20 Април, 2024
0.0360

Локалот

Објавено во: Колумни 03 Февруари, 2020

Добивај вести на Viber

Како минуваат годините потребата од трајно решавање на јавниот превоз во градот на Вардар станува се поактуелна и неминовност.Уште повеќе што сообраќајот станува се погуст,особено во шпицовите и на сообраќајниците во смерот исток-запад.Имам впечаток дека нашиве политичари пред секои избори го имаат трамвајскиот превоз како џокер во ракавот и со него и со неколку други веќе излитени ветувања сакаат да ги освојат симпатиите на гласачите.Знам, исто така, иако воопшто не сум стручен дека тоа е крупен залак што тешко се загризува но уште повеќе лесно се проголтува-тоа е прескапа инвестиција што се остварува во неколку етапи.....со еден збор не е доволен само еден мандат па по скопските улици да тргнат и сообраќаат трамваи еколошки совршено потребни во ерата на енормна загаденост не само кај нас туку насекаде по светот.

Трамвајот во Скопје е стара работа!Сообраќал со коњска запрега уште таму во 19 век на единствената линија Камен Мост- Дебар Маало.....и толку.Стотина години подоцна скопјани на референдум му велат не на трамвајот (не знам ни ден денеска зошто),годиниве плејада градоначалници својски се залагаат да го започнат решавањето на овој чекор кој од корен би го променил животот на секој од нас.Непотребно е лицитирањето со тоа кој бил прв градоначалник што ја почнал идејата и до каде стасал.Секој и малку свесен граѓанин знае дека тоа е долга и макотрпна работа-еден татко на градот ја почнува, друг ја спроведува трет или не знам кој ја завршува и ја сече лентата но не е најзаслужниот-барем јас така си мислам!

Си претурам така низ белава глава што ќе беше до колку не ја искорнавме пругата што поминуваше низ сред град се до Драчево и ги поврзуваше Кичево,Гостивар,Тетово,Ѓорче Петров и Скопје без многу размислување и визија.Можеби можеше таа да биде главната линија на идниот трамвај.Уште повеќе што генерации наши сонародници не можеа да го замислат животот без секојдневната употреба на локалот што застануваше на секоја бандера(што би се рекло) и ги носеше на работа,на училиште и на факултет (не дај боже и у болница и на свадба,нели така)!Кој не го знае,од постариве мои пајаташи сигналот на пругата карши Треска.Тука уште возот незастанат во темни зори од него изрипуваа патници од разна возраст,но главно млади луѓе со чанти и со табли за цртање(идни архитекти и инженери).Навечер истата слика само во обратна насока-се качуваат набрзина дур трае црвеното светло на железничкиот сигнал во близина на Ложионица и терените со шљака на ЖИШ(школото на железничарите со спортски терен послан со што друго ако не со прегорениот отпад од локомотивите).

Некој како мене ќе праша ама колосекот не е трамвајски(демек шрок).....се дур не бев на повеќемесечен престој и работа во Келн-таму сите линии се широки:кога го прашав Зоран Јордоановски мој колега од Радиото,другар и сега германски пензионер во Дојче Веле:мангупски ми се смее и ми објаснува.Е мој дебели што ги мислиш ова германциве тие во последната војна тие преживеале благодарение што у сред град пристигнувале композицци со огрев,храна,стока и со патници директно од цела држава.Такви биле времињата но и кога Рајна се излеа да не беа овие класични пруги алот кучињата со мас немаше да го јадат...

Си го замислувам историскиот локал како дел од трамвајскиот превоз и си велам тесен- широк колосек сеедно важно брзо се транспортираме од крај на крај од Скопје,градот чист,сообраќајот растоварен и скопјани задоволни.....Тенеси Вилијамс одамна има напишано драмски бестселер „Трамвајот наречен желба“ кој безброј пати е изведуван на даските што живот значат низ дуњава,а и доживеа филмска екранизација за која Вивиен Ли доби Оскар за најдобра женска улога.....во скопски услови слободна транскрипција на делото би била„ „желбата наречена трамвај“.....многу би сакал таа што побргу да стане стварност!  


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок