19 Април, 2024
0.0278

Лабовиќ: Реформите во правосудството мора да се длабоки, а не декларативни

Објавено во: Македонија, Интервјуа 26 Септември, 2019

Добивај вести на Viber

Телото за реформи во правосудството составено од експерти доби уште еден незадоволен член кој си поднесе оставка и нема повеќе да учествува во процесот на изработка на стратегии и нови законски решенија. Професорот на Факултетот за безбедност Миодраг Лабовиќ во интервју за Фактор ги открива деталните причини како функционирало ова тело кое требаше да стои зад создавањето на нови правни реформи, зошто предлозите на експертите не се прифаќаат и дали сме заглавени во ќор сокак кога се во прашање институциите и изградбата на нивните капацитети поради што се случува и големото разочарување на граѓаните од актуелната состојба.

Фактор: Професоре Лабовиќ, деновиве е актуелна Вашата оставка од член на Советот за реформи во правосудството. Во писменото образложение на оставката ги наведувате моралните причини заради кои поднесовте оставка. Дел од јавноста смета дека и покрај сите проблеми требало да останете се` уште таму, а дел прашува зошто чекавте до сега, кога ваши колеги веќе дадоа оставки?

М.Л.  За тие што сметаат дека требало да останам се` уште таму, дадени се најголем дел од одговорите. Но, за тие што прашуваат зошто сум чекал до сега, морам да кажам дека јас не бев член на првиот состав на советот кога се донесе Стратегијата за реформи во правосудството (2017-2022). Во овој прв состав учествуваа меѓу другите и професорите што поднесоа оставки заради недоволно состанување на советот и забелешки дека тежиштето на одлучување се префрлило од советот во некои други места, како што тие тогаш изјавија. Мојата главна цел и улога при влегувањето во вториот состав на советот беше токму да ги поправам темелите на стратегијата кои беа утнати од тој прв состав. Знаев дека тоа е речиси невозможна мисија, но тргнав од паролата на студентите од 1968-та: “Бидете реални , но барајте го невозможното“. Уште тогаш реков дека ќе се обидам со сите мои сили да направам се` што е  во моја моќ и додека не бидат целосно исцрпени сите можности ќе останам во советот. Верувам ќе се сложите со мене дека би било кукавичлук и неодговорност да бегаш веднаш од предизвиците. Едноставно кажано, требаше да поминат повеќе седници додека успеав да се изборам да се прифати како посебна точка на дневен ред да бидат моите предлози за ревидирање на стратегијата со нови стратешки насоки и надополнување на некои од веќе постоечките. Откога тоа успеав, се испостави реално дека не е доволно само да биде посебна точка на дневен ред помеѓу повеќе други точки и само да се “протрча“ по точката, туку заради сложеноста и обемот на материјалот ( тоа го воочија и неколку други членови на советот) се наметна потребата оваа точка да биде единствена точка на дневен ред за да има доволно време да се дискутира по неа. На крајот на последната седница на советот на која што јас присуствував, точката беше ставена на дневен ред, (иако не беше единствена, пред неа беше само информацијата за преговорите околу ЗЈО), се случи тоа што го напишав веќе во оставката, по што јас пред советот им соопштив усно дека  поднесувам оставка, а утредента ја доставив и официјалната писмена верзија. Така да се беше како што требало да биде. Ниту избрзав, ниту предолго чекав, туку на истата седница кога без аргументи  не беа прифатени моите предлози, освен изговорот дека предлозите што содржат уставни измени Владата нема да ги прифати, јас на истата таа седница си поднесов оставка.

Што се однесува до прашањето дека некои колеги веќе дале оставки пред мене, одговорив во поглед на временската дистанца меѓу нивното членување во првиот совет и моето членување во вториот. Но, има разлики и во поглед на суштинските аспекти на оставката. Имено, јас мојата оставка не ја поднесов како нив само заради недоволно состанување на советот и забелешки дека тежиштето на одлучување се префрлило од советот на некои други места, иако тие проблеми помалку или повеќе останаа да се провлекуваат и за време на  вториот состав на советот. Меѓутоа суштинската разлика за причините на оставката меѓу мене и нив е во тоа што јас покрај сите други проблеми оставката ја поднесов и заради неприфаќање на генерално концепциските забелешки за темелите на стратегијата, кои сакав да ги променам со нови стратешки насоки кои целосно недостасуваат во стратегијата и со суштинско надополнување на некои од другите клучни стратешки насоки. Колегите немаа вакви суштински забелешки за стартегијата. Тие беа творци и главни промотори на стратегијата.

Фактор: Професоре Лабовиќ, освен главната причина што веќе ја наведовте во оставката, има ли и некои други причини?

М.Л. Една од причините за оставката е и целосното маргинализирање на улогата на Советот за имлементација на Стратегијата за реформи во правосудството, како највисоко советодавно тело за прашања од оваа област. Се`започна премногу амбициозно. Барем тоа беше првичната замисла за улогата на вториот состав на советот, како национално, надпартиско тело составено од правосудни функционери, експерти и универзитетски професори, со кој почна да претседава премиерот Заев, а од јуни 2019 претседавач е министерката за правда Дескоска. Но, како одминуваше времето, дали под притисокот на разните критики за советот, дали заради други причини, советот полека почна да се третира повеќе како бреме кое смета, отколку како тело кое помага, па така дури и по 3-4 месеци не се закажуваа седници на советот ( мај – септември 2018 г. и јуни- септември 2019 година). Понатаму, во процесот на одлучување и консултации за најбитните прашања од областа на правосудството, тежиштето на влијание беше префрлено од советот кон работните групи и поединици надвор од советот, со што советот стана тело, кое само прима информации за тоа до каде се и кои се разните верзии на предлог-законските решенија. Интересно е што тежиштето на предлагање односно изготвување законски решенија се префрли во работните групи во кои “главен експерт“ беше токму истиот професор што си поднесе оставка од првиот состав на советот и кој во тоа време критикуваше дека  не треба тежиштето на експертските одлуки да се префрла во други центри на отуѓена моќ, туку советот треба да ја задржи улогата на највисоко советодавно тело за реформите во правосудството.

Се разбира дека секој од членовите на советот имаше право да изнесе свое мислење, но изнесените мислења не беа доволно обврзувачки ниту пак доволно искристилизирани преку дебатата  во форма на валидни заклучоци. Често, за спротивставените мислења помеѓу членовите на советот  не се изнајде модус како да се искритализираат, во смисла, кое од нив е пооптимално. Имајќи предвид дека мнозинскиот принцип на одлучување преку гласање, не го одразува секогаш најоптималниот заклучок, овој принцип беше одбегнуван. Но, од друга страна и премногу општите заклучоци, во смисла дека работните групи при изработката на законите ќе ги земат предвид ставовите искажани од членовите на советот,  не  е адекватен модус за кристализирање на изнијансираните разлики, а понекогаш и суштински различните ставови помеѓу поедини членови на советот. Речиси на секоја седница на советот земав збор, дури и бев посочуван како многу “опширен“. Меѓутоа, редовно моите искази беа сведувани на минимум или целосно изоставени, за што докажува и електронската преписка за моја интервенција во записниците од речиси секоја седница на советот.

Фактор: Не одговоривте, имаше ли уште простор за борба или реформите во правосудството влегоа во „ендек“,  со оглед на  големите ветувања и очекувања на граѓаните дека ќе се градат независни институции, а ќе се врати правдата во Македонија. Што се случи со процесот на реформи?

М.Л. Видете, имаме големи корупциски скандали кои се`уште немаат судски епилог. Се појавија нови, а во иднина ќе има уште многу други вакви слични или уште поголеми корупциски афери кои нема да имаат кривично-правна завршница. Затоа, граѓаните, своите барања и притисоци треба да ги насочат, не само кон решавање на поединечните случаи, туку кон наметнување потреба од создавање систем кој по силата на својата внатрешна логика ќе функционира и ќе ги решава случаите на висока корупција и институционален тип на организиран криминал, без оглед на тоа дали имало или немало политичка волја кај највисоките носители на власт, кои и самите можат да бидат инволвирани во вакви случаи.

Оттука, неприфатливо е за мене, главните чинители во општеството да се залагаат декларативно за длабоки системски реформи во правосудниот систем, како еден од круцијалните сегменти на системското владеење на правото, а притоа крајниот лимит на реформите да го гледаат во донесување пакет-закони, кои се однесуваат само на процедурални, организациски, квантитативни и квалитативни кадровски и материјално-технички прашања. Овие измени секако дека се потребни, но очигледно е дека не се пресудни за квалитативниот исчекор кон целосна ревитализација на нашето правосудство, без подлабоко, квалитативно зафаќање во структурите на правосудниот систем и неговите потсистеми, со цел за обезбедување внатрешна и надворешна независност на правосудните институции и што е уште поважно – развиен систем на поделба на власта преку меѓусебна контрола и баланс на моќта меѓу клучните државни институции на највисоко државно ниво.

Граѓаните се сведоци дека сите денес се залагаат за независни институции. Меѓутоа, постојат големи, концепциски разлики во поглед на прашањето што подразбираме под независни институции. Уште поголеми се разликите за сфаќањето за развиениот систем на поделба на власта, во врска со приоритетните аспекти и димензии на негово доградување и развивање. Така што,, кога велам дека оставката ја поднесов од моралните причини, пред ` се мислам на тоа со оваа моја оставка барем малку ако е тоа можно да се влијае на промена на свеста за итноста од длабоки системски реформи во структурите на правосудниот систем , неговите потсистеми, како и другите нераскинливо поврзани системи во општеството.

Фактор: Поминаа речиси сите закони кои се однесуваат на тајните служби. Како ќе се одразат на разузнавањето и контраразузнавањето и дали премиерот со новите надлежности ќе стане премоќна фигура?

М.Л. Одбран е еден од стандардните модели познат во компаративните безбедносни системи, каде  разузнавачките и контраразузнавачките институции се владини агенции. Кај нас тие и досега беа под контрола на извршната власт, но сега се подигна само степенот на нивна поголема самостојност. Имено, како што е познато УБК излезе од составот на МВР и сега АНБ е под директна контрола на премиерот. Овој модел дава резултати во земјите каде се применува, но во сосема друг социо-културен контекст. Кај нас, по мое мислење, пооптимален е концептот  на вистински независни институции кои би се конституирале на квалитативно нов начин, заради премногу длабоки причини, за кои  сеуште нема интелектуална и морална доблест да бидат согледани од одлучувачките фактори. Инаку, контрадикција само по себе е да зборувате за владина независна институција.

Фактор: Најавен е процес на ветинг односно проверка на интегритетот на службениците, полицајците, инспекторите… Како треба да се спроведе овој процес и кој се треба да биде опфатен?

М.Л. Ветингот е сега како термин и процес трендовски наметнат, слично на тоа што се случуваше во  Албанија, каде доживеа неуспех. Инаку, има потреба од ветинг во суштинска смисла на зборот, како постојан, перманентен процес во кој ќе се проверуваат по неколку основи не само полицaјците односно овластените службени лица во МВР, туку и сите други ОСЛ во другите органи, во јавното обвинителство и судството. Затоа велам тоа мора да биде перманентен процес, без оглед која партија е на власт. Од тие причини ветингот мора да биде системски решен, а не кампањски да се води процесот. Еднаш мора да сфатиме и да прекинеме со партизацијата на институциите. Затоа што она што денес и го прави едната партија дури е на власт на другата во опозиција, утре ќе биде исто, само во обратна насока. Покрај сувото гори и зеленото. Страдаат професионалците, и на тој начин се деградираат институциите. Од комисијата што ја формираа во МВР велат ќе има строго утврдени критериуми и ќе се работи крајно транспарентно. Тоа може да бидат само празни флоскули, ако нема независни првостепени и второстепени инстанци кои ќе одлучуваат во жалбена постапка. Оттука, без длабоки реформи во правосудството не е можен и оптимален процес на ветинг. Второ, еден од главните и “најтврди“ основи на кои ќе се применува ветингот е криминалната позадина и поврзаност на полицијаците со одредени кривични дела, како и испитување на потеклото на нивниот имот. Како ќе се врши тоа кога ние немаме конзистентен и системски втемелен институт - исптитување  на имотната состојба. Тоа што го имаме е со толкави системски “дупки“, доволно само да го избламира процесот и субјектите што ќе го спроведуваат ветингот. Трето, каков ефект ќе има од еветуално докажување на поврзаност на полицајците со определени кривични дела и противправно стекнувањеимотна корист, ако нема ефективна конфискација. Долго време сум работел практично на тоа, а последните 15 години и научно докажувам дека имаме големи системски “дупки“  во однос на конфискацијата и проширената конфискација. Меѓутоа , на една стручна средба каде што се најави формирање работна комисија за иготвување закон за ветинг, тогашниот модератор и сега актуелниот претседател на комисијата за ветинг, кога зборував за овие проблеми на поврзаноста на ветингот и конфискацијата, ме прекина, со напомена дека за конфискација ќе зборуваме на друга конференција, Испадна дека конфискацијата нема врска со ветингот ! Според тоа, ветинг- ДА, но, како перманентен, системски процес, а не кампања, која само може само да го избламира процесот и субјектите што ќе го спроведуваат во услови на претходно недоволно реформиран правосуден, кривично-правен и политички систем.

Фактор: Можно ли е ново "Пржино" власта и опозицијата не можат да се договорат за решавање на статусот на СЈО како и продолжувањето на предметите кои произлегуваат од "бомбите", ни се заканува ли ново политичко решение кое нема да биде одржливо и ќе предизвика нова политичка криза?

М.Л. Мислам дека ново „Пржино“ во тој формат во кој беше 2015 г. нема да има од проста причина што и ЕУ не е едногласна околу процесот на проширувањето. Т.Н. меѓународна заедница си ја заврши работата со името. Морковот е за влегуваањето во НАТО, а ЕУ е друга приказна. Освен тоа, со преземањето на предметите на СЈО во редовното јавно обвинителство, Законот за ЈО не е повеќе приоритет ни за ЕУ ни за власта. А, со оглед на актуелните случувања, СЈО не може ниту во некоја реинкарнирана варијанта да се врати во рамките  на редовниот јавно-обвинителски систем, а да не зборуваме воопшто за варијантата - СЈО како независна институција..


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?