Кражбите и даноците во трговијата на мало
Објавено во: Економија 08 Мај, 2019
Трговијата на мало се врши во продавници или бензински станици и опфаќа продавање стоки за лична потрошувачка на крајните потрошувачи.
Согласно пописот на капацитетите во трговијата на мало спроведен од Државниот завод за статистика во 2016 година во нашата држава се попишани вкупно 18.749 продажни капацитети во трговијата на мало. Од тоа, 18.266 се продавници и 483 се бензински станици. Најголема концентрација на продажни капацитети од 23,8% има во Скопскиот Регион, а гледано по општини во: Тетово 8,1%, Куманово 6,9%, Битола 6,1%, Прилеп 5,4%, Центар 5,3%, Струмица 4,4%, Гостивар 4,0%, Чаир 3,9%, Охрид 3,8%, Велес 3,4% и Струга 3,3%.
Работењето во трговијата на мало во себе вклучува секојдневно опслужување на илјадници купувачи кои најчесто имаат физички контакт со стоката која се продава што претставува ризик од кражби од нечесни купувачи.
Согласно податоците од големите синџири во малопродажба нивните трошоци за обезбедување (за физичко обезбедување во објектите, електронско обезбедување, надзор на објектите, поставување на лабели/етикети за кражби на артиклите и друго) се повеќе од 0,2% од вкупниот промет или во просек годишно тие вложуваат износи од најмалку 6.000.000,00 денари.
Покрај грижата за спречување на кражбите, максимална заштита од нив е невозможна, како што е невозможно и идентификувањето на сторителот и моментот на сторување на делото (кражба). Поради тоа овие случаи на кражби не се пријавуваат кај надлежните државни органи и за нив не постојат соодветни докази и документација (полициски записник), а кусоците (кои на годишна основа изнесуваат од 0,2% до 1,0% од вкупниот промет) вообичаено се констатираат по извршен попис од пописна комисија на правните лица.
Оттука, кражбите предизвикуваат негативни финансиски импликации за субјектите во малопродажбата, кои дополнително се зголемуваат заради даночниот третман на кусоците во трговијата.
Имено, согласно даночната регулатива во нашата држава, кусоците настанати во тековното работење во малопродажбата по основ на кражби имаат даночен третман на непризнаен расход за даночни цели. Износот на утврдениот кусок во трговијата подлежи на плаќање на данокот на добивка и данокот на додадена вредност. Дополнително, овие кусоци се оданочуваат и со данокот на личен доход, бидејќи не претставуваат кусоци кои се поткрепени со соодветна документација, а настанале како резултат на вонредни настани (кражба која е пријавена кај надлежен орган, пожар или други природни непогоди).
Постојниот даночен третман на кусоците во малопродажните објекти во кои купувачите имаат физички контакт со трговската стока упатува на намера за скриени исплати на добивка или на тоа дека постоела намера за одредени настани припишани на сопствениците или менаџерите на продажните објекти, чија крајна цел е лично примање, што во реалноста најчесто не е случај. Во конкретните ситуации не станува збор за остварен приход од страна на сопствениците, ниту за скриени исплати на добивка како приход на сопственикот, туку за претпоставен приход, односно доход, заснован на фактот дека лицата кои ги присвоиле производите не може да се идентификуваат.
Така, покрај тоа што трпат штета од настанатите кражби на конкретни производи, близу 19.000 малопродажни објекти дополнително трпат негативни последици за износите на данок со кој се товари износот на кусоците по основ на кражби во малопродажните објекти.
Решение на проблемот со кој се соочуваат трговците на мало во објекти во кои купувачите имаат физички контакт со трговската стока би било, под одредени услови, кусоците кои на крајот на година ќе се евидентираат во деловните книги да добијат третман на даночно признаен расход.
Оттаму, може износите на кусоците во малопродажни објекти во кои купувачите имаат физички пристап до трговските стоки утврдени со попис, а кои се предизвикани од секојдневни кражби, во нормирана рамка во висина од 0,5-1,0% од остварениот промет во пресметковниот период по вид на трговска стока, да не се сметаат за непризнаен даночен расход за даночни цели.
Со ваквиот пристап би се специфицирале производите, односно трговските стоки кои најчесто се предмет на кражби и би се избегнала можноста за злоупотреби во насока на прикажување на кусоци кај одредени трговски стоки за кои поради нивните карактеристики (габарит и сл.) е невозможно да не се утврди кражбата, а воедно би се постигнал правичен даночен третман на расходите на малопродажните објекти во кои купувачите имаат физички пристап до трговските стоки.
Анета Димовска, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.