Корупцијата и лакомоста ги прават градовите ранливи од земјотреси – Лекција за Скопје
Објавено во: Македонија 05 Ноември, 2016
Италија се уште е во шок од силните земјотреси кои одземаа жртви и нанесоа огромни материјални штети. Можеби најсвежи се сеќавањата од летото кога во Аматриче загинаа 200 лица, но одредени лекции не се научени уште од 2009-та кога тежок земјотрес речиси целосно го разурна градот Она.
Причината поради која овој град е важен е бидејќи покажува колку локалното ниво на корупција и алчност на населението може да доведе до опасни последици и продолжен ризик од трајни штети од земјотреси, особено на подрачје кое е познато по сеизмичките активности.
Витрида Митерер основач на Биоархитектура била задолжена да изработи мастер план за целосна реконструкција на Она со помош на германски средства, но иако урбанистичките планови биле изгласани на локално ниво и биле обезбедени 60 милиони евра за обнова на градот се соочиле со огромен степен на корупција и отпор на локалното население кое сакало да продолжи со старите лоши навики на градба.
„Она беше поделена на 27 градежни зони на обвнова, но и денес само три зони целосно ја завршија работата, додека пак останатите беа укинати или нивната работа беше сопрена поради нерегуларности. Зачудва фактот што населението и покрај сите предупредувања со анализи на теренот, сакаше да ги врати куќите на старите места и со старите материјали со многу цемент кој се покажа дека е крајно опасен во сеизмички подрачја ако не е квалитетно и соодветно поставен“, вели Митерер.
Предвидено било градот да добие можности за одржлив развој, еко туризам, воведување на елементи од биоархитектурата која одлично го осмислува просторот со користење на соларни и термални извори на енергија со што трошоците за електрична енергија во текот на летните и зимските сезони би се довеле на минумум. Исто така требало зградите да не надминуваат повеќе од четири ката, но и тоа не се почитувало.
„Сега од оригиналниот план речиси се е само на хартија. Не се почитува предвиденото растојание меѓу зградите, урбаната мафија го изврши својот притисок. Вакво нешто никогаш не би се случило во Германија на пример, заклучува архитектката Митерер.
Ова искуство треба да биде поука и за Скопје со оглед на неодамнешната серија на земјотреси, како и несоодветниот урбанистички раст на градот, пренатрупаноста на згради и куќи на мало растојание и лакомоста за поголеми објекти. Исто така во Македонија нема сериозни обиди да се обезбеди напредна архитектура која ќе ги предвиди алтернативните извори на енергија, особено на сончевата која можеме максимално да ја искористиме.
Христијан Станоевиќ