29 Април, 2024
0.0242

Македонија-Косово: Зошто се случува трговската војна од која сите губат?

Објавено во: Анализа 10 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Нема решение на повидок за трговската војна меѓу Македонија и Косово, каде што штети трпат и двете страни. Реакциите не стивнуваат, воведено е целосно ембарго  за влез на македонска стока во Косово, косовските граѓани пак плаќаат по 5 едра за влез на автомобил и дополнителни две едва за секој патник кој сака да стапне на македонска територија. Движењето на Блаце во меѓувреме е оневозможено и од блокадата на македонските камионџии кои беа први на удар од косовското ембарго. Загубите допрва ќе се пресметуваат и кај компаниите и кај транспортните претпријатија. Само кај камионџиите дневно загубата е околу 200 евра, вели Билјана Муратовска, генералниот секретар на здружението Макамтранс. „Колку подолго ќе трае спорот, толку поголеми ќе бидат загубите на превозниците. Покрај нас во загуба се и фирмите за кои го вршиме превозот. Бараме да се седне и да се преговара и да се престане со овие блокади, зашто ние транспортерите сме први кои ги чувствуваме последиците“, вели Муратовска. Собраќајот на граничниот премин е блокиран за сите возила и во двата правци. Иако владините претставници на Македонија и на Косово вчера во Приштина одржаа средба, и косовското ембаргото за македонски производи и таксата за влез во земјава на косовските граѓани остана. Експертите во меѓувреме погодуваат, зошто се случува трговската војна од која сите губат? Во интервју за Нова,  Мендерс Кучи претседател на Комората на северозападна Македонија предупреди дека Македонија ризикува Србија повторно да ги врати позициите на пазарот на Косово. Ваквите тенденции може да се и една од причините во позадината на одлуката на косовската влада, вели Кучи. Според аналитичарот Насер Зибери, економската криза меѓу Македонија и Косово,би можела да биде сценарио на македонската влада за да го одвлече вниманието од, како што вели, вистинските проблеми на земјата, нерешеното прашање за името кое е влезено во фаза на интензивни преговори, пренесува Алсат М. „Интензивирањето на активностите околу изнаоѓањето на решение за прашањето за името ја става македонска страна пред ситуација во која нужно се одредува за решение кое ќе го деблокира процесот на интеграцијата на земјата во НАТО и во ЕУ. Со оглед на тоа што Груевски и неговата партија беа премногу крути во овој пристап, можат да им послужат инциденти од ваква природа во функција на дефокусирање на вниманието на граѓаните, да се занимаваат со споредни, терцијарни прашања и вниманието на јавноста да не се концентрира во тоа што е од суштинско значење и кое е сериозен проблем, а тоа е решението за прашањето за името“, вели Зибери. Од Стопанските комори во Македонија исто така се сомневаат дека мерката нe е трговска, туку политичка. „Трговските мерки се носат во рамките на некои правила, а оваа мерка е вон сите правила.  Очигледно е дека не се работи  за мерка која е во рамките на ЦЕФТА, туку е билатерална од страна на Република Косово кон Република Македонија, за разлика од нашата мерка која беше во рамките на Договорот за ЦЕФТА. Мерката не е пријавена ни во ЦЕФТА Секретаријатот во Брисел со што се потврдува дека се третира како билатерална од Косово кон Македонија“, вели Љубица Нури од Стопанската комора и додава дека  Република Косово на некој начин си игра, така што кога е потребно мерката да биде покриена со ЦЕФТА се повика на Догoворот, а кога е вон секој контекст на ЦЕФТА викаат дека е донесена од страна на Република Косово. „Без разлика што во размената меѓу двете земји доминира македонскиот извоз сметам дека и косовските бизнисмени ќе изгубат со ад хок донесената мерка“, потенцира Нури и потсетува дека трговските војни не водат кон решенија што значат подем и развој. До Стопанската комора на Македонија досега стигнале рекации од Витаминка, Европа и други македонски компании на мерката воведена од Косово, а Комората, како што нагласи Нури, е во постојан контакт со Стопанската комора на Косово за изнаоѓање решение за проблемот. Во меѓувреме и СДСМ ги повика двете владите да преземат итни мерки за надминување на трговската блокада што сериозно ги загрозува односите меѓу двете земји. Тие побараа косовската Влада веднаш да ја укине одлуката за забрана на увоз на одредени производи, што претставува еден вид трговско ембарго кон Република Македонија, како и македонската Влада да ја укине одлуката за дополнителни давачки за граѓаните и превозниците од Косово при влез во Македонија. Попладнево Владата на Косово, како што јави дописникот на Радио Слободна Европа од Приштина, ги повика граѓаните на Косово да избегнат патување во Македонија поради неповолната ситуација и поради блокадата на границата сообраќајот на граничниот премин Блаце поради што на патниците им е дозволено да се движат само пеш. Лани вкупната трговска  размена на Македонија со Косово изнесуваше 421 милион долари, од кои 392 милиони беа извоз, а 29 милиони увоз. Во првите осум месеци од годинава размената е 145 милиони долари, од кои 132 милиони извоз, а 14 милиони увоз.