Добивај вести на Viber
пишува
Даниел Дончев
Со прекршување на законските и уставните прописи при донесување на буџетот власта не избегна буџетска криза, ама предизвика уставна.
Власта, со изговор дека буџетот мора да се донесе по секоја цена во интерес на граѓаните, презеде апсолутна обврска и одговорност дека во 2013 година конечно, по секоја цена ќе ги реши економските проблеми во Република Македонија. Со ова Владата го изгуби маневарскиот простор за било какви оправдувања или изговори доколку не успее. Нема веќе правдање со светска криза од која требаше да ќариме, со спорна приватизација или со опозициона опструкција.
Светските искуства покажуваат дека Македонија не е ниту прва ниту последна држава која се нашла во парламентарна криза поради обидите на опозицијата да го одложи или во некои случаи дури и да го блокира донесувањето на буџетот. Парламентарни кризи се нормална појава во демократскиот живот на една демократска држава. Всушност буџетот е фискална политика на владата. Заедно со монетарната политика и микроекономската политика на Владата, фискалната политика е една од трите главни алатки преку кои државниот сектор дејствува во економијата на државата. Со потезите на владејачката партија, парламентарната криза во Македонија прерасна во уставна криза.
Интересен пример од историјата на вистинските демократски земји (иако владеењето на
Никола Груевски е неспоредливо со земјите кои имаат вистински демократии), за обид на опозицијата да го блокира или одложи донесувањето на буџетот се случи во Австралија во далечната 1975 година. Австралискиот парламентарен систем е составен од Собрание на пратеници (кои ја избират владата) и Сенатот. Буџетот мора да биде изгласан од мнозинството на пратеници во собранието како и мнозинството на сенатори во Сенатот. Партијата на тогашниот премиер
Гоф Витлам го имаше мнозинството во Собранието, но партијата на лидерот на опозицијата
Малком Фрејзер го имаше мнозинството во Сенатот. Во октомври 1975 година, опозицијата одлучи да го искористи своето мнозинство во Сенатот и да го блокира донесувањето на буџетот, инсистирајќи на многубројни амандмани и промени во фискалната политика на владејачката партија и повикувајќи на предвремени парламентарни избори.
Наместо да се соочи со непријатниот факт дека буџетот нема да биде донесен во законски предвидениот рок, а единствен излез е да се најде компромис со барањата на опозицијата, премиерот Гоф Витлам презеде спорна процедура за разрешување на половина од сенаторите во Сенатот. Целта беше да се свикаат итни избори за разрешените сенатори. Тој најверојатно сметал дека ќе ја добие поддршката од граѓаните и по ваквите избори ќе може да добие мнозинство во сенатот кое ќе го изгласа буџетот.
Според Уставот на Австралија, предвремени избори може да се случат доколку мнозинството од пратениците во Собранието донесат таква одлука и доколку таа одлука е одобрена од Гувернерот на Австралија кој директно е назначен од Кралицата на Велика Британија. Иако Гувернерот во пракса воопшто нема извршни овластувања, Уставот дозволува одредени овластувања под определени околности, вклучувајќи ја и моќта да го разреши премиерот во услови на непочитување на Уставот.
На 11 ноември 1975 година, Гоф Витлам отиде кај Гувернерот на Австралија со цел да побара итни избори за половина од сенаторските места во сенатот. Наместо тоа, Витлам стана прв и досега единствен премиер во историјата на Австралија кој доби известување дека е разрешен од премиерското место од страна на Гувернерот во согласност со прописите во Уставот на Австралија. Веднаш потоа, Гувернерот назначи технички премиер. Таа техничка влада во многу краток период организираше избори за сите пратенички и сенаторски места во Собранието и Сенатот на Австралија. На тие избори опозицијата ја доби масовната поддршка на населениото.
Постојат и многу други примери во светот за буџетски кризи. Но сите покажуваат дека фискалната политика(буџетот) заслужува сериозен ангажман од страна на Владата и сериозна анализа од страна на опозицијата. Но, по вознемирувачките сцени во парламентот на Република Македонија, било какви анализи за буџетот за 2013 година се излишни. Без разлика на опозиционите тактики со многубројните амандмани, донесувањето на буџетот мораше да биде во согласност со законските прописи и Уставот на Република Македонија. Аргументите на владејачката партија дека со одложување на донесувањето на буџетот ќе забават реформите, едноставно се невистинити. Впрочем, временото финансирање е предвидено токму поради евентуалната можност буџетот да не биде донесен навремено. Наспроти ова, Власта промовираше принцип дека Уставот не мора да се почитува ако не тоа не му одговара на Никола Груевски.
Затоа кризата во македонскиот парламент, колку и да беше непријатна или непосакувана за властодршците, мораше да биде решена или по пат на компромис со опозицијата (за која сепак гласаа преку 400 000 граѓани на Република Македонија) или во согласност со сите законски и уставни прописи. Со фактот што
Трајко Вељановски и Никола Груевски ги тргнаа сите овие законски прописи на страна, тие се ставија на страната на бруталноста и насилството кое се случи во Собранието. Тие, според функцијата што ја извршуваат, Претседател на собрание и премиер се директно одговорни за уставната криза која денес се случува во Република Македонија.
За среќа, има паралели и соодветни искуства од развиените демократски земји од кои можеме да извлечеме поуки како да се излезе од оваа криза. Македонија нема Гувернер кој може да го разреши Никола Груевски. Да се надеваме дека ќе има доволен број на пратеници кои навистина и мислат добро на демократската и економската иднина на Република Македонија.
Даниел Дончев
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.