МАКЕДОНЦИТЕ РЕКОРДЕРИ ВО ПУШЕЊЕ: Најмладите пушачи имаат по 13 години
Објавено во: Македонија 28 Октомври, 2024
Граѓаните на Македонија се рекордери во пушењето цигари, a најмладите пушачи имаат по 13 години.
Според истражувања на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), бројот на активни пушачи кај нас изнесува 45,4 отсто. Има многу мал процент на луѓе – пет проценти кои се обиделе и се откажале од пушење во последните години.
„Во 2023 година во советувалиштата за откажување од пушење се јавиле само 43 луѓе, што е многу мала бројка. Односно, нема голема заинтересираност за откажување од пушењето кај населението“, велат од Институтот.
Оттаму нагласуваат дека како еден од најголемите и најзастапени ризик-фактори кај речиси сите видови хронични незаразни заболувања, употребата на тутун сериозно придонесува кон нарушувањето на општото здравје на популацијата. Кардиоваскуларни, респираторни, репродуктивни, малигни, ендокрини и многу други видови заболувања можат да се јават како последица од редовна употреба на тутун.
За споредба, во Европската Унија пушачи се 18,4 отсто, а во светот 17 отсто од населението. Речиси секој втор пушач во Македонија троши повеќе од една кутија цигари дневно. Од година во година возраста на која младите почнуваат да пушат се намалува. Просекот во земјава е 13 и пол години.
foto freepik.com