29 Ноември, 2024
0.0300

Маката ги натера ресенчани да ги нудат јаболката дури и на Фејсбук

Објавено во: Агробизнис 22 Ноември, 2018

Добивај вести на Viber

Производителите на јаболко во Ресен и Преспа кои имаат големи количини, немаат кому да ги продадат затоа што откупот не е на завидно ниво, и затоа почнаа да ги нудат јаболката на граѓани, на фирми, секаде каде ќе најдат шанса за продажба, па дури и на Фејсбук. Во одредени групи нудат јаболка за продажба, со прецизна информација за која сорта се работи, и колку е цената. 

Сепак, велат на ваков начин ќе се продаде многу малку од количините јаболка.

„Ги нудиме по Фејсбук, на граѓани, на фирми, дури им ги носиме, имаме достава, колку да не ни стојат дома. Купувачите се задоволни затоа што се работи за јаболко прва класа. Но, дали продадовме 10% од она што го имаме, јаболка има  многу, а од друга страна и трошоците за прозводство се високи, се трошат пестициди“, вели производителка на јаболка.

Горан Талевски од селото Долна Бела Црква кој ги истури јаболката поради ниската цена, вели дека бил револтиран, и достоинството му било згазено. Според него, ваква лоша сезона немало во последните 15 години.

„Јас живеам од земјоделство, си плаќам придонеси, не сум на товар на државата, и сега ќе бидам зијан. Ние сме дома шест члена, а во моето село има уште десет семејства кои исто како мене имаат околу 250 тони јаболко. Може да ги продадам за на пазар, но така дали една третина ќе се потроши. Имам 60 тони индустриско јаболко, а сам купувам амбалажа, една вреќа е 5 денари. Се надевам дека ќе земам субвенции. Ние упативме апел до премиерот, министерот, пратениците и од власта и од опозицијата да ни помогнат, да преземат мерки. Нормално дека јас како поединец нема да најдам извоз за руски или унгарски пазар. Јас треба да се гордеам што сум производител на храна, а не да се срамам што сум земјоделец“, раскажува Талевски.

Тој додава дека е многу разочаран и дека размислува да замине во странство, за воопшто да не мисли дали остатокот од јаболката ќе се продаде.

Состојбата е лоша кај сите. Имаме јаболка, ама никој не бара, цената е ниска, додава Златко Георгиевски од Ресен.

Во некои градови во Македонија убаво ресенско јаболко може да се најде и за многу ниска цена на пазарите која изнесува 10 или 15 денари по килограм. 

Сања Атанасовска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.