22 Јануари, 2025
0.0311

КРВАРЕЊЕ ОД ОЧИ, МНОГУ ВИСОКА ТЕМПЕРАТУРА И СМРТНОСТ ОД 88 ОТСТО – ВИРУСОТ МАРБУРГ Е ОПАСНА ЗАКАНА: Избувна во Танзанија

Објавено во: Свет 22 Јануари, 2025

Добивај вести на Viber

Марбург вирусот, смртоносен патоген сличен на еболата, повторно се појави во Африка, предизвикувајќи страв и загриженост. Танзанија прогласи избувнување на овој редок, но изразито опасен вирус, кој се пренесува преку директен контакт со телесни течности на заразени лица или контаминирани површини.

Претседателката на Танзанија, Самиа Сулуху Хасан, вчера ја потврди појавата на вирусот Марбург во северозападниот регион Кагера, со еден регистриран случај.

„Лабораториските тестови спроведени во лабораторија во Кагера и подоцна потврдени во Дар ес Салам, идентификуваа еден пациент заразен со вирусот Марбург“, рече таа на прес-конференција во Додома, град во центарот на земјата, на која исто така присуствуваше и генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус.

Во истата област на 10 јануари, починаа дури осум луѓе, кои имале типични симптоми на Марбург, вклучувајќи главоболка, висока температура, болки во грбот, дијареа, повраќање крв, мускулна слабост и надворешно крварење.

Тим за брз одговор веќе е испратен во областа за да ги следи сите сомнителни случаи и да се обиде да ја спречи појавата. Ваков чекор уследи по извештаите на Светската здравствена организација (СЗО) за сомнителни случаи во истиот регион, каде што беа пријавени девет суспектни, вклучувајќи осум смртни случаи.

-Откако првите сомнителни случаи на Марбург беа пријавени претходно, Танзанија ја засили својата реакција преку подобрување на откривањето на случаи, поставување на центри за лекување и мобилна лабораторија за тестирање на примероци, како и распоредување на национални тимови за одговор.Како што знаете, Танзанија има стекнато значително искуство во контролирањето на Марбург, бидејќи ова е второ пријавено жариште на болеста во Кагера. Првото жариште беше пред речиси две години, во март 2023 година, при што беа пријавени вкупно девет случаи и шест смртни случаи.Инвестициите на владата во одговор на претходното жариште изградија капацитети кои, се надевам, ќе ѝ овозможат на Танзанија да го стави под контрола најновото жариште што е можно поскоро.За да го поддржи одговорот на Танзанија, обезбедени се 3 милиони американски долари од Фондот за итни случаи на СЗО, изјави Тедрос.

Загриженост и мерки за заштита и во соседна Руанда

Во изјава за Фактор, Ландри Теофил Нијитегека од „Новинари без граници“ вели дека властите веќе преземаат засилени мерки за да не дојде до ширење на жериштето на вирусот.

„Вирусот Марбург предизвикува голема загриженост во регионот, посебно во Руанда каде што живеам, но и во останатите соседни земји. Веќе се преземени чекори за зајакнување на контролите на границите, со цел да се спречи евентуалното ширење на вирусот. Информирани сме дека се следи состојбата многу внимателно, а здравствените работници се во готовност да реагираат брзо доколку се појават сомнителни случаи,“ вели Нијитегека, фриленс новинар од „Новинари без граници“.

Сѐ што треба да знаете за вирусот Марбург

1. Што е вирусот Марбург?
Марбург вирусот е редок, но исклучително смртоносен патоген од семејството Filoviridae, исто како вирусот ебола. Првпат е идентификуван во 1967 година во Германија и поранешна Југославија кога лабораториски работници биле заразени преку експериментални мајмуни увезени од Уганда.

Марбург, Германија:

Работници во лабораторијата „Behringwerke“ (дел од фармацевтската компанија Hoechst) се заразиле додека правеле истражување со мајмуни увезени од Уганда.

Франкфурт, Германија:

Слични случаи биле забележани во лабораторија поврзана со фармацевтска компанија, која исто така ракувала со истите мајмуни.

Белград, екс-Југославија:

Заразата се случила во истражувачки институти каде се користеле мајмуни за научни експерименти.

Причина за зараза:

Мајмуните биле користени за производство на вакцини и други биолошки материјали. Некои од нив биле асимптоматски носители на вирусот Марбург, кој се пренел на луѓето преку контакт со нивната крв и ткива.

Ова прво жариште резултирало со 31 случај на инфекција (25 во Германија и 6 во Југославија), од кои 7 починале.

2. Како се пренесува?

Преку директен контакт со телесни течности (крв, плунка, урина, фекалии, пот, повраќање) на заразени лица.

Преку контакт со контаминирани предмети, како облека или медицинска опрема.

Од животни на луѓе, најчесто преку мајмуни или лилјаци (особено видот Rousettus aegyptiacus).

3. Симптоми на инфекција:Симптомите обично се појавуваат 2 до 21 ден по изложувањето.

Рани симптоми: Главоболка, висока температура, слабост, мускулна болка.

Среден стадиум: Гадење, повраќање, дијареја (често крвава), абдоминална болка.

Касен стадиум: Хеморагиски синдром – внатрешно и надворешно крварење, модринки, крварење од носот, очите или непцата.

Тешки случаи: Може да доведат до шок, откажување на органите и смрт.

4. Стапка на смртност:

Зависи од сојот и условите за третман, но може да достигне 88%.

5. Постојат ли лек или вакцина?

Лек: Нема специфичен лек. Терапијата е поддржувачка и вклучува:

Инфузија за рехидратација.

Обезбедување електролитен баланс.

Лекување на специфични симптоми.

Вакцина: Засега нема одобрена вакцина, но клинички испитувања се во тек за експериментални вакцини и антивирусни третмани.

Анита Буховски


Можеби ќе ве интересира

ТРАМП ЈА РЕНОВИРАШЕ ОВАЛНАТА СОБА: Го врати познатото црвено копче, за полесно да нарача сок

ТРАМП ЈА РЕНОВИРАШЕ ОВАЛНАТА СОБА: Го врати познатото црвено копче, за полесно да нарача сок

ЌЕ УСПЕАТ ЛИ ДА ГО ФАТАТ? Франција издаде нов налог за апсење на Башар Асад поради извршени воени злосторства

ЌЕ УСПЕАТ ЛИ ДА ГО ФАТАТ? Франција издаде нов налог за апсење на Башар Асад поради извршени воени злосторства

ГИ РАЗГНЕВИ ЛИ ИЛОН МАСК ГЕРМАНСКИТЕ ПРАТЕНИЦИ? Бараат да се укине АФД иако со нив никој не сака да коалицира!

ГИ РАЗГНЕВИ ЛИ ИЛОН МАСК ГЕРМАНСКИТЕ ПРАТЕНИЦИ? Бараат да се укине АФД иако со нив никој не сака да коалицира!

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Tрамп потпиша наредби кои ќе донесат промени во САД, во Панама протест поради најавите за каналот

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Tрамп потпиша наредби кои ќе донесат промени во САД, во Панама протест поради најавите за каналот

БРОЈОТ НА ЗАГИНАТИ ВО ПОЖАРОТ ВО ТУРЦИЈА СЕ ИСКАЧИ НА 76: Полицијата приведе девет лица

БРОЈОТ НА ЗАГИНАТИ ВО ПОЖАРОТ ВО ТУРЦИЈА СЕ ИСКАЧИ НА 76: Полицијата приведе девет лица

ДАНСКИ МИНИСТЕР ЗА ИДЕЈАТА НА ТРАМП: Ниту една земја не може да се послужи со Гренланд

ДАНСКИ МИНИСТЕР ЗА ИДЕЈАТА НА ТРАМП: Ниту една земја не може да се послужи со Гренланд

МЕДВЕДЕВ: На светот не му треба златното доба на Америка

МЕДВЕДЕВ: На светот не му треба златното доба на Америка

(ВИДЕО) ЖИТЕЛИТЕ НА ПАНАМА СЕ БЕСНИ ПО НАЈАВАТА НА ТРАМП ЗА КАНАЛОТ: Го запалија американското знаме

(ВИДЕО) ЖИТЕЛИТЕ НА ПАНАМА СЕ БЕСНИ ПО НАЈАВАТА НА ТРАМП ЗА КАНАЛОТ: Го запалија американското знаме

(ВИДЕО) СО ВРЗАНИ ЧАРШАФИ ЛУЃЕТО СЕ СПАСУВАА ОД ПОЖАРОТ ВО ТУРЦИЈА: Брзаа да избегаат од огнената стихија

(ВИДЕО) СО ВРЗАНИ ЧАРШАФИ ЛУЃЕТО СЕ СПАСУВАА ОД ПОЖАРОТ ВО ТУРЦИЈА: Брзаа да избегаат од огнената стихија