„Македонски навигации“ со нова тура вработувања, се нудат плати до 100.000 денари
Објавено во: Економија 11 Јули, 2025 07:50
„Македонски навигации“ објави уште еден оглас за нова тура на вработувања на неопределено време, додека во тек е претходниот од 13 јуни кој крена прашина во редовите на самиот синдикат на вработените и покрена реакции на негодување. Платите што се нудат, како и претходно, достигнуваат до околу 100.000 денари.
Акционерско друштво за управување со воздушниот сообраќај и давање услуги во воздухопловна навигација во новиот „потолерантен“ оглас бара пет метеоролози, еден советник на извршниот директор за правни работи, финансии и инвестиции, еден човек за обезбедување и еден експерт за информатичка безбедност.
За четири метеоролози со високо образование се нуди плата од 61,859, а за еден метео-набљудувач 51,325 денари. За советникот во кабинетото на извршниот директор нето платата би била 72,565 денари, а обезбедувачот би бил платен со 33,629 денари. Информатичарот за сајбер безбедност би добивал 101,707 денари месечна нето плата.
Овој оглас за вработување е објавен во средата, а истовремено трае и тој од 13 јуни за кој синдикалните членови реагираа дека е тотално непотребен и дека ќе ја наруши работната атмосфера, затоа што се бараат кадри за кои нема потреба во „М-НАВ“.
На овој оглас се барал оператор за трансмисија на податоци (66.269 денари нето месечна плата),двајца работници во одделението за воздухопловни операции (66.269 денари) без попрецизни детали какви работни задачи би извршувале, двајца помошници за набавки (99.621), мајстор за климатизација (50,179), правник (65,899) и советник за општи работи (65,899).
Претходно, последниот оглас за вработување беше објавен на 18 декември 2023, кога синдикатот бурно реагираше по што се создадоа политички тензии и дојде до физичка пресметка со лица од надвор.
Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) вчера ја стави во мирување најавената одлука за штрајк, која требаше да се реализира истиот ден. Претседателот на ССКЛМ, Александар Тасевски, за МИА изјави дека синдикатот добил уверување дека дел од нивните барања се прифаќаат.
– Одобрено е барањето за нови вработувања на контролори на летање, како и спроведување на функционална анализа што ќе ги утврди потребните работни позиции и бројот на извршители – рече Тасевски.
Синдикатот побара пополнувањето на работните позиции да се изврши преку интерни прераспределби и реорганизации, со рационално искористување на постојниот кадар. Посочија и на недостиг од инженерски и контролорски кадар, застарен технички систем кој може секој момент да откаже, како и на фактот дека повеќе од девет месеци М-НАВ нема ангажирана агенција за обезбедување – и тоа во услови на рекорден пораст на авионските прелети.
Од управата на контролата на летови најавиле дека шест нови контролори на летање ќе бидат испратени на школување во странство.
Во М-Нав просечните плати се движат околу 2.500 евра.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии




