29 Септември, 2024
0.0231

Лукоил си оди од Украина?!

Објавено во: Анализа 02 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Вториот најголем производител на нафта во Русија "Лукоил" ќе ги продаде своите капацитети во Украина на австриската компанија AMIC Energy Management GmbH (AMIC). "Продажбата на мрежата на бензински пумпи и објектите за нафта во Украина ќе му помогне на "Лукоил" да ја оптимизира структурата на средствата и системот за управување на дистрибутивната мрежа во источна Европа", коментираат од руското претпријатие и дополнуваат дека стремежот е да се подобри ефикасноста на продажбата на нафтени производи. "Лукоил", најголемата приватна нафтена компанија во Русија, не дава детали за трансакцијата, која беше иницирана од австриската страна. Компанијата е меѓу првите пет на украинскиот пазар на гориво со 240 бензински пумпи и шест индустриски капацитети. "Би сакал да ја изразам својата искрена благодарност до нашите партнери за нивната подготвеност да ја разгледаат позитивно нашата понуда за купување на мрежата за малопродажба", коментира и Гинтер Мајер, извршен директор на AMIC. Во вторникот ултранационалистите блокираа неколку бензински пумпи на "Лукоил" во западна Украина со инсистирање компанијата да обезбеди бесплатно по 100 литри гориво дневно од секоја бензинска пумпа за потребите на украинската армија. Министерството за внатрешни работи на Украина и Советот за безбедност на земјата одбија да интервенираат со образложение дека активистите имаат "уставно право да ги искажат своите ставови". Во меѓувреме се појавија информации дека активистите се заканувале на вработените на бензиските станици и изјавиле дека нивната крајна цел е протерувањето на руската компанија од земјата. "Лукоил" поседува уште 13 бензински пумпи, како и еден објект за складирање на нафта, во Крим. Државниот руски нафтен гигант - "Росњефт", има 41 бензинска пумпа во Украина. Главниот извршен директор на компанијата Игор Сечин изјави дека Концернот планира да ги заштити капацитетите во земјата. К.К.