Криза ќе биде и за државните регулатори, во 2021 со помалку пари
Објавено во: Економија 26 Јануари, 2021
Државните регулаторни тела во Македонија за работењето во 2021 планираат многу помалку приходи, односно многу помали буџети, најмногу поради падот во работењето на приватните оператори од каде што се финансираат.
Регулаторна комисија за енергетика во 2021 ќе има седум милиони денари помалку во однос на планираното за 2020. Најголемиот приход - оној од наплата на годишен надоместок од носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности и странските друштва е програмиран во износ од 57.756.522 денари.
„Планираниот приход на друштвата што вршат енергетска дејност и давателите на водни услуги за 2020 година е пресметан врз основа на остварениот приход на овие друштва во 2019 година, со предвидување за негово намалување за 8 отсто заради економската криза што е последица на пандемијата, и изнесува 135.140.518.599 денари“, велат од РКЕ.
Предложениот процент на зафаќање од овој регулатор за оваа година е 0,0441 отсто и е за 4,13% помал во однос на процентот на зафаќање од лани. Инаку законски утврдениот максимум е до 0,1 проценти.
Агенцијата за цивилно воздухопловство ќе има буџет од 184.600.000 денари, или помал за 16,5 милиони денари. Поради катастрофалната ситуација во воздухопловството, најголемите приходи, оние што следуваат како надоместок од услуги во навигацијата се проектирани од 170 милиони во 2020, на 150 милиони денари за 2021, но сепак во зависност од сценариото.
„Пандемијата Covid 19 што го зафати целиот Европски регион па и пошироко во 2020 година имаше директен и катастрофален удар врз воздушниот сообраќај и воздухопловството во целина а со тоа и врз финансиското работење на Агенцијата за цивилно воздухопловство.Со оглед на нејзиното очекувано продолжено присуство и во 2021 година Агенцијата за цивилно воздухопловство и во 2021 година ќе се бори за одржување на финансиската стабилност во ново настанатите услови со цел намалување на негативните последици и влијанија врз остварување на целите и предметот на нејзиното функционирање.
Од таму велат дека единичната цена на прелети во 2021 година е определена на ниво на 50,87 евра или 13,1 отсто пораст во однос на 2019 година.
„Намалувањето приходите се согласно негативните ефекти на пандемијата Covid 19 од март 2020 година и падот на нивото на воздушниот сообраќај согласно податоците и прогноза за нивото на сообраќајот од меѓународните институции од областа на воздухопловството.Утврдените приходи се согласно постапката на утвдување на единечната цена на прелети во соработка со Eurocontrol Брисел“, тврдат од АЦВ.
Во проекцијата на вкупните приходи на Агенцијата за електронски комуникации за 2021 година се планирани приходи во вкупен износ од 566.750.000 денари, што се за 40,56 отсто помалку во однос на планираните вкупни приходи за 2020 година. Регулаторот на телекомуникациските оператори сепак за користењето на радиофреквенциите ќе наплати многу повеќе - 460 милиони денари или околу 50 милиони повеќе за една година.
Но и покрај тоа во годишниот буџет на АЕК не се предвидени големите финансиски залихи од минатите години и затоа ќе има големи намалувања во трошењето за капитални инвестиции, опрема, донации, надоместоци за вработени и за интелектуални услуги.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.