02 Мај, 2024
0.0255

„Коцкарот“ Путин отвора нова игра?

Објавено во: Колумни, Свет 20 Март, 2016

Добивај вести на Viber

Руската воена операција  во Сирија почна кон крајот на септември лани и траеше со полна сила пет месеци. Вечерта во понеделникот на 14. март претседателот на Русија Владимир Путин даде наредба да почне повлекувањето на дел од воените сили од Сирија. „Мисијата во Сирија е исполнета“ рече Путин во присуство на министрите за одбрана и за надворешни работи имењаците Сергеј, Шојгу и Лавров.

Деновиве што изминаа беа објавени стотици текстови, коментари и анализи, во кои детално се заборуваше за се она што го натерало Путин да даде наредба за повлекување, а се прогнозираа и некои негови наредни чекори. Нормално коментарите се движеа од негирање на се она што направил Путин во Сирија со соодветни критики, па се до одобрувачки. Едни велат дека Путин бил принуден на таквиот чекор со оглед на внатрешната ситуација во Русија и неблагопријатниот однос на Западот кон него. Други пак сметаат дека тој е сериозен во своите намери да се стави крај на војната во Сирија и да се бара дипломатско решение. За некои Путин го предал сирискиот претседател Башар ал Асад, а други сметаат дека му помогнал да ја засили својата власт и армија и да стане рамноправен учесник во дипломатско - политичкото решение за Сирија. Денес се помалку се споменува барањето Асад да се повлече од политиката, па потоа да се бара решение за иднината на таа држава.

Многумина навлегуваа во карактерот на Путин и го анализираа. Бараа одговор на прашањето што стои зад одлуката на Путин. Во „Форин полиси“ начинот на кој Путин истапи во јавноста со изјавата за повлекување од Сирија бил „како обична бирократска процедура“. За разлика од настапот на Џорџ Буш помладиот, во 2003 година, кој приредил вистинско шоу на носач на авиони и изјавил „мисијата е исполнета“, по почетокот на воената кампања во Ирак.  А, Путин „заминува од Сирија така тивко и спокојно, како и што дојде тука“.За авторот на текстот, Путин останува доследен на себе, не ги открива своите карти и многу е тешко да се претскаже неговиот следен чекор. Оттука и неговото прашање. Не значи ли чекорот на Путин во Сирија почеток на патот за нова ескалација на воените дејства на Украина? А можно е и отворање на нов руски фронт  против ИД во Либија или Авганистан

„Да се коцкаш, а да не забегуваш во играта е голема уметност. Притоа таквиот коцкар или играч е непријатен за сите. Тоа уште еднаш го продемонстрира Сирија“, ќе напише рускиот новинар и коментатор Максим Соколов, обидувајќи се да даде одговор на однесувањето на Путин и се она што се случуваше во и околу Сирија изминатите пет месеци. Путин не забегува и е свесен до кои граници може да учествува во играта. Затоа што овде не станува збор за обична игра на зелена чоја. Во прашање е игра од меѓународни размери во која покрај него учествуваат и други играчи не послаби од него. Во прв ред САД и нивниот претседател Барак Обама.

Играта со затворени карти продолжува. Кај Путин ништо не е случајно. Веројатно и овој пат има некоја информација повеќе или видел некои карти од соиграчите. Според мене, на ред доаѓа играта околу Украина. Русија одново ќе се бави со неа. Не дека и сега не се бави, но овој пат посериозно. Пет месеци во центарот на вниманието беше Сирија. Украина ја префрлија на втор колосек. Пет месеци се доволно да се подготви нешто со кое ќе биде предизвикан Западот, но и Русија. Таа ќе биде подложена на голем притисок од другите играчи. Западот сака и тој да има некоја дипломатска победа во играта со Путин. Украина ќе биде масата околу која ќе седнат играчите. Ниту Русите, ниту САД и ЕУ не сакаат да имаат замрзнат конфликт. Иако, на прв поглед, тоа им одговара на Русите, како адут во играта. Како што се на пример, Абхазија, Јужна Осетија, Придњестровје...

За Русите сега е најважно да се одржат изборите на територијата под контрола на  Доњецк и Луганск. Тоа е важно и за канцеларката Ангела Меркел и претседателот на Франција Франсоа Оланд. Но како да се дојде до нив? Тоа е прашањето околу кое се кршат копја. Деновиве во Москва беше некогашниот шведски премиер Карл Билт, голем критичар на Русија и едно време споменуван како кандидат за премиер на Украина. Дојде во својство на копретседател на експертскиот центар на Европскиот совет за меѓународни односи. Доаѓањето го искористи и за опипување на пулсот околу Украина. Беше и во Кремљ. Се сретна со Владислав Сурков, задолжен за Украина во администрацијата на претседателот Путин. Епилогот од разговорот меѓу нив, Билт го напиша на својот Твитер акаунт. „ После  толку интересни дискусии во Москва тешко е да се верува дека ќе оди напред реализацијата на Минските договори“. Како што пренесуваат руски медиуми „Билт бил заинтересиран да чуе колку европските санкции удриле по руската економија и дали се можни отстапки од страна на Русија и Донбас“.

Адутите на Европа и САД во играта со Русија и натаму остануваат санкциите и ефтината нафта. Во петокот Федерика Могерини ги повика членките на ОН да се приклучат кон санкциите воведени од Брисел. Поводот за повикот е двегодишнината од „нелегалната анексија на Автономната Република Крим и градот Севастопољ“. Како да заборава дека Крим веќе е федерална единка во Русија. И Русија нема никогаш да се откаже од него. Но, кога е игра во прашање, тогаш и ваквите настапи, како на Могерини, се дел од неа.

А како е ситуацијата на теренот во Украина? Очекувањата од „Мајданот“ останаа неостварени.Украина е во длабока политичка и економска криза. Де ќе се менува премиерот, де ќе останува. Пред два дена парламентарната фракција на „Народниот фронт“, чиј лидер е премиерот Арсениј Јацењук истапи со ултиматум до претседателот Петар Порошенко и неговата политичка сила „Блок на Петар Порошњенко“. „Фронтовците“ велат, или ќе го кажете името на новиот премиер, ќе го предложите составот на новата влада, нејзината програма и ќе ја преставите новата владеачка коалиција, или ја поддржувате сегашната влада и сите зедно се насочуваме кон спроведување на реформите“. Има повици за нови избори за парламентот. Но дали со тоа земјата нема да се најде во уште подлабока криза. Од друга страна Западот како што притиска врз Русија, притиска и врз Украина што побрзо да се спроведат Минските договори. Ама нема јунак во Украина кој ќе се зафати со таа работа.

Според Минските договори за да има избори на териториите под контрола на проруските сили треба прво да се промени Уставот, да се донесе Закон за посебен статус на тие територии, а исто така и акт за амнестија за сите учесници во конфликтот. Колку звучи познато ова за нас. Ние го сменивме уставот и ги амнестиравме учесниците во конфликтот од 2001 година. Дури и оние за воени злосторства. И, во Украина наместо што побрзо да се исполни договореното, Карл Билт и Западот бараат Русија да влијае врз раководството на Донбас за некакви отстапки. Знаат дека Украина во моментов не е способна да ги спроведе своите обврски од Минските договори.

Има сили во Украина кои се желни и за воен „реванш“. Нивното „его“ понекогаш го потхранува и претседателот Порошенко. Со изјавите дека „украинската армија денес е способна да се спротивстави на руската агресија“, само се палат националистички настроените Украинци. Таквите изјави повеќе се за внатрешна употреба. Но, не треба да се исклучи и воена варијанта. За нова војна на Украина. Има многу повици за нова војна и од воени лица. Сепаратистите од Донбас, пак, тераат по свое. Деновиве издадоа свој пасош! А и тие се подготвуваат за евентуална војна.

Украинските страсти се подгреваат и од Запад. Владата на Велика Британија ќе потпише нов воен договор со Украина, кој би и помогнал во подготовка и обука на украинските војници, главно за спротивставување на Русија. Договорот ќе трае 15 години и ќе носи одбранбен карактер, пишува лондонски „Телеграф“. Се цитира и британскиот министер за одбрана Мајкл Фелон, кој вели дека договорот е „сигнал од Велика Британија за тоа дека таа „ќе стои цврсто“ на страната на Украина, источно европска нација, која го штити својот суверенитет“. Во Украина веќе има воени инструктори од Запад и оружје, за кое се вели дека е одбранбено.

За деновиве е најавена посета на американскиот државен секретар Џон Кери на Москва. Ќе се сретне со Путин и со Лавров. Ќе се дискутирало за Сирија. Но, толкав пат за дискусија само за  Сирија е „неисплатлив“. Сигурно ќе се дискутира повеќе за Украина. Зашто Сирија веќе е пуштена во преговарачки води во ОН. Не е чудо од средбите на Кери во Москва да излезе некакво поместување на работите околу Украина. Многу зависи и од тоа каква е пораката од Барак Обама до Путин, која ќе ја пренесе Кери.

Адути во играта околу Украина имаат двете страни. Западните ги споменавме погоре, а можеби имаат и некој нов. Најголемиот адут на Русија во моментов е Путин и руската дипломатска вештина. Сега е прашање кој подобро ќе ги искористи своите адути.

Мирче Адамчевски 

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД