29 Март, 2024
0.0235

Корона вирусот одамна е присутен во мозокот на примитивниот Македонец!

Објавено во: Колумни 31 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Пострашно од Корона вирусот е коронизираниот ум на примитивниот Македонец. Вчерашното видео на некој наш сограѓанин, кој им се обраќа на  „Кинези“, односно на Источноазијци со погрдни зборови, бркајќи ги од тука, е доказ дека оваа земја е светлосни години од суштинска и вистинска евроинтеграција. Никакви „ќори“ Закони за јавно обвинителство, носени под притисок на европските амбасадори, нема да ја подобрат сликата за македонското примордијално општество. Некој ќе каже „ овој е исклучок, повеќето граѓани  го осудија“, но не е така. Погледнете ги само социјалните мрежи, и ќе ја видите бестијалната омраза на се што е различно од „ античкиот македонски род“. Омраза кон различните етнички и религиски групи, омраза кон соседите ( потхранувана уште од мали нозе), но ете и омраза кон луѓе кои доаѓаат од  другиот крај на светот. Кога целата планета е загрижена за развојот околу жариштата на корона вирусот во Вухан, Кина, и кога светски научници се натпреваруваат кој прв да создаде вакцина против овој вирус, Македонецот го покажа своето вистинско лице: мизерно, простачко, примитивно, националистичко, просто одвратно.

Битка на цивилизираните со пештерските Македонци!

Националистот можеби може да биде патриот ( или барем така мисли самиот), но никогаш не може да биде и космополит. Напротив, космополитот е пред се и патриот. Во оваа држава, каде што законите се само смешно и мртво слово на хартија, и функционираат само и само да покажат некаква безвезалност во институционалниот поредок на една држава случајност на историјата, националистичките патриоти со вергина знамињата и паролите „ Никогаш Северна, само Македонија“, ја чувствуваат  својата љубов кон земјата, така што сметаат дека е „ нормално да ја крадат“, т.е тие не ни сметаат дека кога ќе дојдат на некои политички функции и корумпираат дека ја „ обесчествуваат својата мајка“. Тој шизофреничарско- едипов комплекс на „ љубов со кражба“ , тотално го разори, растури , и морално и материјално го декапацитираше ова општество и оваа држава. Погледнете ги пијаните егземплари на македонските слави, каде што ги пуштаат, се пијанчат и се веселат на најтврдокорните македонски патриотски песни, а на третата жолта, домашна со голема доза на самодоверба и исправност во својата констатација- поентираат : „ па што,  и јас да  сум на нивно место, и јас ќе крадам“. Оваа дијагностичка народопсихологија на „ патриотот што си ја љуби и пати по својата земја, ( веројатно пати што не е на нивно место и тој да краде), е одговорот на сите историски последователни македонски порази: од Илинден до денес. Всушност „ ариевскиот Македонец“ го величи Гоце, а не ја сака ( или ја мрази Атиџе), бидејќи истата не е репрезент на „ правата, убава Македонка, и ја срами Македонија“, додека нормалниот, цивилизираниот, Македонецот на 21 век нормално го сака и почитува ликот и делото на Гоце Делчев, но е и пресреќен со успехот на режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котеска со филмот „ Медена земја“. Самиот наш, митилогизиран и епизиран лик и дело на нашиот најголем револуционерен херој од предилинденско во нашата колективна самосвест,  ја  оставила  коѓоамити неговата култна реченица: „ јас го разбирам светот како поле за културно натпреварување на народите“, а токму на тоа поле, Стефанов и Котеска ја искачија Атиџе и себе си на пиедесталот, а со тоа и Македонија на кинематографскиот Олимп- Холивуд. Некој претензиозно вели дека успехот на „ Медена земја“ и пласманите кои ги оствари целата екипа со главната хероина се нивни лични и персонални пласмани, укажувајќи да не се кити со туѓи перја цела Македонија, бидејќи како што и дознавме со многу скромна институционално- државна помош овој филм се реализирал, но за земја која има проблематично колективно себеидентификување, национални- напластени фрустрации од блиското и подалечното минато, како и проблем со своето себеспознавање визави останатиот познат свет, и не е мала работа овој успех, бидејќи кај обичните граѓани предизвика чувство на возвишеност, гордност, радост и среќа.

„Медена земја“ е пример дека има грам надеж во ова општество!

Во моментите кога македонскиот национален дух е скршен, понижен, разорен, да не речам неповратно уништен ( не толку со „ траорната промена на уставното име“ ), колку што со епската милениумска кражба и разграбување на националното материјално благо, создавајќи еден економски зависен, потиштен и исплашен роб од македонскиот народ, ова е успех кој ќе остане во аналите не само на македонската филмска продукција, туку и во целата македонска култура. Ова е доказ, дека и на ова мало парче земја, на ова поднебје се кријат невидени таленти, кои можат на светот да му подарат трајни вредности и дела, само и само треба да се инвестира во нив, или ако сакате да им се создадат минимум нормални услови за да го покажат и ослободат својот потенцијал. Македонија умира ( преку масовното иселување), токму и поради ова – немањето елементарни услови за себереализација на илјадници квалитетни македонски млади умови, кои својата енергија и својот талент мора некаде надвор да го остварат. Да ја сакаш Македонија, значи секојдневно на микро и макро ниво да работиш на нејзино создавање на подобро место за живеење за сите. Националистичкиот фолклорен и патетичен патриотизам/ национализам е само затскриена античка маска на бездарниците кои со својата „ љубов“ кон земјата, единствена цел им е да се докопаат до нејзините институционално- материјални ресурси, и да се збогатат енормно себе си и своето потесно семејство за неколку наредни генерации. 

Благојче Атанасовски - политиколог 

*ставовите изразени во колумните се лични ставови на авторите

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?