КОНЕЧНО И ПОРТАЛИТЕ ВЛЕГУВААТ ВО ЗАКОНОТ, ЌЕ СЕ РЕГУЛИРААТ И АГРЕГАТОРИТЕ - еве што носи новата нацрт верзија
Објавено во: Економија 25 Ноември, 2024
По долги инсистирања од медиумите и новинарските работници од делот на интернет порталите, конечно власта прифаќа и ќе го регулира и овој дел од медиумската индустрија.
Имено, на националната платформа ЕНЕР каде што првично се пласираат законските решенија кои власта има намера да ги донесе и за кои сака да отвори јавна расправа, веќе е објавен нацрт на тоа како би изледале измените и дополнувањата на Законот за медиуми.
А, како што навеле и самите предлагачи, измените и дополнувањата на Законот за медиуми се во насока на усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ, како и внесување на онлајн медиумите, односно интернет порталите во тој закон.
Па така, како што е објавено во верзијата на ЕНЕР во нацрт законот, всушност во овој документ ќе се доддаде дека покрај програмите на радиото и телевизијата, ќе се додадат зборовите „онлајн медиуми – интернет портали“.
Тоа ќе повлече промена и во дефиницијата за тоа што е издавач на медиум.
А, овде е битно тоа што покрај оние кои публикуваат интернет портали, во законот односно во регулативата ќе влезат и агрегаторите на вести, како и оние што вршат мониторирање на медиумите, а од тоа остваруваат приходи.
Па така, во член од законот ќе биде наведено дека тој ќе ги регулира и „правните лица кои вршат дејност на издавање на печатен медиум, емитување на радио и телевизиски програми (радиодифузери) или публикување информативни содржини преку онлајн медиуми – интернет портали, како и физичко или правно лице кое врши агрерирање вести на посебни интернет страници или мониторирање на медиумите на начин што остварува приходи од давање на овие онлајн услуги“.
Колку редовно вработени лица ќе треба да има порталот. По бројни дискусии и дебати, одлучено е тоа да бидат двајца вработени.
Имено, се планира да се додаде и нов став, кој ќе гласи дека правно или физичко лице може во земјава да врши дејност на публикување информативни содржини во вид на текст, аудио или аудиовизуелен формат преку онлајн медиум - интернет портал, доколку дејноста ја впише во Централниот регистар на Република Северна Македонија, има седиште и уредништво во земјава, има најмалку две лица во редовен работен однос и поседува мк-домејн.
„Регистарот на издавачи на онлајн медиуми - интернет портали содржи податоци за: фирмата и седиштето, односно назив и адреса на издавачот на онлајн медиум – интернет портал; име и презиме на одговорното лице на издавачот на онлајн медиум – интернет портал; името на онлајн медиумот – интернет порталот; како и податоци за сопственикот на мк-домејнот“, се наведува во нацрт верзијата на законот.
Според неа, издавач на онлајн медиум, односно интернет порталот е должен да преземе соодветни мерки со помош на технички средства или со адекватна заштита за ограничување, да оневозможи пристап на малолетните лица до онлајн медиуми – интернет портали со порнографска содржина, како и текстуална, вербална или визуелна содржина со која се глорифицираат физички, вербални или психолошки облици на садизам и слични видови насилство.
За инетренет порталите ќе биде одредено дека ќе мора да имаат и јасно назначен импресум, со цел да се знае кои се уредниците и новинарите во одредена редакција, а не тоа да е „жива мистерија“ како што е сега во многу случаи.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.