Квалитетните македонски вина имаат високо заштитно дејство врз здравјето на луѓето
Објавено во: Економија 09 Јули, 2016 09:08
Кои македонски вина беа користени во истражувањето?
Во истражувањето беа анализирани црвени вина од три сорти на грозје: вранец, каберне совињон и мерло од три години на берба (2008, 2009 и 2010) произведени во ВВ „Тиквеш“. Целта беше да се направи споредба на фенолниот состав и антиоксидантната активност на сортата вранец, најраспорстранетата сорта во Македонија и економски најзначајна за државата, со интернационалните сорти каберне совињон и мерло. Вината од сортата вранец (2008) беа најбогати со пигменти, фенолни киселини, стилбени и флавоноли, кои значително допринесуваат за стабилизација на бојата, што е особена карактеристика на оваа сорта. Освен тоа, вината беа произведени во различни години на берба со цел да се провери дали и како се менуваат антиоксидантите во вината во текот на зреењето.
Од што зависи антиоксидантната активност на виното?
Антиоксидантната активност зависи од повеќе компоненти присутни во виното. Тоа се главно полифенолите, а меѓу нив флавоноидите (флвоноли, флаван-3-оли и антоцијани) и нефлавоноидите (фенолни киселини, стилбени) се соединенијата кои делуваат како антиоксиданти преку механизам на отстранување на слободните радикали кои ги напаѓаат клетките.
Стилбените, меѓу кои најзначаен е ресвератрол-3-глукозид (познат како пицеид) се доста проучувана група на соединенија. За активноста на пицеидот се направени бројни истражувања, главно насочени на неговото позитивно влијание врз кардиоваскуларни заболувања кај луѓето.
Според тоа, полифенолите се одговорни за антиоксидантните својства на вината и покажуваат различни биолошки активности и потенцијални здравствени ефекти, делувајќи против артериосклероза, коронарни срцеви болести и го инхибираат растот на канцерогените клетки.
На што се должат позитивните здравствени ефекти на виното?
Консумацијата на вино може да има позитивни, но и негативни ефекти врз здравјето на човекот, зависно од количеството на конзумирано вино и профилот на консументот. Умерената консумација на вино (1-2 чаши дневно) е поврзана со намален ризик од кардиоваскуларни болести, подобри когнитивни функции и намалена смртност меѓу лица од средна и подоцнежна возраст.
Полифенолите се главните компоненти кои го определуваат квалитетот на виното, и според тоа, тие се главните соединенија кои имаат позитивни ефекти врз здравјето на човекот. Црвените вина имаа повисока антиоксидантна активност во однос на белите вина бидејќи содржат значително повеќе биоактивни полифеноли.
Какви се македонските вина во споредба со оние од други региони во светот и колку антиоксидантните својства на македонските вина се познати во научната сфера во светски рамки?
Генерално, нашите вина се карактеризираат со висока содржина на полифеноли, вклучувајќи антоцијани, флаван-3-оли (танини), фенолни киселини и стилбени што ги прави силно обоени и стабилни, поседувајќи карактеристики на висококвалитетни вина. Тоа се должи на поволните климатски услови (температура, врнежи, плодна почва), кои комбинирани со современи технолошки постапки за производство, доведуваат до производство на квалитетни вина.
Високата фенолна содржина значи и висока антиоксидантна активност. Во ова истражување сите вина покажаа висока антиоксидантна активност, дури и повисока од вина произведени во Шпанија. Исто така, беше забележана и значително висока содржина на стилбени споредено со светски вина, со што се потврдуваат позитивните ефекти на црвените вина.
Резултатите од истражувањето се достапни на следниве линкови:
http://www.sciencedirect.com/science/article/pii/S0889157515000356
http://eprints.ugd.edu.mk/12887/1/Ivanova-Petropulos%20et%20al.-Phenolics%20and%20AOA%20Macedonian%20red%20wines-JFCA_2015%2841%29.pdf
Можеби ќе ве интересира
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




