16 Април, 2024
0.0674

ИНТЕРВЈУ ЉУПЧО НИКОЛОВСКИ: Мора да се обединиме за животот и иднината на граѓаните

Објавено во: Македонија, Интервјуа 08 Септември, 2019

Добивај вести на Viber

На денот кога прославуваме 28 години независна македонска држава пожелно е да направиме преглед на предизвиците со кои се соочивме во минатото, а ги имаше премногу за така мал временски период, како и да направиме поглед кон иднината со визија за тоа што ќе им оставиме на идните генерации. Со генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, разговараме за прославата на 8 септември во услови на голема општествена и политичка поларизација, како и за неказнивоста на високата корупција и криминал и партиското амнестирање со кое се одбегнува одговорноста пред законот со што елитите три децении проаѓаат неказнето, освен ако тоа не се смета кога се губи власт.

Фактор: Што според вас ја одбележа македонската државност во изминатите речиси три децении? Што ни недостасува за да имаме стабилна, просперитетна и суверена држава?

Николовски: Клучно е што по мирен пат дојдовме до независноста и што ја задржавме демократската, зaпадно-европска ориентација, односно чекорот со развиениот западен свет. После 3 децении еве не пред датум за почеток на преговори со ЕУ, како 30-та земја членка на НАТО, со економски раст, со повеќе пари кај граѓаните, сигурна и обезбедена иднина. Имаме причини, денеска особено, да се чувствуваме достоинтсвено и убаво, имаме со што да се гордееме.Исклучително важен период од конституирањето на македонската државност беше начинот на којшто дојдовме до независноста и таа прва декада од осамостојувањето на државата, основањето на македонската независна држава, меѓународното признание, Армија, демократски и законодавни институции. 

Пристапот по мирен пат, демокртатски, трасиран од Киро Глигоров, без човечки жртви да се бориме за своето остави траен белег и во понатамошното оформување на врските со државата со своите стратешки партнери. Тоа позитивно ќе влијае и на подоцнежниот развој и патот коj Македонија ќе го следи во наредните години и до денес е водилка која не смееме да ја загубиме.Покрај сите економски предизвици, па и безбедносни, имајќи го предвид конфликтот од 2001 година, сепак големината на оваа држава и сите нејзини граѓани е што успеа да ги надмине.Иако режимот кој 11 години беснееше сериозно беа загрозени демократските темели и постулати врз кои почиваше независноста на државата, граѓаните, повторно по демократски пат, со пенкало, ја вратија државата на вистинскиот пат, на патот на интеграциите, напредокот, економскиот раст, на патот кој води кон стабилност, членството во НАТО и ЕУ.

Тоа е клучниот пресврт за иднината на оваа држава и тука мора да бидеме свесни сите. На 27ми април беше загрозено се она што генерации пред нас го граделе, од независноста до тогаш, но овој народ, овие граѓани, не дозволија да паднеме во ендек. Неговата сила, силата на граѓаните се потврди уште еднаш. Од земја изолирана, непочитувана, доведена до работ на пропаста, каде некои дури го поставуваа прашањето и за поделба на државата, за 2 години ја направивме Северна Македонија светол пример во Европа, во светот. Изминатиот период земјава ја посетија голем број државници, од Меркел до Папата Франциск и многу други високи странски државници.Оттука, Договорот од Преспа би го издвоил како клучен за иднината на нашата држава кон интеграција во најмоќните светски сојузи. Тоа е патот кој беше зацртан на 8 септември 1991 и за кој сме сигурни дека ќе го изодиме до крај. А тоа е влез во НАТО и датум за преговори во Европската унија веќе оваа година, Исполнувањето на овие две стратешки важни цели значат гаранција за стабилност и безбедност но, и просперитет на државата. 

Фактор: Три децении со владините и претседателските мандати се менуваа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Некои лекции не се научени, едно се говори во опозиција, а друго додека сте на власт, има чувство на недостиг на одговорност и постојана меѓусебна амнестија на високиот криминал, корупцијата и нефункционирањето на институциите како сервиси на граѓаните. Како да се надмине оваа состојба?

Николовски: СДСМ како одговорна и државотворна партија не само декларативно туку и со конкретни чекори покажа дека е цврсто определена за независно и неселктивно функционирање на правото и правната држава. Борбата против криминалот и корупцијата мора да биде бескомпромисна, бидејќи таа е битна алка во градењето на демократскиот систем.Она што се случува во земјава, независни институции да отвораат истраги и да гонат лица без разлика на нивната позиција беше незамисливо во времето на ВМРО-ДПМНЕ.

Сега, кога сме на прагот на влезот во НАТО и добивањето на датум за преговори во ЕУ многу е важно државата да покаже што значи функционална правна држава. Темелите и условите за тоа се поставени, имаме независни институции, време е справувањето со криминалот и корупцијата да го видиме во полно светло, на дело. Секој, без разлика на политичка или било каква припадност вмешан во некаков криминал да одговара без разлика на неговата етничка, политичка или друга припадност. Законот е ист за сите и обврска е да се расчистат сите случаи каде постои сомнеж за корупција и криминал, вклучително и криминалот на режимот и тајкуните на ВМРО-ДПМНЕ. Секој, без исклучок. 

Новиот предлог Закон за Јавно обвинителство е важен сегмент за зајакнување на капацитетите на правната држава. Затоа, апелираме до сите пратеници од сите парламентарни партии да го поддржат ова законско решение кое е важно за правдата, но и за забрзување на интегративниот процес и започнување на преговорите со ЕУ. Доколку некоја партија не го поддржи, ги загрозува интеграциите во ЕУ, не сака правда и се става во одбрана на криминал. Не сакам да верувам дека ВМРО-ДПМНЕ навистина е со желба земјава да не добие датум за преговори и уште повеќе дека работи против интересите на државата.

Фактор: Славејќи го 8 септември, под црвено-жолтото знаме, химната и грбот, на што денес можат македонските граѓани да бидат горди, или пак од друга страна разочарани од практицирањето на државноста?

Николовски: Македонските граѓани предолго чекаа нашата држава да го добие заслуженото место и да биде дел од големото европско семејство. Премногу долго време државата беше изолирана и затворена што негативно влијаеше врз граѓаните. Денес, граѓаните можат да бидат горди и се горди, бидејќи ги решивме сите отворени прашања, ја обезбедивме иднината, повторно имаме економски напредок, обезбеден е идентитетот македонски, осигурана е иднината на сите граѓани. Денес граѓаните се горди затоа што живеат во држава која е 30 земја членка на НАТО и наскоро започнува преговори за членство во ЕУ. Горди затоа што граѓаните денес работат и живеат во општество кое е еднакво за сите и горди се на својот јазик и идентитет кои конечно се признаени од целиот свет. Горди дека се повеќе пари завршуваат назад кај граѓаните. Горди, затоа што станавме нормална, демократска држава во чиј фокус се граѓаните и нивната иднина.

Фактор: Македонија е на чекор до влез во НАТО, а во исчекување и на конечен датум за започнување на преговори за членство во ЕУ. Ова доаѓа по тешките и неизбежни компромисни договори со соседите. Кои стратешки определби мора да се исполнат и имаме ли визија како држава за идните генерации?

Николовски: Визијата е јасна: Република Северна Македонија, стабилна и сигурна држава, членка на НАТО и ЕУ, напредна, економски силна. Се она што го правиме во изминатите две години е во насока на остварување на оваа мисија. Република Северна Македонија мора да продолжи да се гради како едно општество, како држава во која младите ќе ја гледаат својата шанса наместо да се иселуваат, држава на достоинствени граѓани со повисок животен стандард. Затоа, стратешката определба е дека реформите мора да продолжат непречено. Тоа не е важно само заради интеграцијата во ЕУ и НАТО, многу поважно е првентствено за нас како граѓани. Исполнувањето на целите кои ги постави СДСМ како партија и Владата која ја предводи се всушност влогот за подобра иднина на следните генерации. Да им оставиме слободбна, напредна, европска држава во која ќе сакаат да живеат и ќе се гордеат со неа.

Фактор: На големите државни празници траба да бидеме сплотени, да се осврнеме на минатото без оглед колку тоа некогаш  се користи и за дефокусирање и поделби. Што би им порачале на вашите политички противници, може ли екстремната поларизација да се намали и да најдеме точки на обединување?

Николовски: Сите сме дел од ова наше парче земја и секако дека сите треба да бидеме насочени кон градењето на услови за подобра живејачка за сите нас. Во таа насока, не само за празниците, туку секој ден треба да сме сплотени и обединети, прво како граѓани,  потоа и како функционери на партии. Главна точка на обединување мора да биде животот на граѓаните и иднината на државата.

Затоа, апелирам до политичките противници да ја напуштат истрошената матрица на деструкција и антидржавно однесување и да дадат поддршка на реформскиот процес што е во интерес на граѓаните и државата. Низ конструктивен дијалог, низ отворени дебати, можеме да ги подобруваме законите и да ги реализираме потребите на граѓаните. Само така ќе покажеме дека можеме заедно да работиме во интерес на она што е добро за државата, за нашата, но и идните генерации.

По затворањето на прашањата со соседите почнавме да ја средуваме државата дома, дадовме рака за помирување а интензитетот сега го ставаме на фокусот на економијата-зелена нафта, ги решивме проблемите на лозарите, враќаме пари кај граѓаните преку низа на мерки, меѓу кои и повратот од ДДВ, се градат патишта низ цела држава, ја покачивме минималната плата-едноставно го креваме животниот стандард на граѓаните. Република Северна Македонија мора да ја направиме земја на среќни граѓани без разлика на политичките опции кои ги застапуваме.

Нека е за многу години Денот на независноста!

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Данела Арсовска: Универзална сала изгоре по еден месец откако е под Министерството за култура

Данела Арсовска: Универзална сала изгоре по еден месец откако е под Министерството за култура

УБАВА, ИНСПИРАТИВНА, ВО ЦРНО - обвинителката Фатиме Фетаи во свој стил го прослави 39 роденден

УБАВА, ИНСПИРАТИВНА, ВО ЦРНО - обвинителката Фатиме Фетаи во свој стил го прослави 39 роденден

Среќна сум што НЛБ Банка го препозна потенцијалот на нашиот проект во момент кога тоа ни е можеби најпотребно: Ксенија Николова за „Better Women Better World“

Среќна сум што НЛБ Банка го препозна потенцијалот на нашиот проект во момент кога тоа ни е можеби најпотребно: Ксенија Николова за „Better Women Better World“

„СЕВЕРНОМАКЕДОНСКАТА ВЛАДА Е ТРГНАТА, ГРЕШКАТА Е ИСПРАВЕНА“ - се огласи МНР по пропустот на Европскиот парламент

„СЕВЕРНОМАКЕДОНСКАТА ВЛАДА Е ТРГНАТА, ГРЕШКАТА Е ИСПРАВЕНА“ - се огласи МНР по пропустот на Европскиот парламент

Пад на бројот на ученици,затворени 14 училишта

Пад на бројот на ученици,затворени 14 училишта

„ОСМАНИ Е ЕДНА ОД ГОЛЕМИТЕ ГРЕШКИ НА СДСМ. ДАЛИ Е МЕЃУ ГРЕШКИТЕ ШТО ГИ ПРЕПОЗНАВААТ?“: Најчевска со реакција на изјавата на Османи дека нема да присуствува на средби на Отворен Балкан

„ОСМАНИ Е ЕДНА ОД ГОЛЕМИТЕ ГРЕШКИ НА СДСМ. ДАЛИ Е МЕЃУ ГРЕШКИТЕ ШТО ГИ ПРЕПОЗНАВААТ?“: Најчевска со реакција на изјавата на Османи дека нема да присуствува на средби на Отворен Балкан

Малолетник од Тетово украл автомобил и направил сообраќајка

Малолетник од Тетово украл автомобил и направил сообраќајка

СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ И ДЕНЕС ШТРАЈКУВААТ - се уште нема конкретен одговор од надлежните, предизборниот период главна кочница

СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ И ДЕНЕС ШТРАЈКУВААТ - се уште нема конкретен одговор од надлежните, предизборниот период главна кочница

„ДИРЕКТОРОТ НА ТОКСИКОЛОГИЈА СИ ЈА ВРАБОТИЛ СНААТА“: Новинарот Фуркан Салиу со уште еден „упад“ во клиника, овој пат обвинува за непотизам на Токсикологија

„ДИРЕКТОРОТ НА ТОКСИКОЛОГИЈА СИ ЈА ВРАБОТИЛ СНААТА“: Новинарот Фуркан Салиу со уште еден „упад“ во клиника, овој пат обвинува за непотизам на Токсикологија