Македонија „не вработува“: 29 доктори на науки и 889 магистри без работа
Податоците на Агенцијата покажуваат дека вкупно 12.952 лица со завршено високо образование немаат вработување, додека со средно образование се 30.688 лица.
Објавено во: Македонија 28 Септември, 2016
Најголемиот број на невработени лица во Македонија се без образование или со основно образование, покажуваат последните податоци на Агенцијата за вработување за месец август. Во оваа категорија има вкупно 43.466 лица, додека со непотполно образование работа бараат 14.146 невработени. Без работа се 29 доктори на науки, како и 889 магистри.
Податоците на Агенцијата покажуваат дека вкупно 12.952 лица со завршено високо образование немаат вработување, додека со средно образование се 30.688 лица.
Очекувано, најголемиот број на невработени лица се регистрирани во Скопје (16.438), а втор град скопред бројот на невработени лица е Тетово со вкупно 13.330 невработени. Во Битола се регистрирани 5.866 невработени. Поголем број од невработените лица се мажи (61.188), а 42.754 се жени, или без работа се вкупно103.942 лица.
Според податоците што пред неколку месеци ги објави Светска банка, дури 50,80 отсто од младите во Македонија на возраст меѓу 15 и 24 години се невработени. Европската комисија во последниот Извештај за напредокот на Македонија наведува дека „невработеноста и понатаму е висока со 28%.
Стапката на невработеност постојано паѓа од 2008 година (34%), до 28% во 2014 година. Значајните родови разлики опстојуваат со стапки на економска активност на жени кои се значително пониски од оние кај мажите (56,8% во споредба со 84,5% за 2014 година). Создавањето работни места е вратено на просечната брзина во 2014 година, по напливот во 2013. Нови работни места се создадени главно во сектори со ниска продуктивност и земјоделството, поддржани од страна на јавните субвенции и активните мерки за пазарот на трудот. Се проценува дека јавниот сектор учествува со 20% од вкупната вработеност“, се вели во извештајот.