Колку спорни гласачи го регулирале своето избирачко право?
Објавено во: Македонија 03 Ноември, 2016
До 14 часот денеска 214 граѓани побарале запишување во избирачкиот список од вкупно 29.858 чии записи по извршените вкрстени и теренски проверки останале неконзистенти.
Ова го потврдуваат од Државната изборна комисија. Објаснуваат дека 161 пријава била прифатена, една е во обработка, а 52 се во фаза на разгледување. Пријавувањето на 29.858 граѓани за запишување во избирачкиот список е во тек. Рокот за завршување на овие изборни дејствија е до 24 часот на 11 ноември.
Во тек е и пријавувањето за гласање на претстојните избори за граѓаните од странство, а досега се пријавиле 5.909 пријави. Од нив, 5.379 пријави се прифатени, 132 се одбиени, а останатите се во обработка.
Во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК низ државата до вчера до 19 часот, јавен увид во избирачкиот список извршиле вкупно 1.358 избирачи.