Добивај вести на Viber
Стопанството се повеќе ја чувствува политичката криза. Бизнис секторот алармираше дека странските партреи им ги откажуваат посетите во земјава, и дека не се склучуваат нови договори, затоа што странските партнери не ја гледаат земјава како стабилна.
„Странските партнери, поради моментот дека можеби нашите компании нема да можат навремено да вршат испорака на договорените услуги и производи не се одлучуваат да ја посетат земјава и посетите се откажуваат, а со тоа не се финализираат договорите што биле планирани,
вели Билјана Пеева Ѓуриќ од Стопанската комора на Македонија“
Стопанската комора веќе имаше и спроведена анкета која покажуваше дека бизнис секторот директно ги чувствува последиците од политичката криза во земјава.
А, влошената политичка клима веќе ја наметнува потребата од ребаланс на буџетот сметаат економистите. Универзитетскиот професор Сами Беслими објаснува дека во услови на политичка криза, доаѓа до намалување на домашната понуда, надворешно трговскиот промет и потрошувачката. Намалувањето на потрошувачката, доведува до намалување на даночните и другите фискални приходи. Потоа, и до поскапување на кредитирањето, поради зголемениот политички ризик.
„Намалениот прилив на средствата во буџетот, неминовно ќе ја наметне потребата од ребаланс на буџетот. Иако, власта (било која) во изборна година не би си дозволиле кратење на буџетската потрошувачка и, веројатно би се одлчиле тој недостиг на средства на приходната страна на буџетот да го покријат со дополнително задолжување, но, најавеното заострувањето на условите за кредитирање од меѓународните финансиски институции, веројатно ќе ги принуди на интензивирање на задолжувањето во внатрешниот финансиски пазар. Било како, верувам дека најдоцна до крајот на септември ќе имаме ребаланс на буџетот“,
вели Беслими.
Ако песимистичкото сценарио на НБРМ за раст на економијата од 1,6 % се оствари сигурно ќе има влијание врз обемот на јавните инвестиции, во смисла на нивно намалување што може да значи дополнителен дефицот во буџетот, сметаат економистите.
„Тоа од своја страна ќе бара и ново задолжување и прашање е по кои каматни стапки ќе може тоа задолжување да се направи имајќи во предвид дека и референтната каматна стапка е зголемена. Така што има и неколку фактори кои може да влијаат и позајмувањето од страна на државата да поскапи, во смисла да се нудат повисоки каматни стапки за државни хартии од вредност или за задолжување во странство , “ вели Владимир Филиповски универзитетски професор.
Народната банка излезе со две сценарија за раст на економијата. Според песимистичкото сценарио на НБРМ растот на економијатаа годинава може да изнесува 1,6%.
С.Н.