20-от век во Америка се појави терминот „корпоративно управување“, се пласираше тезата дека довербата во банките ќе расте само ако банките имаат воспоставени добри практики на корпоративно управување.

Под терминот „добро корпоративно управување“ во банките може да се подразбере управување кое на јасен и ефикасен начин ќе ги дефинира релациите на трите засегнати страни и тоа: начинот на кој акционерите на банката ги остваруваат своите права и одговорности, начинот на кој менаџментот управува со банката и транспарентниот однос на банката со јавноста.

Кога ги разјаснивме основните поими врзани со корпоративното управување, веднаш ни се наметнува прашањетo: Дали македонските банки имаат добро корпоративно управување?!

Работењето на македонските банки останува и понатаму најрегулирана област во македонската економија. Правната рамка, или ако милувате, правните ограничувања влијаеле во голема мера банките да го имаат институционализирано своето работење. Просто кажано, тоа значи дека организационата шема на банката ги покрива сите основни деловни процеси и јасно ги дефинира линиите на одговорност. Начинот на донесување на одлуки во голема мерка е формализиран, и тоа како интерно во банките, така и во комуникација со клиентите преку нудење на стандардизирани договори и услуги.

Со една ваква констелација на работите, одговорот на прашањето треба да биде дека нашите банки имаат воспоставено одлично корпоративно управување. Но мили мои повторно го забораваме нашиот македонски синдром. Хартија трпи сè! Ние сме секогаш многу умешни да изработиме добри закони, процедури и правила, но во пракса истите воопшто не ги применуваме или тие се применуваат само парцијално за „обичниот“ граѓанин или само за малиот клиент. Во македонските банки сеуште има случаи каде е присутна концентрацијата на моќ во рацете на еден или мал број лица на менаџментот на банката. Доколку постои доминантна акционерска структура, малите акционери многу малку ги практикуваат своите акционерски права. Имаме недоволно активни надзорни органи, акламативни надлежности на одредени тела и комитети на банките, како и незаживување на концептот на независни членови. Во насока на слабост во работењето е се почесто нетранспарентна процедура за вработување, што најмногу се одразува на стручноста на банкарскиот кадар.

Знаеме дека на банките им е тешко секогаш да ја нивелираат вагата на правдата и да ги задоволат интересите на сите засеганти страни (акционери, менаџмент, регулаторни тела, клиенти, инвеститори, добавувачи, брокери, инвестициони советници, адвокати, маркетинг агенции, вработени). Има и уште една работа. Банките како економски субјекти не се изолирани од опкружувањето во кое функционираат. Сепак, само здрава конкуренција, немешање на политиката и уште поголема транспарентност во работењето може да влијае банките во пракса навистина да ги практикуваат правилата на добро корпоративно управување.

Банките треба да си ја задржат својата основна економска логика на постоење, а тоа е работење заради остварување на профит. Но тие работат со наши пари и сите ние сакаме да знаеме дека ги вложуваме во банка која знае да управува со нив на најдобар можен начин.

Ако банките сакаат да ја стекнат или задржат нашата доверба, треба час поскоро да преминат од зборови на дела. Само така кога ќе се пофалиме дека имаме добро корпоративно управување, нашите зборови нема да останат глас фрлен во пустина.

м-р Искра Ивановска Стојановска

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад