КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ОД МВР ПРОТИВ ВНУЦИТЕ НА АЛИ АХМЕТИ - еве за што се товарат Дрин Ахмеди и Бесијан Ахмети
Објавено во: Македонија 22 Јули, 2024
Министерството за внатрешни работи соопшти дека денеска поднело кривични пријави против вкупно девет лица. Врз основа на прибраните докази од страна на единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран криминал, две лица кои биле директори на една иста кичевска фирма, но во различни периоди, се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување согласно член 353 од Кривичниот законик. На останатите седум лица, сите вработени во државни институции, им се става на товар дека сториле несовесно работење во службата според член 353-в од Кривичниот законик.
Според порталот 360 степени, накратко, полицијата тврди дека фирмата копала варовник кај кичевски Зајас согласно концесиски договор, ама не уплаќала пари во државниот буџет согласно договорот. Така, според МВР, направиле штета од околу 27 000 евра на буџетот. МВР поднесе кривична пријава против двајцата директори на фирмата. Едниот, Б. А., бил директор на фирмата од 2008 до 2017 година. Другиот, Д. А., е директор на фирмата од 2017 година досега.
Упатени извори од МВР потврдија дека зад иницијалите Д. А. стои Дрин Ахмеди, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. По проверка на податоците во Централниот регистар редакцијата бргу дошла до заклучокот дека станува збор за фирмата „Еверест ЏД“, каде што до 2017 газда и управител бил Бесиан Ахмети, а од 2017 досега и двете улоги ги презел неговиот брат, Дрин Ахмеди.
„Во период од 2016 година до 2023 година кривично пријавените постапиле спротивно на чл. 75 ст. 1, 2 и 3 од Законот за минерaлни суровини и чл. 11 од Договор за концесија за експлоатација на локалитет во општина Зајас, склучен меѓу правното лице и Владата на РСМ, претставувана од страна на тогашниот министер за економија. Истите биле должни да плаќаат точно утврден годишен надоместок за користење на просторот кој бил доделен со концесија за експлоатација и надоместок за експлоатирана количина на минерална суровина, пресметани согласно тарифникот за утврдување на висина на надоместоци за издавање на дозволи и концесии, како и да достават геодетски елаборати со пресметка на откопаните количини на минерални суровини, со прецизно наведени количини на откопана количина на минерални суровини и периодот во кој тоа е извршено, предвидено во чл.64 од Закон за минерални суровини, со што постапиле спротивно на Законот и одредбите од предметниот договор за концесија, и како потписници на сметка на правниот субјект исплатиле помалку концесиски надоместоци во вкупен износ од 1 671 894 денари, при што предизвикале штета и на Буџетот на РС Македонија“, пишува во соопштението на МВР.
Така, според МВР, и Дрин Ахмеди и неговиот брат Бесиан, користејќи ги придобивките од концесијата која останала активна за цело време, биле во можност да бидат избрани како носители на договори за јавни набавки. Фирмата која ја воделе добила тендер од АД ЕСМ во висина од околу 125 000 евра со ДДВ и тендер во прилепски „Водовод и канализација“, во висина од околу 15 000 евра.
Согласно систематизацијата на работните места, надлежни да го следат концесискиот договор биле пријавените Ф. Ч., Е. Љ., Ј. К., А. М., и К. Ш. „Истите пропуштиле да извршат должен надзор над реализација по основ на договор склучен помеѓу Владата на РС Македонија претставувана од министерот за економија и правното лице од Кичево, односно договор за доделена концесија за ископ на градежно-технички камен ‘варовник’ и без да утврдат дека концесионерот не доставувал геодетски елаборати со пресметка на откопаните количини на минерални суровини, предвидена во член од Законот за минерални суровини, како и дека не вршел исплата на концесиските надоместоци утврдено со склучениот договор, му овозможиле на правното лице да ги користи придобивките од концесијата и непречено да остварува приходи. Согласно горенаведеното, пријавените извршиле кривичното дело несовесно работење во службата предвидено во членот 353-в од КЗ“, се вели во соопштението.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.