КОРОНАТА ГО ЗЕМА ЦЕХОТ: Во првиот квартал сме на нула, но вистинските главоболки допрва доаѓаат
Објавено во: Економија 09 Јуни, 2020
Она што сите и го очекувавме, статистичарите и официјално го измерија и го ставија на хартија. Македонската економија почна да го плаќа цехот на корона кризата. Во првиот квартал од годинава бруто домашниот производ на земјава пораснал за само 0,2 отсто, што значи дека домашната економија ни се наоѓа буквално во стагнација.
Но, сосема е извесно дека „економските“ главоболки нема тука да завршат, напротив, тие само што не почнале да се разгоруваат. Најголемиот економски пад на земјава се очекува токму за второто тримесечје, а според прогнозите, тој ќе биде меѓу 12 и 15 проценти. Но, бројките за тоа колку домашниот БДП ќе биде погоден од април заклучно со јуни, Државниот завод за статистика ќе ги објави после три месеци.
Кои дејности затаија најмногу, а кои сепак се одржаа подобро во првиот квартал, да видиме низ податоците на Статистика.
Најголем пад од 5,1 отсто има секторот рударство и вадење на камен, преработувачка индустрија, снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, снабдување со вода, отстранување на отпадни води и управување со отпад.
Гледано само кај преработувачката индустрија, издвоено, минусот е 1,3 отсто.
Намалување за истиот процент, односно 1,3 проценти има и кај дејностите трговија на големо и мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање, објекти за сместување и сервисни дејности со храна.
Овие сектори се всушност тие што ќе бидат меѓу најпогодените поради корона кризата, бидејќи како што е познато, моловите беа затворени уште од средината на март, транспортот исто така имаше големи проблеми, а да не зборуваме за хотелите чија работа беше стопирана веднаш по прогласувањето на епидемијата.
Пад од 2,8 отсто е регистриран кај стручните, научните и техничките дејности, заедно со административни и помошни услужни дејности, додека, пак, за 1,9 проценти паднале финансиските дејности и осигурувањето. Минус има и кај јавната управа и одбрана, задолжителното социјално осигурување, образованието, дејностите на здравствената и социјалната заштита, и тој изнесува 0,9 проценти.
Од дејностите кои имаат раст, може да се издвои дејноста информации и комуникации, каде плусот е 10,4 отсто, дејностите во врска со недвижен имот пораснале за 6,5 проценти, додека, пак, кај уметноста, забавата и рекреацијата, потоа другите услужни дејности и дејностите на домаќинствата како работодавачи, порастот изнесува 5,2 отсто. Во зоната на позитивата е и земјоделството, и тоа за 2,8 отсто.
Градежништвото, пак, секторот кој треба да биде мотор на растот, слабо „повлекол“ во првиот квартал, тој има плус од само 1,5 проценти.
Ако БДП се гледа според расходниот метод, пак, финалната јавна потрошувачка пораснала за 2,4 отсто, а онаа на домаќинствата послабо, за 1,2 проценти. Кај бруто инвестициите има пад, но тој е на ниво од 0,5 проценти. Во зоната на минусот отишле и извозот и увозот, односно извозот е намален повеќе, за 5,4 отсто, додека, пак, увозот паднал за 3,2 проценти.
Вчера немаше некоја забележителна владина реакција околу влезот во стагнација на македонската економија.
Пред околу дваесетина дена, пак, министерката за финансии, Нина Ангеловска, ги изрази своите очекувања дека најголемиот пад на македонската економија ќе се случи во вториот квартал, кога тој би можел да изнесува и до 15 проценти. Во третиот квартал би имало благо закрепнување, а раст дури во четвртото тримесечје.
„Најголемиот удар го очекуваме во вториот квартал. Сега бројките не се официјално објавени, но сите неофицијално ги соопштуваат своите проекции и во која насока се движат истите. Би кажала дека предвидуваме во вториот квартал најголема контракција на економијата со износи од околу 15 проценти. Понатаму веќе, благо опоравување во третиот квартал и позитивен раст во четвртиот квартал“, изјави тогаш првата финансиерка.
Од Институтот Finance Think велат дека ударот од кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот Ковид-19 врз економијата, започна во втората половина од март, што предизвика БДП во целото тримесечие да се зголеми само за 0,2 отсто.
„На производната страна, намалувањето од 5,1 отсто кај индустријата е рефлексија на затегнатоста во глобалната трговија, која постоеше уште пред Ковид-19, како и на влијанието на ограничувањата на движењето врз трговската размена по почетокот на кризата. Намалувањето кај трговијата, транспортот и угостителството од 1,3 отсто е последица на индуцираното затворање на претпријатијата (ресторани, кафулиња, шопинг молови) и падот на потрошувачката на неесенцијални добра по почетокот на пандемијата. На расходната страна, ефектот од индуцираната контракција и отежнатото движење е видлив кај падовите на извозот и увозот, 5,4 отсто и 3,2 отсто соодветно, како и кај значителното забавување на растот кај инвестициите и потрошувачката“, објаснуваат од овој институт.
А за разлика од многу слабиот економски раст, во првиот квартал имаме натамошно намалување на невработеноста и нејзино сведување на историски најниско ниво од 16,2 проценти, од претходните 16,6 отсто.
„Ваквото движење може да се должи на две примарни тенденции. Прво, ударот на кризата не беше проследен со моментални отпуштања на работници, што се согледува и преку бројките за регистрираната невработеност од Агенцијата за вработување кои забележаа помалку од 2.000 нови невработени (околу 0,25 отсто од вкупните вработени) на крајот на март во однос на крајот од февруари. Второ, поголем дел од Анкетата за работна сила, врз основа на која се пресметува кварталната невработеност, веројатно бил прибран пред почетокот на кризата“, објаснуваат од Finance Think.
Оттаму нагласуваат дека ја задржуваат проекцијата дека македонскиот БДП во вториот квартал од годинава ќе падне за 12,7 проценти, додека, пак, според нив, цела година, економијата на земјава би отишла во негатива од 3,8 отсто.
„Но, двете проекции се под особено изразени негативни ризици, во целост детерминирани од времетраењето на индуцираната контракција и отежнетото движење предизвикани од Ковид-19. Особено, овие проекции се изградени врз претпоставката за значајно олабавување на рестрикциите кон крајот на мај 2020, што може да не се случи во услови на втор пик од пандемијата во истиот период“, нагласуваат од овој институт.
Владата, пак, очекува дека мкедонскиот БДП во 2020 година ќе падне за 3,4 отсто, што е слично со проекциите на Народна банка, која прогнозира минус од 3,5 отсто.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.