„Македонски навигации“ годинава ќе подели 18 милиони евра за плати
Објавено во: Економија 04 Март, 2025 07:50
Високите плати, во просек од околу 2.500 евра нето, во „Македонски навигации“, оваа година ќе се зголемат за нешто помалку од 10 отсто, според финансискиот план за 2025 на контролата на летови.
„М-Нав“ има предвидено за бруто плати исплата на 1.090.656.954 денари,или околу 17,88 милиони евра, што е за 9,98 проценти повеќе пари во однос на 2024. Прогнозата за растот на овој најосновен трошок се темели на динамиката на исплата на плати до ноември 2024 и во споредбата со финансискиот план за минатата година. Од „Македонски навигации“ велат дека тоа може да се дозволи со очекувањата за поголем раст на наплатата од зголемените прелети што се предвидуваат за оваа година.
Ова зголемување се должи на подобрувањето на воздушниот сообраќај во 2024 година, како иочекуваниот натамошен раст на сообраќајот во 2025 година. Воедно, во оваа ставка се вклучени и пресметките за бруто плати кои се однесуваат на трансформација на работен однос од студенти-инженери/техничари во инженери/техничари (7 вработени), вработување на 8 нови контролори на летање - студенти (јули-декември 2025 година) поради зголемен обем на работа, но и поради пензионирање на постоечкиот кадар, вработување 5 студенти метеоопсерватор/прогностичар (јули-декември),1 вработен во одделение AIS (Охрид), 1 cyber-security инженер (одделение IMS), 5 вработувања (инженери) во СВТ (јулидекември), 4 вработувања во СФРПРРИ (април-јуни). Покрај сето наведено, оваа ставка ги вклучува и трошоците за законското зголемување на бруто платите по основ на минат труд, сменска работа, надоместоци за работа во празник, зголемување на рејтинг на контролорите на летање“, пишува во финансискиот план.
Бруто платите и другите трошоци за вработените се убедливо најголемиот расход за „М-Нав“, кој планира да собере 23,33 милиони евра, главно од наплата на прелети, но и од приходи по основ на терминални услуги и приходи од останати услуги како по основ на давање на радарска слика и комуникациски услуги на Hungarocontrol.
Просечната нето плата во центарот за контрола на летови „Македонски навигации“ во 2023 изнесуваше околу 2.500 евра нето. Во објавениот ревизорски извештај за работењето на контролното воздухопловно тело пишува дека имало 310 вработени во текот на таа година. М-НАВ се финансира од наплата на прелети на авио компаниите кои потоа им ги доделува федерацијата Eurocontrol.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд




