23 Јуни, 2024
0.0248

Мајка, жена, домаќинка, вработена – дали заслужила внимание само на 8-ми Март?!

Објавено во: Анализа 08 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Во стапката на вработени 39 % се жени наспроти 61% мажи, во руралните средини 3 од 4 жени се невработени, мал број се сопственички на бизнис, а само 11 % примаат плата над просечната. Жените заработуваат 1/3 од финансиите, наспроти 2/3 од мажите, немаат можност да ги користат субвенциите за рурален развој, само 2% се сопственички на земјиште, 4% на финансиска заштеда, а само 5% се сопственички на стамбен простор. Немаат пристап до сите нивоа на образование. Oд 24 членови на Владата само 2 се жени, 4 се градоначалнички, а во Советите на жени во општините само 28% од избраните советници се жени. Секоја 4 -та жена е жртва на семејно насилство, 40% од жените немаат избрано матичен гинеколог во руралните средини каде нема ниту една гинеколошка амбуланта. Ова се најновите податоци со кои оперира невладиниот сектор, а кои и во 21-от век ја оставаат жената сеуште на маргините на “успехот”. Македонската жена не помалку вредна и успешна од европските или светските, уште се бори за своите реални и вистински вредности и права. Родовата еднаквост е со родово-поделени податоци кои и натаму недостасуваат во многу области, растргнати во извештаи, институции, организации. Меѓународниот ден на жената 8-ми Март, според експертската и научната јавност е само причина повеќе да се помисли на статусот и состојбата на жената во македонскиото општество. За Националниот совет за родова рамноправност-СОЖМ, 8-ми Март служи како потсетник, да потсети дека битката за правата и слободите на жените и кај нас, но и во светот трае и треба да биде поинтензивна. На Македонија ú треба подобрување на статусот на жената на сите нивоа, за да не се дозволи таа да биде понижена, обесправена, машина за раѓање, работничка со прекувремена работа, а за тоа да не смее да се пожали никаде. Дискриминацијата, велат од СОЖМ, е најизразена при вработувањето и покрај силните закони за еднакви можности и членот 9 од Уставот кој гарантира еднакви права без оглед на вера, нација, пол или политичка припадност.
“Во Македонија постојат закони кои ги гарантира Уставот, но за жал тие не се применуваат и имплементираат целосно и правилно. Нема мониторинг за да се направи анализа колку истите се применуваат во пракса. Променета е состојбата на подобро од пред 20 години, но тоа не е причина да се откажеме од желбата и потребата од промени. Во првиот повеќепартиски парламент беа само4 жени, а денеска се околу 40, во образованието има се повеќе жени, последниве години бројот е за 10 % повеќе жени со магистерска тутула или доктори на науки. Но, има друг податок кој покажува дека процентот на невработени жени е константно непроменет, па од тука е прашањето каде одат високообразованите жени, магистри и доктори на науки?”, вели Савка Тодоровска –претседател на Националниот совет за родова рамноправност-СОЖМ.
Жената дискриминирана и во 21 век! Државниот советник во Министерството за труд и социјална политика и претседател на Комисијата за заштита од дискриминација, Душко Миновски, вели дека зачудувачки се фактите дека во нашата држава па и пошироко, и во овој степен на цивилизациски прогрес и напредок, сé уште жената е таа која е најдискриминирана. Оваа според него, релевантна констатација е присутна и има своја рефлексија и кај нас.
“Мора да истакнеме дека имаме сериозен исчекор, особено во делот на активната партиципација во општествено-политичкиот живот, и по бројот на жени пратенички и по однос на оние кои се на раководни функции, во образованието , судството, здравството, социјалната сфера и слично. Меѓутоа, секако мора да напоменеме дека жената и нејзината положба во општествениот систем во земјава, уште не задоволува, особено во делот на вработувањето и работните односи. Имено, зачудува фактот што многу често уште во самиот старт при објавување на огласи за вработување имаме дискриминација по однос на пол, односно во голем процент на огласите се бара да конкурираат девојки/жени со лимит во однос на возраста од 25 до 30 години, се бара фотографија, најчесто на ликот, но и од целата конституција. Истото упатува на директна дискриминација по основ на пол и мора најстрого да се санкционира”, вели Душко Миновски-претседател на Комисијата за заштита од дискриминација.
Евидентно е, додава Миновски, дека во самиот работен процес, жената за исто работно место и со иста тежина на работните задачи, со исти стручни квалификации добива помала плата од мажот. Многу честа појава во работните амбиенти е појавата на вознемирување и мобинг при што не смее да се исклучи сексуалното вознемирување, психолошкиот атак врз жената, негирањето и омаловажувањето. И покрај демократскиот исчекор во сите сфери на секојдневното живеење има подобрување на демократскиот капацитет на семејната заедница, но и натаму има брачни и семејни заедници во кои жената, мајката, има подредена улога во секојдневните семејни состојби. Покрај Уставот, судовите, сега е формирана и Комисија за заштита од дискриминација. Тоа упатува дека имаме систем кој треба да се почитува за сите граѓани, вклучувајќи ја и жената.
“Недвосмислено мора да се истакне улогата на медиумите во подигање на еднаквоста на можностите на половите, но имаме примери кога не се води доволно грижа за овој универзален концепт на еднакви можности, па имаме реклама за средство за чистење во кое и покрај сите генерации (баба, мајка, внука), нема ниту едно машко”, смета Миновски.
Констатирајќи ги сите аномалии или феномени кои ја притискаат жената на овие простори, таа е носител на одговорната улога на подигање на семејството и правилен раст и развој на децата. Македонија во својата нагласена тенденција за членство во ЕУ е во постојан процес на мониторинг, на хармонизација на нашето со европското законодавство.Тоа од друга страна придонесе да имаме Закон за заштита и спречување од дискриминација во април 2010-та, и со тоа заокружен систем и механизми за заштита, кои според надлежните, треба во целост да се почитуваат. Денот на жената 8-ми Март - комерцијализиран, оспоруван, посакуван, очекуван! 8-ми Март, како Меѓународен ден на жената, според психолозите е добар мотив за внимание и гест на љубов и благодарност. Но, истиот не треба да добие комерцијална конотација бидејќи реално секоја година се случува вистински натпревар за тоа кој каков подарок ќе подари, наместо подигање на свеста за тоа колкава е важноста на жената во животот на мажот, децата, семејството. Жената заслужува љубов, внимание и награда за сиот свој труд кој го вложува дома и на работа, но со убав збор, разговор, подарено цвеќе без посебен повод. Тоа велат психолозите ја зајакнува семејната заедница и хармонијата во домот, а за тоа не е потребен само еден ден, туку континуитет во вложувањето на сите членови во семејството или работната организација.
“Мајките и жените заслужуваат постојано внимание, израз на почит и љубов и од децата и од семејството, не само на 8-ми март туку по можност скоро секој ден, бидејќи на тој начин се влијае на развојот на децата во личности кои потоа ќе знаат да ја вреднуваат оваа функција. И наставниците навистина заслужуваат награда за она што со години го работат. Но, не треба да се опсипуваат со големи подароци за да им се надокнадат малите плати или поголемото внимание за одреден ученик. Треба уште на првата родителска средба да им се посочи на децата и на родителите дека училиштето е како втор дом, а наставникот како домаќин, кој не треба да се наградува материјално, туку искрено со една заедничка комуникација која ќе остане како трајна вредност која нема цена”, вели психологот и психотерапевт Мирјана Јовановска- Стојановска.
Мајка, жена, домаќинка, вработена, во сите функции ”ТАА“ е личноста која знае да се снајде и да го направи домот посреќен, семејството собрано околу огништето, работата навреме средена. Велат дека „мажот е главата во семејството, но жената е вратот”, па каде ќе се сврти таа таму ќе отиде и погледот! Честит 8-ми Март! Б.С.

Можеби ќе ве интересира

ЕВЕ КОЛКУ ТРЕБА ДА ВАЖАТ ВАШИТЕ ПАСОШИ ПРЕД ДА ПАТУВАТЕ: Нема да можете да влезете во овие земји ако не ги запазите датумите

ЕВЕ КОЛКУ ТРЕБА ДА ВАЖАТ ВАШИТЕ ПАСОШИ ПРЕД ДА ПАТУВАТЕ: Нема да можете да влезете во овие земји ако не ги запазите датумите