29 Септември, 2024
0.0234

МАКЕДОНИЈА ПО УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ: Атрактивен финансиски центар или „оф-шор“ дестинација?

Објавено во: Анализа 26 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Македонската финансиска зона ќе биде по примерот на Луксембург. На едно место ќе се привчечат банки, инвестициски фондови корпорации, чие доаѓање во земјава ќе придонесе за вкупната економија. Ова се дел од ставовите на министерот за финансии Зоран Ставревски во однос на еден од седумте амандмани за уставни измени, со кој се предвидува формирање на Финансиска зона во Македонија. Експертската јавност се подели, според едни ова решение е вовед во формирање на “држава во држава“, според други, се работи за потег кој ќе има позитивен ефект за вкупната економија. Македонија сака да стане Луксембург? Без дебата, експересно, нацрт-предлогот за измена на Уставот ја почна собраниската процедура за усвојување, доби виза во матичната  собраниска комисија. Со Устав ќе се гарантира формирање на Финансиска зона во Македонија, решение што отвори серија на дилеми и ја подели експертската јавност.
“Македонија има добра географска локација која е извонредно поволна во Европа, даночни поволности што во моментов ги нуди за фирми кои работат во слободни зони и на сличен начин би биле дефинирани во оваа финансиска зона. Исто така имаме  и  квалитетната работна сила која може да одговори на потребите на една финансиска зона. На тој начин би имале корист во две насоки: прво, во насока на етаблирање на Македонија  во меѓународната финансиска мапа како дестинација во која што би работеле меѓународни банки, инвестициски фондови и корпорации и второ, креирање на работни места што во случајов би биле работни места со повисока додатна вредност, односно работни места што ќе креираат и поголем ефект врз БДП“ – изјави министерот Ставрески.
Токму одлуката на Владата со уставни измени да овозможи формирање на Финасиска зона во земјава отвори дебата во експертската јавност. Едно од клучните прашања што се наметна е дали власта на ваков начин сосдава терен за отворање на Македонија како “оф-шор“ дестинација. Актуелниот министер за финансии тврди дека Финансиските зони што ќе се утврдат со Устав се со различен концепт од “Оф-шор“ дестинациите.
“Не станува збор за зона по примерот на оф-шор дестинациите во светот каде што се овозможува за даночни потреби да се регистрираат компании, банки и инвестициски фондови и слично, кои немаат освен таа регистрација никаква поврзаност со дестинацијата во која што се овозможува нивната регистрација и nемаат вработен“ – изјави министерот Ставрски.
Сепак, дел од економистите сметаат дека  финансиските и банакрските поволности што ќе важат само на “територијата“ на финансиска зона ќе создадат паралелен систем.
“Станува збор за формирање на “држава во држава“. Тоа ќе биде зона во која ќе важат сосема други закони. Законските прилагодувања според мене ќе водат кон финансиска манипулација. Тоа ќе значи збогување со суверенитетот. Сегашното законодавство на пример за работни односи, законите од финансиите или од трговијата ќе бидат сосема различни во и надвор од финасиската зона“, оцени неодамна  за “Фактор“ еден од поранешните министри за финансии и екс-гувернер Петар Гошев.
За дел од аналитичарите што ги консултираше “Фактор“ едно од клучните прашања е зошто власта реши ова прашање да го регулира со Устав, највисокиот државен акт. Имено, експертите велат дека ова прашање може да се регулира и со закон и поздаконски акти, а целта на Владата да го утврди со Устав се оценува не само како популистички потег, туку и решение што може да биде на штета на некоја идна Влада. Финансиска зона – отворена само за “чист“ капитал... Според сегашната замисла на Владата, територијално, Финансиска зона би била лоцирана на едно место. Ќе нуди даночни и финансиски олеснувања со кои треба да се привлечат меѓународни банки, инвестициски фондови и корпорации што сакаат да ги искористат поволностите. Притоа ќе бидат обврзани да се етаблираат на територијата на Македонија, односно да не се случи само регистрирање на компанијата, туку и да имаат назначено директор, вработувања и слично.
“Значи нешто по примерот на Луксембург во Европа каде што постои идентичен тип на финансиска зона, односно Луксембург е целата територија прогласена за таква финансиска зона бидејќи е мала земја. Но, Луксембург веќе станува скап. Таму правните, консултантските и другите услуги стануваат исклучително скапи и тоа е шансата на Република Македонија. Во исто време и во Швајцарија заради промените во финансиската регулатива се оневозможува веќе регистрирање на сите банки што порано се регистрираа во Швајцарија, така што тоа е просторот што ни се создава и каде што ние би сакале Македонија да може да се вклопи, во мапата на центри на земји каде што има финансиски центри за вакви меѓународни корпорации“ -истакна министерот Ставрески.
Според поранешниот гувернер Гошев, овој концепт на финансиски зони не е позната и применета пракса за европските економии, за што веќе реагираа и од Брисел.
Во случајов ќе се формира зона со големи поволности и екстра понуди за оние што ќе решат да влезат во неа. Тие поволности ќе бидат далеку поголеми од оние што сега ги нудиме преку Слободните економски зони. Во Европа не се познати ваквите финансиски зони, но затоа ги има на пример на исток, во Обединетите Арапски Емирати, во Дубаи, вели Гошев.
Ставрески тврди дека за влез на капитал во финансиската зона ќе се применуваат високи стандарди, односно дека нема да се дозволи прилив на нечист капитал или капитал кој не доаѓа од извори што се верификувани. Посочи  дека во Луксембург 25 проценти од БДП се создава од вакви финансиски услуги,  каде се регистрирани над 3.840 инвестициски фондови, а креирани 44.000 работни места.
“Зоната ќе се формира со закон кој исто така ќе биде предложен од Владата и донесен од страна на Собранието на РМ каде што сите овие основни рамки ќе бидат преточени во законски одредби и на тој начин ќе овозможиме да се создаде уште еден центар на креирање на работни места и на привлекување странски капитал што ќе ја етаблираат РМ на соодветно место на финансиската мапа во Европа и во светот“ – објасни  Ставрески.
Формирање финансиска зона е еден од седумте нацрт-амандмани на Уставот, што вчера беа усвоени од Комисијата за уставни прашања.