16 Јули, 2025
0.0320

Конфликтот во Украина и војната меѓу Израел и Иран

Објавено во: Колумни 16 Јуни, 2025 08:20

Добивај вести на Viber

Денес е четвртиот ден од војната меѓу Израел и Иран. На 13 јуни беше нанесен најтешкиот удар врз иранска територија од страна на израелските воени сили. Стотици зданија, нуклеарни објекти беа нападнати. Настрада и граѓанско население. Од петокот наваму конфликтот само ескалира. Израел вели дека делувал превентивно против нуклеарната програма на Иран. Иран, пак, дека има право да одговори на нападите. Жртви и уривања има на двете страни. До кога ќе траат обостраните бомбардирања никој не може да каже. Некои велат дека е отворена „Пандорината кутија“.

Размената на ракетни удари меѓу Израел и Иран предизвика брза реакција на светските пазари. Цената на нафтата порасна речиси двоцифрено. Светските индекси паднаа за еден до два проценти, а инвеститорите се нафрлија на купување злато. Тие се  неспокојни. Но и многу држави. Иран можеби ќе остане без производство на нафта, но може да го блокира Ормускиот теснец, па без нафта ќе остане голем дел од светот. Кина, Индија, Јапонија... Нов предизвик за економиите и израелското бомбардирање на изворите не гас во Иран, кои се во заедничка сопственост со Катар, кој пак е еден од најголемите извозници на ова гориво со кое снабдува големи држави од Европа.  Па така, израелскиот напад врз Иран се претвораа не само во геополитички, туку и економски предизвик. 

Има многу мислења и тврдења дека зад израелските удари, стојат САД. Тие и да стојат, нема да кажат. Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, долева по малку оган во ваквите тврдења со изјави дека САД знаеле и дека молчешкум го одобриле ударот. И првите изјави на Доналд Трамп одеа во таа насока, за потоа да посака да биде мировник, да посредува за прекин на новата војна. Тој не рече директно дека ја одобрил израелската акција, но го обвини Ирак дека не ги прифатил понудените решенија. Па затоа бил нападнат. Не можеле ли САД и Израел да почекаат да се одржи најавената петта средба меѓу САД и Иран за иранската нуклеарна програма, најавена за 15 јуни!!! Или најавата на преговарачката рунда е прикритие за олабавување на соговорникот - Иран. Кое треба да го искористи вашиот сојузник. Во,случајов Израел.

ПОСЛЕДИЦИ ЗА УКРАИНА

Какви ќе бидат последиците од блискоисточната војна за конфликтот во Украина, кој е навлезен длабоко во четвртата година? Првиот одговор е – негативни. Треба да се потсетиме на настаните од 7 октомври 2023 година, на моќниот напад на единиците на Хамас на Израел. Напад кој премина во војна, која се’ уште не е завршена, но која Изарел ја искористи за геноцид и масовни убиства на Палестинците, особено цивилно население, жени и деца. Но и за обид за протерување на палестинското население од родните огништа. Се разбира и тука со широка американска поддршка. Но наместо Трамп, тогаш Америка ја водеше Џо Бајден. Што зборува дека американската политика во поглед на поддршка на Израел не се менува по никоја цена и нема да се менува, ‘се додека постои сегашната поставеност на меѓународните односи во светот. И тогаш САД воено го помагаа Израел. Десетици милијарди долари  се потрошија за враќање на ударот врз Хамас. Оружје наменето за Украина ги менуваше крајните станици. А тие се наоѓаа на Блискиот исток. Тоа го почуствува Украина. Русија почна да врши офанзивни операции, кои не се сопрени до ден денес.

Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, во саботата предупреди дека судирот на Блискиот исток може да довде до пораст на цената на нафтата од  што ќе има полаза Русија, а Америка ќе ја намали поддршката на Украина.  Во прилог на ова беше и неговото тврдење дека не е точна изјавата на израелскиот амбасадор во Украина, Михаил Бродскиј кој рече дека Израел и предал на Украина ракетен систем „Патриот“. Израелското МНР ја демантираше изјавата на својот амбасадор. Се разјасни дека системот заминал во САД за обновување. Слично беше и со 20.000 илјади специјални ракети, договорени за Украина со администрацијата на Бајден, кои исто така завршиле во регионот на Блискиот исток. Според државниот секретар, Пит Хегсет, за борба со дронови и заштита на американските бази во регионот. Од ова  станува јасно дека на САД главен одбранбен интерес и одбранбени потреби во моментов е Блискиот исток.

Колкави ќе бидат негативните последици на Украина? Ова ќе зависи од времетраењето на војната меѓу Израел и Иран. Што подолго, тоа полошо за неа. Значи ескалацијата не оди во полза на Украина. Мировните напори на Трамп засега се само глаголење. Но ако дадат резултат, ако иранската власт се согласи на неговите услови, тогаш Украина и „европските јастреби“ би можеле да се обидат да го убедат, по истиот терк да постапи и со Русија. Со закана од сурови економски санкции и нови големи испораки оружје не Украина.  Се разбира Русија не е Иран. И во крајна линија може да посегне и по тактичкиот нуклеарен арсенал. Вчера, Зеленски предупреди дека Русија може да врши удари врз атомската енергетика на Украина, користејќи го насоченото внимание на светот кон Блискиот исток. А за што веќе ги известил САД. Згора на се’, американскиот претседател веќе дава изјави дека е „уморен“ од обидите за носење мир во Украина, па може да крене раце од таквата цел. Во што може да придонесе и развојот на настаните на Блискиот исток.

ЕВРОПА – НАДЕЖ ЗА КИЕВ

Во Претставничкиот дом на американскиот конгрес деновиве не помина амандманот за воена помош на Украина од одбранбениот буџет во висина од 300 милиони долари. Пари кои досега беа редовно доделувани. Можеби ова е знак дека Украина не ќе може да смета на помош од милијарди долари, како во времето на Џо Бајден. Па на Украина ќе и остане да се надева на Европа.

Ќе може ли Европа да го спроведе планот за „економско и воено уништување на Русија“? Киев планираше и лобираше Европа да ја зголеми воената помош. Тој сакаше да купува американско оружје со европски пари. Се спомнуваа дури 20 милијарди долари. И активно работеше на производство на оружје во неговите фабрики со помош на европски пари. Но Европа нема толку пари. Зеленски постојано инсистира да се одмрзнат руските активи на Запад и да му се дадат како поддршка. Но засега нема ништо од тоа. Европа е се’ уште во потрага по решение за доделување на тие пари на Украина. Не друго, туку на тој начин и ќе си ги спаси своите буџети. Овде има и малку иронија. Европа годинава сигурно ќе го помогне рускиот буџет со дваесетина милијарди евра, трошејќи ги за купување руски енергенси и суровини.

Сега, со војната на Блискиот исток, со поскапувањето на нафтата и најверојатно гасот, Европа ќе мора да го отвори паричникот уште повеќе за од него да истечат дополнителни евра. А не е исклучено и да се откаже од намерите за сопирање на набавките на руска нафта и гас. Па уште повеќе да го полни рускиот буџет. А со тоа и да и помогне на Русија побрзо да ја заврши војната во Украина. Дека Украина не ќе може многу да смета на Европа е и откажувањето на  „коалицијата на согласните“ за воведување мировници во Украина и да и додели друга помош. Причината е што САД се откажуваат од нови санкции кон Русија и од испораки на оружје на Украина. За украинскиот претседател Зеленски „таа ситуација покажа дека Европа се’ уште не решила самата, дека ќе биде целосно со Украина, доколку ја нема Америка“. Тоа го потврди и британскиот премиер, Кир Стармер деновиве, кога зборувајќи за британски мировни сили во Украина,  напомена дека ќе ги нема доколку Америка не ги поддржи.

САМИТИ

Многу од овие работи ќе станат појасни наредниве денови. Од 15 до 17 јуни во Канада ќе се одржи собир на Г-7, а од 24 до 26 јуни во Хаг ќе се одржи самитот на НАТО. Зеленски обично беше главен гостин на самитите на Г-7 последниве години. Но сега, знаејќи колку Трамп го „„милува“ него,  непредвидливо е како ќе се одрази самитот врз Украина. Особено што никој не знае дали до тогаш ќе заврши конфликтот на Блискиот исток. Па Украина би паднала на некоја пониска точка на дневниот ред. Инаку Зеленски, веќе се подготвува за самитот и за средби и разговори таму. Сака средба и со Трамп. Би разговарал со него и за преговорите со Русија, за воведување санкции кон неа, па и за „глобално моќен“ пакет оружје од САД. „Ни треба политичка волја од претседателот на САД, ако тој сака“. Веќе ова зборува дека на Зеленски му е јасно како ќе помине на евентуална средба со Трамп. Како ќе помине самитот ќе може да се види и од завршното коминике, доколку го има. И како ќе биде ставот за Русија во него. Американците веќе почнаа да блокираат соопштенија во кои Русија се нарекува „агресор“ и сл.

Уште понеизвесен е текот на самитот на НАТО. Таму главно ќе се зборува за зголемување на одбранбените трошоци на пет проценти од БДП. Тука нема единствени гледања, па може да се случи да се тргне по некое волшебно решение, ако постои такво решение. Европските земји со голем БДП и така се во криза, па уште да им се зголеми одвојувањето за одбрана. Стармер зборува за три проценти од БДП до 2030 година. Не се знае како ќе се однесува Германија, ниту Франција. Но и Американците веќе не можат да ја издржуваат Алијансата.

Второ прашање во Хаг, како и во Канада, доколку не заврши дотогаш, ќе биде конфликтот меѓу Израел и Иран, а трето Украина. Според различни информации, членките на НАТО се пред тешка задача. Од една страна треба да ја потврдат поддршката на Украина, а од друга да избегнат конфликт со Трамп, кој е против помош на Киев. При ова отворено е прашањето дали на собирот ќе треба да присуствува главниот гостин – претседателот на Украина Зеленски. Има варијанти тој да дојде на вечерата на 24, а да отсуствува од главниот собир на 25 јуни. Веќе се пишува дека е под прашање спомнувањето на Украина во завршниот документ, како кандидат за Алијансата, па и критички формулации во однос на Русија. Наводно Трамп не му заборавил на Зеленски, како се однесувал за  време на првиот негов мандат во поглед на некои компромитирачки материјали за Бајден. Друга работа е незадоволството од  решението на Киев да удри врз руските стратешки аеродроми во предвечерието на преговорите во Истанбул. Преговори, кои најверојатно, ги координира Америка.

ТРАМП ОД ПУТИН БАРА КРАЈ НА ВОЈНАТА

Впрочем, тоа го потврдува и разговорот во саботата меѓу Трамп и рускиот претседател, Владимир Путин. Посветен на настаните на Блискиот исток. За нив се зборувало најдолго, но не изостанала и Украина. Но Трамп вели дека неделава ќе има навраќање тоа прашање. Денес почнува самитот Г-7. Русите најавија нова средба за преговори на 22 јуни. Зеленски вели дека учеството на нив ќе се реши после завршувањето на размената на заробеници и загинати војници на 20 и 21јуни. Демек до тогаш не знаат дали ќе учествуваат. Се чини дека пак ќе чекаат американски притисок да одат на преговори. А знаат дека мора да одат и тоа е договорено.

Има една шпекулација дека на самитот на НАТО, на кој најверојатно би присуствувал и Трамп. можеби ќе се излезе во пресрет на руското барање за неприфаќање на членството на Украина во Алијансата. Се смета дека на тој начин би се исполнил еден од условите на Русија за прекин на војната. Може ли на 22 јуни Русија и Украина да се договорат за таков чекор? Неизводливо.

Конфликтот во Украина можеби ќе се реши под притисок на САД.  Но ќе треба време. Трамп во разговорот со Путин, кога овој му зборувал дека треба да се стави брз крај на војната меѓу Израел и Иран,  му посочил дека е време да го заврши и неговиот конфликт. Дали тоа било предупредување или пријателски совет не знаеме. Војната на Блискиот исток ќе заврши кога едната страна економски не ќе може да ја продолжи војната. Засега, се чини, таа ќе продолжи. Истото важи и за Украина и Русија. Ако САД кренат раце, тогаш Европа, која никој не ја есапи, се гледа тоа и при сегашниот судир на Блискиот исток, ќе мора да го бара Путин за дијалог. Како што сега се води меѓу САД и Русија.. Зашто таа нема толку пари, колку што даваше Америка. А без пари нема водење војна. Колку пари, толку музика.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Влатко Сулев: Руралниот туризам нуди автентичност. Треба да креираме туристички мапи

Влатко Сулев: Руралниот туризам нуди автентичност. Треба да креираме туристички мапи

„Војната на Бајден“ станува „војна на Трамп“?

„Војната на Бајден“ станува „војна на Трамп“?

Што точно значи терминот „Фармакоекономија“ и зошто е важна за Македонското здравство?

Што точно значи терминот „Фармакоекономија“ и зошто е важна за Македонското здравство?

СМЕЛОСТА НА НАДЕЖТА: ЕДНА НОВА, ПОАМБИЦИОЗНА МАКЕДОНИЈА

СМЕЛОСТА НА НАДЕЖТА: ЕДНА НОВА, ПОАМБИЦИОЗНА МАКЕДОНИЈА

Доаѓањето на Трамп на власт го подотвори „прозорецот за можности“ за Русија на Балканот

Доаѓањето на Трамп на власт го подотвори „прозорецот за можности“ за Русија на Балканот