24 Април, 2024
0.0272

Џефри Лонгри Циу, директор на Huawei за Северна Македонија

Ексклузивно интервју со директорот на Huawei: Корисниците на Huawei нека се безгрижни, смартфоните ќе работат со сите апликации

Објавено во: Економија, Интервјуа 26 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

Џефри Лонгри Циу, директорот на Huawei Mobile за Северна Македонија и Бугарија во ексклузивно интервју за Фактор открива дека мобилниот гигант ќе продолжи да ги обезбедува сите системски услуги за своите корисници. Со него разговаравме за предизвиците кои ги наметна трговската војна меѓу САД и Кина, за големите иновации кои не очекуваат како што е имплементација на 5G технологијата за целосно поврзување, потоа за карактеристиките и услугите кои им се најзначајни на македонските корисници и плановите за во иднина.

Huawei е еден од најголемите заложници на трговската војна меѓу САД и Кина и се соочи со големи санкции од администрацијата на претседателот Трамп. Гледате ли решение на овој спор и каков ќе биде исходот за Huawei?

Да, навистина Huawei е ставен во позиција на заложник на оваа трговска војна. За жал станува збор за притисок врз Huawei кој е мотивиран чисто политички, одлука која е донесена неправедно. Затоа Huawei започна тужба против Владата на САД. Ние сакаме фер-плеј услови, можности за праведен натпревар на пазарот. Информатичкото општество во кое ние сме дел денес во голема мера зависи од соработка и размена на технологии со цел што повеќе луѓе и бизниси да се поврзат. Ни треба соработка за да го направиме светот подобар, наместо да се изолираме.

Може да ни објасните што ќе се случува со корисниците кои поседуваат Huawei смартфони, може ли да очекуваат полна корисничка поддршка, софтверски надградби и користење на апликации?

Корисниците може да бидат целосно безгрижни за своите мобилни телефони од Huawei и оние уреди кои се на продажба. Ние сме одговорна компанија и најмногу внимание посветуваме на нашите корисници. Затоа гарантираме дека ќе продолжат без никакви пречки сите надградби на софтверот, поправка на системски грешки и „багови“, а ќе продолжат и безбедносните надградби со целосна корисничка поддршка. За да ги отстраниме сите сомнежи од бројните шпекулации креиравме и веб страна на македонски јазик https://www.huaweimatters.com/mk на која се објавени сите информации за работата на апликациите од Google Play Store и за оперативниот систем на Android. Истото важи и за безбедносните заштити од Google Play Protect. Обезбедивме и бесплатна телефонска линија на 0800 94288 на која корисниците може да се обратат во секое време и да ги добијат сите неопходни информации за поддршка.

Huawei прерасна во бренд кој го надмина и Apple по бројот на продадени телефони на светско ниво со голем успех и во премиум класата. Како сега ќе продолжи трката на Huawei кон врвот и какви иновации можеме да очекуваме?

Оваа година според извештајот на IDC го надминуваме Apple, а драстично му се доближуваме на Samsung според бројот на испораки на глобално ниво. Сепак, бројот на продадени телефони не е нашата главна цел, туку да ги задоволиме нашите корисници. Во мобилната индустрија потребен ни е предизвик, постојано да се натпреваруваме со конкурентите. На пример нашата камера е една генерација пред сите останати, и исто така имаме многу подобрувања во дизајнот со боите. Ваквиот вид на компетитивност ја крева во целина мобилната индустрија, учиме едни од други и се натпреваруваме едни со други, а на крајот нашите корисници имаат најголем бенефит. Тие добиваат одлични иновации како што е камерата со вештачка интелигенција, дури и да не знаете да правите фотографии доволно е со Huawei само да притиснете едно копче и да добиете професионални резултати.

САД се загрижени дека Huawei може да потпадне под влијание на кинеската влада, а со тоа и да врши шпионажа преку мобилните мрежи, опрема и мобилните уреди. Како Huawei може да гарантира дека приватноста на корисниците ќе биде неповредена?

Ваквите обвинувања и инсинуации на САД воопшто не се точни. Ако го погледнете поведението на Huawei во последните 30 години ќе погледнете беспрекорно досие. Но, сега Huawei е број еден во мобилна инфраструктура и број два во смартфон индустријата. Верувајте дека не постои компании која повеќе е сигурна, нашите безбедносни стандарди би сакале сите брендови од мобилната индустрија да ги користат, постојано имаме ревизии и инспекции. Имаме отворено лаборатории во Брисел и Лондон. Ние сме отворени за увид за секој кој има сомнежи, особено владите на државите кои постојано прават безбедносни проверки. Ние имаме илјадници инженери кои работат на истражување и развој. Постојано се посветени на корисниците и воопшто немаме намера некого да шпионираме.

5G технологијата веќе е во експериментална фаза, а во наредните години ќе треба да го достигне својот максимален потенцијал. Ќе доживееме ли сценарио како од sci-fi филмовите, колку оваа технологија ќе ни ги промени животите од аспект на поврзување, социјални и комерцијални односи и приватност на личните податоци?

5G има неколку клучни промени. Првата е капацитетот на download кој е 20 пати побрз од сегашната 4G технологија. Тоа ќе овозможи на пример да симнете филм од неколку гигабајти за само три секунда, а значително ќе се зголеми капацитетот на стриминг на видеа со висока резолуција од 4K па нагоре. Вториот бенефит е речиси непостоечкото доцнење (latency) на пренос на податоци, практично во реално време ќе се пренесуваат сите информации и поврзувања без никакво доцнење. Тоа е многу важно во, на пример, медицината. Операции ќе се вршат од било која точка на планетата од далечина и ќе може да се носат прецизни команди. Истото важи и за производството и индустријата. Третиот бенефит е капацитетот за поврзување на повеќе уреди на една мрежа. Замислете дека сите електронски уреди ќе може да се поврзат на 5G да разменуваат информации, корисникот да добие целосна контрола со развој на напредни иновации преку „Интернетот на нештата“. 5G ќе го направи нашиот живот полесен, но секогаш кај новите технологии постојат две страни. Дали ќе има нус појави и какви ќе бидат тие засега не можеме да предвидиме. Секако со примена на секоја нова технологија постои одреден скептицизам како ќе се имплементира, но тоа е во човечката природа, нашите животи, навики и разбирања се менуваат од генерација на генерација.


Кога може да очекуваме 5G технологијата да се активира во регионот и во Северна Македонија?

Huawei е единствениот производител кој има целосна технологија за 5G мобилна мрежа. Тоа значи обезбедување на инфраструктура за мобилните оператори и техничко решение за крајните корисници. Ние сме подготвени веднаш да ја активираме 5G мрежата, оваа година ќе реализираме десетици договори во Европа. 2019 ќе биде година кога 5G мрежата ќе почне да се користи. Затоа за Северна Македонија се зависи од мобилните оператори, штом тие бидат подготвени ние ќе го обезбедиме решението, но засега конкретни датуми не можам да посочам, тоа сепак зависи од нив.

Што мислите за македонските смартфон корисници, кои алатки, технологии и апликации им се најважни. Имаме ли соодветна понуда на исплатливи смартфони со напредни перформанси, која серија вие би ја издвоиле?

Ние направивме истражување за потребите на корисниците од Источна Европа и утврдивме дека три категории или услуги им се најважни во еден смартфон. На прво место е процесор кој обезбедува брзи перформанси без кочења и квалитетен софтвер благодарение на тоа, потоа издржлива батерија и секако квалитетна камера. Кога македонските корисници вложуваат пари во смартфон многу им е важно да добијат квалитетна камера. Кај Huawei смартфоните најмногу ја препознаваат Leica камерата. Инаку не може да се издвои една серија бидејќи одлично се прифатени премиум смартфоните од високите класи кои имаат врвни процесори и напредни камери но и смартфоните кои нудат солидни перформанси за прифатливи цени.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

КОИ СЕ БРАТОТ И СЕСТРАТА КОИ ЌЕ ДОБИЈАТ ДИВИДЕНДА ОД ПО 260 ИЛЈАДИ ЕВРА, А ИМА И ОД НАГРАДИ - од пиво добро се живее во Македонија

КОИ СЕ БРАТОТ И СЕСТРАТА КОИ ЌЕ ДОБИЈАТ ДИВИДЕНДА ОД ПО 260 ИЛЈАДИ ЕВРА, А ИМА И ОД НАГРАДИ - од пиво добро се живее во Македонија

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

ГЕРМАНСКИ СИНЏИР ГИ ОТВОРА СВОИТЕ ПРВИ СУПЕРМАРКЕТИ ВО СРБИЈА - еве каде сѐ ги има и каква храна ќе се продава

ГЕРМАНСКИ СИНЏИР ГИ ОТВОРА СВОИТЕ ПРВИ СУПЕРМАРКЕТИ ВО СРБИЈА - еве каде сѐ ги има и каква храна ќе се продава

„Лесно е да креирате политика со 2.500 евра, тешко е да преживеете со 22.500 денари“: Трендафилов - ќе бараме зголемување на минималната плата

„Лесно е да креирате политика со 2.500 евра, тешко е да преживеете со 22.500 денари“: Трендафилов - ќе бараме зголемување на минималната плата