24 Април, 2024
0.0268

Лекарска грешка го оставила Агуш.С од Прилеп без рака

Објавено во: Анализа 07 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Откако пред 5 години малолетниот Агуш.С  поради скршеница на својата лева подлактица и несоодветната имоблизација на истата на одделението за ортопедија во прилепската болница  завршил со апмутација на левата рака, конечно ја добил  правдата и  заштитата на своето право на здравје како и надомест на штета поради претрпениот инвалидитет. Од невладината РОМА С.О.С од Прилеп кои од самиот почеток го следат неговиот случај, велат дека иако суровата судбина го оставила  детето без детство и со траен инвалидитет, барем дел од правдата е задоволена и конечно некој ја увидел и санкционирал грешката. На 10 септември 2008  година, седумгодишниот Агуш од Прилеп се здобил со скршеница на левата подлактица играјќи си во близина на семејната куќа. Детето било однесено во Општата  Болница “Борка Талески” во Прилеп на Oдделението за ортопедија и трауматологија каде што му била извршена имобилизација на скршената рака, раскажуваат од невладината организација РОМА С.О.С. Дежурниот лекар утврдил дека нема потреба од оперативен зафат, но решил да го задржи Агуш во болницата за следење на неговата состојба. Агуш почнал да се жали на болки во раката, по што следниот дежурен лекар заклучил дека е потребна хируршка интервенција доколку одлучи колективот, согласно протоколите за работа на Oдделението. На тој ден не е донесена одлука за оперативен зафат, при што гипсот е само рассечен. По ова, кај детето биле забележани промени на бојата на кожата и отоци, по што гипсот бил изваден, а на раката биле забележани знаци на гангрена. На 14ти септември Агуш бил префрлен на Клиниката  за детска хирургија  во  Скопје каде поради животно-загрозувачката состојба му била извршена ампутација на раката. Како последица на ова, Агуш сега има траен инвалидитет. Животот на малиот Агуш, велат од РОМА С.О.С е сменет од корен. Болката, траумите, секојдневната  борба да живее со една рака, никој не може да ги залечи, а уште помалку да ги заборави и избрише од сеќавањата, но неговата животна приказна може да биде мотив  секое медицинско лице во чии раце честопати е оставен човечкиот живот, двапати да размисли пред да донесе конкретна одлука. Петгодишната борба да се истера правдата е макотрпна и тешка, и долги години предмет на расправа во судниците.
“Во септември 2008 случајот е пријавен во РОМА С.О.С. од страна на родителите на малолетниот Агуш. Под сомневање за прекршување на правото на совесно лекување и остварување на правото на надомест на штета поради претрпен инвалидитет беа поведени две постапки, кривична и граѓанска, пред Основниот суд во Прилеп. Еден месец подоцна Министерството за здравство формира Комисија за утврдување на факти и околности по случајот која утврдува дека постои несоодветен третман од страна на лекарите, ненавремена хируршка обработка на раната, ненавремено регистрирање на промената на раката и ненавремено отстранување на гипсот, а случајот е преземен од Основниот јавен обвинител Прилеп по службена должност”, вели Несиме Салиоска претседател на НВО РОМА С.О.С од Прилеп.
Во ноември 2011 покренат  е обвинителен акт против 6 лекари ортопеди од Ј.З.У Општа   Болница “Борка Талески” Прилеп за кривично дело “Тешки дела против здравјето на луѓето” и “Несовесно лекување болни”. Во март минатата година по одржување на 16 претреси донесена е пресуда со која само двајца лекари ортопеди се прогласени за виновни и тоа лекарите кои биле на смена критичните денови на 12.09 и 14.09.2008 година. Казната е парична, доколку во рок од 1 година не направат ново кривично дело. Од  страна на Основниот јавен обвинител, поради нецелесно утврдување од судот кој друг лекар бил должен да обезбеди соодветна здравствена услуга на пациентот поднесена е Жалба против Пресудата на Основен суд Прилеп. Жалбата е усвоена од страна на Апелациониот суд во Битола и предметот вратен на повторно судење во Основен суд Прилеп со точни насоки за утврдување на спорните факти.
Обвинителот се откажа од понатамошно гонење на 5-те лекари и го продолжи кривичното гонење само за еден од лекарите односно дежурниот лекар кој го примил Агуш на лекување. Адвокатот на Агуш како приватен тужител го продолжил  кривичното гонење за сите 6 лекари. Во ноември лани донесена е пресуда со која се прогласува за виновен лекарот против кој основното јавно обвинителство го продолжило  гонењето и осуден на 3 месеци условна затворска казна, доколку во рок од една година не направи ново кривично дело, а останатите 5 лекари ги ослободи од обвинение”, додава Несиме Салиоска.
Што се однесува до граѓанската постапка и остварување на правото на надомест на нематеријална штета поради претрпен инвалидитет минатата година во март после изготвеното судско медицинско вештачење од специјалисти по судска медицина и криминалистика при Одделението за судска медицина при ЈЗУ Клиничка Болница “Др.Трифун Пановски” од Битола се утврдија причинско последичните врски од начинот на лекувањето и направената штета како и пропустите во лекувањето и третманот. Повторно судење пред Основен суд Прилеп По одржување на 6 судски рочишта донесена е пресуда со која се досудува надомест на штета во износ од 5.000.000,00 денари поради направената штета врз малолетниот Агуш како резултат на пропусти во лекувањето и недолжно внимание при вршење на лекарската професија. Барањето за доживотна рента е одбиено. Повторна постапка пред Апелационен суд Битола Институционалната борба продолжува. Поднесена е Жалба до Апелациониот суд против пресудата на Основен суд Прилеп од страна на адвокатот со која се обжалува досудениот износ на нематеријална штета и одбивање на исплата на доживотна рента. На 21 Јануари годинава,  Апелациониот суд донел  Пресуда со која ја преиначил првостепената пресуда во делот на досудениот износ за надомест на нематеријална штета и пресудил износ во висина од 2.700.000,00 денари, а предметот го вратил на повторно одлучување на првостепениот суд во однос на одбиеното барање за исплата на доживотна парична рента. Постапката за одлучување за исплата на доживотна парична рента пред Основен суд Прилеп е во тек. Преку застапување на овие случаи, велат од невладината РОМА СОС  се создава судска пракса во однос на донесување пресуди од страна на домашните судови за определување на медицинските грешки како основа за криминализација, а несоодветниот третман на пациентите во пристапот до здравствени услуги да се разгледува од правен аспект и не само во смисла на почитување на Хипократовата заклетва. Од невладината велат дека сеуште нема доволно информации за тоа како човековите права во здравствената заштита се применуваат во практика, а посебно за заштита од дискриминација во реализација на правото на здравје на маргинилизираните групи во земјава. И покрај голем број меѓународни и национални стандарди за заштита на правото на здравје,  сепак досега во административните, граѓанските и во кривичните постапки на националното законодавство, според нив,  бројот на поведени постапки за прекршувања или злоупотреба на правата од здравствена заштита е многу мал, додека во случајот на ромската заедница целосно отсуствува. Ова е втор случај за кој е добиена позитивна пресуда во постапките за заштита на правото на здравје и еднаков третман на Ромите како пациенти пред здравствените установи, за кои здружението нуди правна помош и стручна поддршка при инцирање и водење на судските постапки, преку проектот “Здравјето на Ромите – основно човеково право”. Во индивидуалните случаи кои се документирани во периодот од 2010 до 2013 година, како најевидентни прекршувања на правата од здравствена заштита се: прекршување на правото на совесно лекување, на правото на пристап до информации и медицинско досие, на правото на укажување соодветна медицинска услуга, на правото на заштита на лични податоци, на правото на користење лекови и понатамошна здравствена заштита, на правото на користење услуги од задолжителното здравствено осигурување, на правото на надоместок на штета поради претрпен инвалидитет, прекршување на личните права на телесно и душевно здравје, на правото на еднаков третман при давање на здравствени услуги, повреда на начелото на хуманост, достапност и грижа за здравјето, како и прекршување на правото на приватност и достоинство. Б.С.